Улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе, целосно ќе биде реконструирана, со што значително ќе се подобри инфраструктурата во еден од деловите кој беше најпогоден од непланската урбанизација на Карпош.
Улицата ќе биде реконструирана со средства, заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка. Еден од критериумите на овој заем, е директно учество на граѓаните од општината во сите фази од реконструкцијата.
Тоа подразбира учество на граѓаните со предлози и забелешки во сите фази на реконструкција на улицата, од увид во проектната документација, до мониторинг на изведбата на улицата, пред се од аспект на заштитата на животната средина,
Оттаму, Општина Карпош ги повикува сите заинтересирани граѓани од Тафталиџе 1 кои се непосредно заинтересирани, но и другите жители или вработени во овој дел од Карпош, активно да се вклучат во реализацијата на овој инфраструктурен проект.
Пред се, го поздравуваме овој потег на Општината и се надеваме дека граѓаните се почесто ќе бидат повеќе вклучени во ваков тип на проекти. Ова е нашиот предлог зе реконструкција на улицата Париска.
МОМЕНТАЛНА СОСТОЈБА НА УЛИЦАТА
Улицата, односно делот со коловозни ленти, е широк 14 m. Првично планирана за 4 коловозни ленти, по две во двете насоки, но со реална состојба од 2 коловозни ленти во спротивен правец и паркинг од двете страни. Тесни тротоари, често непроодни од возила. Горниот дел на сликата, ја прикажува состојбата на улицата пред реконструкција.

ПРЕДЛОГ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА
Предложуваме проодни тротоари од двете страни на улицата. Крајните делови од коловозните ленти да се пренаменат во велосипедски ленти, кои ќе бидат физички одделени со рабник и столпчиња. Истите ќе бидат широки по 1.5 m. По 2.3 m од двете страни, ќе се одвои за паркинг со паралелно паркирање, а во функција ќе останат двете коловозни ленти во два правци. Единствената разлика ќе биде нивната ширина, којашто сега ќе биде помала и ќе изнесува 3 m. Брзината ќе биде ограничена на не повеќе од 30 или 40 km/h. Исто така, напоменуваме и дека неколку метри пред и по кружниот ток, нема да има простор за паркинг за возила. На кружниот ток би имало коловозна и велосипедска лента.
Што добиваме:
- модерна мултифинкционална улица,
- физички одделен простор за велосипедисти и
- ослободени тротоари за пешаците.
Со еден збор добиваме поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот. На овој начин добиваме поврзување на велосипедската мрежа, во случајов со бул. Партизански одреди.
Искрено се надеваме дека овој предлог ќе наиде на одобрување пред се од жителите во тој дел на градот, но и од нашите читатели. Воедно ги повикуваме нашите читатели да даваат предлози за реконструкција на други улици, но и за нови парковски површини. Локалните власти се на потег.