• вто. Мар 28th, 2023

ПРЕДЛОГ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛ. “ЈУРИЈ ГАГАРИН” ВО КАРПОШ

Нашиот трет предлог за “Зелено Скопје” е реконструкција на улицата Јуриј Гагарин во општина Карпош. Зборуваме конкретно за делот од “Франклин Рузвелт” до улица “Брадфордска”, во должина од околу 650 m. Оваа улица се наоѓа помеѓу две зелени површини, не е многу прометна и поради локацијата претставува совршена улица за воведување на велосипесдка патека. Тука возилата знаат да возат пребрзо на овој дел поради широките ленти, кои до скоро и не постоеја, а тоа претставува опасност поради тоа што е веднаш до парк каде играат деца.

МОМЕНТАЛНА СИТУАЦИЈА НА УЛИЦАТА

До пред скоро една година, на оваа улица немаше никакво означување, ниту хоризонтално, ниту вертикално. На еден дел си возат автомобили во два правци, а на делот до тротоарот се паркираат возила паралелно. По поставувањето на новите контејнери, се означија коловозните ленти, како и местото дозволено за паралелен паркинг. Тоа може да го видите од првата слика.

Исто така нема и никакво ограничување на брзината па затоа често возилата поминуваат со брзина од над 50 km/h. Од се ова може да се заклучи дека пред се, улицата не е ни малку безбедна.

НАШ ПРЕДЛОГ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

Нашиот предлог може да се види од сликата подолу.

Воведување на велосипедски ленти во два правци од по 1,5 метар, односно со вкупна должина од 3 метри. Истата би се наоѓала веднаш од страната на паркот и би била физички одделена од коловозните ленти со нискорастечки зимзелени дрвја, пр. од видот на туја. На тој начин ќе се воведе безбеден алтернативен транспорт на оваа улица.

Второ, постоечките коловозните ленти во два правци ќе се стеснат на 2,8 метри со што ќе се намали и можноста на луѓето да возат пребрзо, а улицата ќе стане побезбедна како за пешаците и велосипедистите, така и за возилата.

Доаѓаме до најпроблематичниот дел, а тоа е тргањето на лентата за паркинг. Ги повикуваме луѓето од општината најпрво да испитаат дали возилата најчесто паркирани на тој дел се станари од зградите, бидејќи пред скоро сите згради на тој дел и има и паркинг пред нив. Но, доколку сепак таму се паркираат и станари, сепак ќе треба да се најде некое заедничко решение кое би одговарало за сите. Исто така, не треба да ги заборавиме и новите контејнери кои сега би влегле во едната коловозна лента. Тоа може лесно да се реши доколку се искористи мал дел од тротоарот и мал дел од улицата. Таму каде што ќе стојат контејнери, нема да има физичко одделување на коловозните ленти од велосипедската патека.

Веруваме дека доколку се вклучат повеќе организации, полесно ќе се решат проблемите што се јавуваат на овој терен. Треба само да се има желба од локалните власти. Овој дел е совршен за велосипедска патека, а се надеваме дека се повеќе споредни улици ќе добиваат можност за алтернативен транспорт.