Градот Виена е подготвен да инвестира 2,8 милиони евра за отворање на таканаречени “гастро-острови”, изјави градоначалникот Михаел Лудвиг на прес-конференција.
Под “гастро-островите” се мисли на површини со кафулиња и ресторани коишто ќе бидат специфично поставени на јавни простори каде ќе може да се служи и храна. Целта на овие “гастро-острови” е да се поддржат рестораните и кафулињата коишто немаат отворени површини.
2,8 милионскиот буџет ќе биде распределен за 3 месеци, а најраната можна дата е 27ми март. Засега, планирано е парцијално отворање на рестораните, но тоа директно ќе зависи од ситуацијата со пандемијата, која може да биде променлива. Сепак, се смета дека “гастро-островите” секако ќе се пуштат во употреба, без разлика дали мерките ќе бидат олабавени до крајот на март.
ДА СЕ ПОКРИЈАТ СИТЕ 46 ЗОНИ НА ВИЕНА
Првично се планира отворање на 23 “гастро-острови”, најмалку еден за секоја област, а потоа се планира проширување на концептот во сите 46 зони во Виена.

Како дополнување на тие бројки, на жителите на Виена, ќе бидат понудени уште 10 гастрономски острови и пикник зони, организирани од градот, со локација во Градскиот парк. Виенската бизнис комора ќе ги одбере рестораните кои ќе учествуваат. Функционирањето на “гастро-островите”, вклучувајќи ги и дозволите за служење храна, ќе ги извршуваат самите ресторани.
Градот ќе овозможува само неопходни работи како маси, столчиња, струја и тоалети. На секоја ваква површина, максималниот број на лица ќе биде ограничен на 36 бидејќи тоа единствениот начин да се биде во согласност со регулативите за безбедност.
Точната локација на овие “гастро-острови” се уште не е утврдена, а повеќе детали се очекуваат во текот на наредната недела.