Германската банка за развој “KfW” овозможува кредитен пакет во износ од 80,5 милиони евра под поволни услови на Владата на РС Македонија за проекти во енергетиката, вклучувајќи транзиција од јаглен на гас, како и грант во износ од 2,4 милиони евра за изработка на физибилити студии и документација за обновливи енергетски проекти.
Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) потпиша договор со Германската банка за Развој “KfW”, со што се одобруваат 2,4 милиони евра во грантови за физинилити студии и останата документација за обновливи енергетски проекти со проектиран капацитет од 650 GWh (гигават/час) годишно. Овој договор го отвора патот на државната компанија кон повлекување на евтини кредити за проекти во износ од 80,5 милиони евра.
Премиерот Зоран Заев изјави: “Со потпишувањето на денешниот договор, правиме уште еден чекор напред во исполнувањето на зацртаните цели во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Тоа подразбира силна волја и посветеност за имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливо за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефити”.
Премиерот Заев изрази благодарност до пријателска Германија за целата поддршка која ја дава на нашата земја во последните 20 години за развојни проекти во вкупен износ од преку 500 милиони евра од кои повеќе од половина се во енергетскиот сектор.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјата Анке Холштајн изрази задоволство што соработката помеѓу двете држави се проширува и интензивира, овој пат во областа на енергетиката.
Со средствата од грантот ќе се поддржат фотоволтаични електрани во РЕК Битола со капацитет поголем од 140 MW, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола. Со имплементацијата на овие енергетски проекти би се зголемило производството на електрична енергија за околу 650 GWh (гигават/ час).