• вто. Мар 21st, 2023

КРАТОК ВОДИЧ: ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО УПОТРЕБА И КАКО ДЕЛУВААТ

Десетина вакцини против коронавирусот влегоа во клинички испитувања во 2020та, а сега неколку од нив се веќе и одобрени за итна употреба во разни држави низ светот. Toa значи дека веќе можат и да се даваат на одредени групи на лица додека развојните тимови продолжуваат да собираат податоци за нивната безбедност и ефикасност. Доколку ги задоволат сите критериуми, овие вакцини може да бидат целосно одобрени во иднина. Во прилог е краток водич за сите вакцини коишто се моментално во употреба низ светот.

ВАКЦИНА НА ФАЈЗЕР-БИОНТЕК

Вакцината развиена од Фајзер и германската компанија за биотехнологија БиоНТек е 95 % ефикасна во заштита од зараза со Ковид-19. Вакцината се дава во две дози, од кои втората доза по 3 недели и мора да се чува на -70оС. На 11ти декември оваа вакцина стана првата Ковид-19 вакцина што е одобрена за итна употреба од страна на американската Агенција за храна и лекови (FDA).

Оваа вакцина е одобрена за итна употреба и од Обединетото Кралство, Чиле, Аргентина, Сингапур и од Европската Унија. Целосно одобрена е во Бахреин, Канада, Саудиска Арабија и Швајцарија. 

Вакцината како основа користи молекула наречена mRNA (информациона рибонуклеинска киселина). Таа во себе содржи насоки за градење на специфични протеини. Во овој случај го кодира спајк-протеинот на коронавирусот, структура која е залепена на површината на вирусот и служи за инфицирње на човечки клетки. Кога ќе навлезе во телото, вакцината дава насоки на човечките клетки да го градат овој проеин и на тој начин имуниот систем учи да го препознава и да го нападне.

ВАКЦИНА НА МОДЕРНА/НИАИБ

Оваа вакцина е развиена од американската компанија за биотехнологија Модерна заедно со Националниот Институт за алергија и инфективни болести. Исто како и вакцината на Фајзер, како основа користи молекула наречена mRNA (информациона рибонуклеинска киселина) и се смета дека е 94,5 % ефикасна во заштита од зараза со Ковид-19. Се дава во две дози, но втората доза треба да се даде по 4 недели од првата доза. Друга разлика во споредба со вакцината на Фајзер е дека оваа вакцина може да се чува на -20оС.

Оваа вакцина е одобрена за итна употреба најпрво од страна на американската Агенција за храна и лекови (FDA), а потоа и од Израел и од Европската Медицинска Агенција (EMA), агенција на Европската Унија. Оваа вакцина е целосно одобрена од Канада.

ВАКЦИНА НА ОКСФОРД И АСТРАЗЕНЕКА

Вакцината која е развиена од Универзитетот Оксфорд заедно со фармацевтската компанија АстраЗенека, се смета дека е 70 % ефикасна во заштита од зараза со Ковид-19.

Кај луѓе коишто примиле две дози од оваа вакцина, од кои втората по 28 дена, ефикасноста била 62 %. Кај луѓе коишто прво примиле половина доза, а по 28 дена цела втора доза, вакцината била 90 % ефикасна. Сепак, учесниците од клиничките испитувања кои примиле втора доза, ја примиле истата по грешка и поради тоа некои научници не ги сметаат овие податоци се репрезентативни.

Оваа вакцина е одобрена за итна употреба од страна на Обединетото Кралство, Аргентина, Индија, Мексико, Европската Медицинска Агенција (EMA) и Канада.

Вакцината содржи ослабена верзија на аденовирус, вирус којшто природно ги инфицира  шимпанзата. Научниците го измениле вирусот за да не може да се размножува во човечките клетки, а додадени се и гени коишто го кодираат спајк-протеинот на коронавирусот. Внатре во телото, вакцината влегува во клетките и ги пренесува гените на спајк-протеинот, којшто го користат клетките, за да го изградат тој протеин. Присуството на спајк-протеини предизвикува имун одговор.

ВАКЦИНА НА ЏОНСОН & ЏОНСОН/ЈАНСЕН

Оваа вакцина покажала ефикасност од 72 % во САД и 64 % во Јужна Африка, каде постои брзо-пренослива варијанта на коронавирусот што предизвикува повеќе заразени случаи.

Во смисла на заштита од тешка клиничка слика на болеста, една доза на вакцината покажала 86 % ефикасност во САД и 82 % ефикасност во Јужна Африка. И на двете локации, вакцините покажале 100 % ефикасност во однос на хоспитализирани и смртни случаи. Ова значи дека ниту еден човек што ја примил вакцината во клиничките испитувања не починал од Ковид-19, ниту пак била потребна хоспитализација.

Бахреин е првата земја што ја одобрува оваа вакцина за итна употреба на 25ти февруари. Два дена подоцна истата е одобрена и од САД.

Слично како и вакцината на Оксфорд и АстраЗенека, и оваа содржи ослабена верзија на аденовирус. Научниците генетички го измениле аденовирусот, за да не може да ги инфицира човечките клетки, а потоа додале гени што го кодираат спајк-протеинот на коронавирусот.

Кога ќе навлезе во телото, вакцината го вежба имуниот систем да го препознава спајк-протеинот и цели кон уништување на корорнавирусот. Јансен користеле слична стратегија за развивање на постоечката вакцина против ебола. Вакцината може да се чува со месеци во обичен фрижидер.

ВАКЦИНА НА СИНОФАРМ (ПЕКИНГШКИ ИНСИТУТ ЗА БИОЛОШКИ ПРОИЗВОДИ)

Синофарм, заедно со Пекингшкиот Институт за биолошки производи ја развиле вакцината од неактивен коронавирус, што е всушност модифицирана верзија на Sars-CoV-2 што не може да се реплицира, односно размножува. Кон крајот на декември, минатата година, Синофарм објави дека вакцината, BBIBP-CorV, е повеќе од 79 % ефикасна, според првични податоци од подоцнежна фаза на клиничките испитувања.

Летото 2020та, Кина издаде одобрување на Синофарм за вакцинација на градежни работници, дипломати и студенти, со една од нивните две вакцини, вклучувајќи ја и BBIBP-CorV. Околу 1 милион луѓе ја примиле оваа вакцина до Ноември.

Обединетите Арапски Емирати ја одобриле оваа вакцина за итна упореба уште во септември, а во декември ја одобриле и целосно. Бахреин и Кина ја целосно ја одобриле оваа вакцина во декември, а Египет ја одобриле за итна употреба во јанари. Вакцината се дава во две дози, од кои втората по 3 недели од првата.

ВАКЦИНА “СПУТНИК V” ОД ИСТРАЖУВАЧКИ ИНСТИТУТ ГАМАЛЕЈА

Истражувачкиот институт Гамалеја, под Руското Министерство за здравство, развиле вакцина против коронавирусот со име Спутник V, во чест на првиот светски вештачки сателит, лансиран за време на вселенската трка. Вакцината содржи два аденовируси, коишто се модифицирани за да не можат да се размножуваат во луѓето. Тие исто така содржат и гени што го кодираат спајк-протеинот на коронавирусот.

Во ноември, Русија изјави дека вакцината е повеќе од 91,4 % ефикасна во заштита од Ковид-19, според податоци од почетната фаза на клиничките испитувања. На втори февруари, научниците изјавиле дека вакцината е 91,6 % ефикасна, според податоци од крајната фаза на клиничкото испитување.

Русија ја одобри оваа вакцина за ограничена употреба уште во август. Од ноември, до сега вакцината е одобрена за итна употреба од Белорусија, Аргентина, Србија и Парагвај.

ОСТАНАТИ ВАКЦИНИ

Од другите веќе развиени вакцини, ќе ги споменеме уште и следните:

  • вакцината Коронавак од кинеската компанија Синовак (две дози во 14 дена, ефикасност 50,4 %),
  • втората вакцина од Синофарм, развиена заедно со Институот за биолошки производи од Вухан, за која нема многу податоци,
  • вакцината на КанСино,развиена во соработка со Пекингшкиот Институт за биолошки производи (една доза, непозната ефикасност),
  • вакцината на Индиската компанија Барат Биотек, развиена заедно со Советот на Медицинско Истражување и Националниот Институт за вирусологија, наречена Коваксин (две дози во 4 недели, ефикасноста не е јавно објавена) и
  • втората руска вакцина, развиена од Институтот Вектор, руски биолошки истражувачки центар, е со непозната ефикасност.