• пет. Мар 31st, 2023

ПРЕДЛОГ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦА ЛОНДОНСКА

Со предлозите за подобро Скопје, ќе започнеме со предлог за реконструкција на улицата Лондонска во Карпош.

“РЕКОНСТРУКЦИЈА” НА УЛ. ЛОНДОНСКА

Оваа улица се “реконструираше” на крајот на 2017та година и до денешен ден се уште нема хоризонтална ниту вертикална сигнализација на улицата. Поради тоа што се уште нема никаква сигнализација на улицата, веруваме дека има реална можност, без многу средства вистински да се реконструира истата. Нашиот предлог успеавме да го внесеме во програмот StreetPlan и може да се види подолу на сликата. Однапред се извинуваме што мерките се во стапки бидејќи така наложува програмот, но има и детално објаснување на нашиот предлог.

ПРЕДЛОГ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

На долниот дел од сликата може да ја видиме реалната состојба на улицата. Иако постојат 4 широки коловозни ленти, реално се користат само две, во два правци по средината на улицата. Крајните ленти се користат за паркинг на возила. На истата улица постојат и тесни тротоари од двете страни, на кои неретко се со паркирани возила на нив.

Според нашите груби мерки, ширината на улицата без тротоари е околу 14 метри и според тоа го направивме и нашиот предлог. Поради малата фреквентност на возила, сметаме дека на улицата треба да останат во функција само 2 коловозни ленти, коишто ќе бидат во два правци по средината на улицата. Тие би биле со ширина од 2,9 метри, сосема доволно за улица по која не би требало да се вози над 50 km/h. Веднаш до коловозните ленти, од двете страни треба да има организиран паралелен паркинг и тие паркинг-ленти би биле широки по 2,25 метри. Тука би ставиле рабници од двете страни и би завршила улицата. Делот којшто останува од двете страни на улицата, иако со ширина од по 1,5 метар, би се пренаменил во велосипедска патека.

Што добиваме:

  • модерна мултифинкционална улица,
  • физички одделен простор за велосипедисти и
  • добиваме ослободени тротоари за пешаците.

Брзината на движење на возилата би се ограничила на 30 или 40 km/h, со оглед на тоа што во близина се наоѓаат и училишта.

Искрено се надеваме дека овој предлог ќе наиде на одобрување пред се од жителите во тој дел на градот, но и од нашите читатели. Локалните власти се на потег.