Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и со градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, го означија стартот на работите на нова градинка во Прилеп, во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.

Станува збор за изградба на целосно нов објект за потребите на Јавната Општинска Установа Детски градинки „Наша Иднина“ од Прилеп, овде во населбата „Точила“, која ќе има сместувачки капацитет за 252 деца.
ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСЕН ОБЈЕКТ СО А+ ЕНЕРГЕТСКА КЛАСА
Претседателот на Владата Заев во својата изјава за медиумите истакна дека особено важна карактеристика на овој проект е што ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со А+ енергетска класа.
Градинката е проектирана да ги исполни сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со А+ енергетска класа. Во градинката ќе биде инсталирана воздушна топлотна пумпа со рекуперација на топлина, со која се намалуваат трошоците за греење и ладење до 50% годишно. За загревање на објектот е предвидено централно греење со подно греење како најповолно за ваков тип на објекти.
Иновативноста на проектот оди уште чекор понатаму и предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Како таков, зелениот покрив нуди одлична топлинска изолација преку целата година – во текот на зимата ја задржува топлината во објектот, а во лето го освежува просторот. Додека во лето температурата на класичните покриви може да достигне и до 65° С, кај зелените покриви таа е 16 – 17° С.
Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот.
Дополнително, на кровната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20kW за производство на струја која ќе се користи за потребите на самата градинка со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда.

На објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што треба да добие локална, секундарна мрежа за гас.
Овој проект е целосно финансиран од страна на Општината за што се издвоени од 133 милиони денари.
Извор vlada.mk