Нашето прво интервју го резервиравме за градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев. Најпрво би сакале да му се заблагодариме за одвоеното време и за исцрпните одговори на прашањата кои му ги поставивме. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи во форма на заедничко подобрување на општина Карпош, како место за живеење. Во продолжение прочитајте го и интервјуто со Стефан Богоев.

ЗП: На почетокот, да ни кажете накратко за вашите поголеми проекти планирани за оваа година? Дали ќе има пролетна акција за засадување на дрва? Кои улици се планирани за реконструкција? До каде е новиот Градски парк со ботаничка градина, како напредува реконструкцијата на спортската сала “Партизан”?
Веќе од понеделник (12.04.2021) продолжуваме со раззеленување на Карпош. Предвидено е засадување на нови 200 ореви, внатрешно по населбите, со што ќе го зголемиме т.н. меѓублоковско зеленило. Дополнително, можам да најавам и засадување на други 150 висококвалитетни дрвја во текот на оваа година.
Кога станува збор за паркот, од спортско – качувачката карпа до бунарите на реката Лепенец, знаете дека лани, заедно сo Град Скопје целосно го израмнивме овој потег и ја исчистивме децениската депонија, а Градот го финализира основниот проект врз основа на трите избрани идејни решенија. Ова лето се очекуваат да почнат и теренските активности.

Во делот на инфраструктурата, предвидена е реконструкција на улиците: „Париска“ (Тафталиџе 1), „Шекспирова“ (Карпош 2), „Гиго Михајловски“ и „Мирка Гинова“ во Карпош 1. Исто така, претстои и обнова на улицата „Загребска“ (која води до детската клиника во Козле), која ќе се реконструира преку меѓуопштинска соработка со Градот.
Започнуваме и со реконструкција на плочникот во Порта Влае. Таму целосно ќе се променат плочките, а предвидено е поставување и на нова хидроизолација, за да нема протекување во гаражните делови.
Изминативе денови имав повторна средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски. Знам дека се направи и последен теренски увид на салата „Партизан“, за да се земат податоци за статиката и се финализира основниот проект. Агенцијата веќе има планирано и средства за реконструкција на салата.
ЗП: Дали сте размислувале за воведување на велосипедски улици во општината? Како еден пример ја посочуваме ул. “Јуриј Гагарин” што сметаме дека е совршена за велосипедска улица. Дали сте го виделе нашиот предлог за оваа улица?

Зошто да не!? Ова е пракса во повеќе европски метрополи, каде што постојано или во одредени денови некои сообраќајници се наменети само за велосипеди, пешаци… Градот Скопје направи неколку велосипедски патеки по булеварите и други улици кои поминуваат низ Карпош, а ние правиме напор да пробиваме вело – патеки по сервисните улици. Ова е нешто за што сме разговарале и со иницијативата „На точак“. Да се зголеми мобилноста преку тоа што од вело патеките по булеварите, велосипедистите ќе можат да се приклучат кон вело патека во населбата или обратно. Откако целосно ќе го спроведеме ова, може да се оди и чекор понатаму и да се воведат велосипедски улици.
ЗП: На нашата веб-страница веќе има еден предлог за реконструкција на ул. “Лондонска”. На неколку наврати сте напоменале дека тоа е улица под ингеренции на Град Скопје, но веќе 3 години стои со сменет асфалт, без никакво хоризонтaлно или вертикално означување, тротоарите се ретко слободни за пешаците…Што може Општина Карпош да направи во врска со оваа улица?
Знам дека граѓаните се „ежат“ кога се префрлаат надлежностите меѓу институциите, и со право, но да за улицата „Лондонска“ во Тафталиџе 1 задолжена е градската власт. И јас лично, но и преку Одделението за комунална инфраструктура сме реагирале за да се постави сигнализација.
Информиран сум дека сигнализацијата се уште не е поставена, затоа што долж „Лондонска“ се планира и изведба на нова велосипедска патека.
Треба да се има предвид дека оваа сообраќајница е во еден од деловите кој беше најпогоден од агресивната и непланска урбанизација. Со крајот на градење во тој дел, се надевам дека ќе можеме да санираме дел од штетата. Тоа значи да се ослободат тротоарите, да има подобра пристапност и безбедност, но и да се подигне хигиената долж улицата, имајќи предвид дека тука имаме и повеќе државни и приватни воспитно – образовни установи (градинки, училишта).
ЗП: Во вашата програма за локалните избори во 2017та година имаше најавено Екопаркинзи, фитнес зони во повеќе населби во Карпош. Што се случува со овие проекти?

Еко – монтажните платформи, во овие услови е невозможно да ги спроведеме, пред сѐ, заради финансиската ситуација на општината. Една ваква платформа чини околу 300 – 400 илјади евра, а притоа не гарантира решавање на проблемот во целост. Затоа, имајќи предвид дека недостатокот на паркинг места е еден од посериозните проблеми, спроведовме анкети – граѓаните да одлучат дали се за регулација на паркингот (зонско паркирање). Во Карпош 1 и Карпош 2, каде што овој проблем е најизразен доминираат одговори „ЗА“ воведување на зонско и ЈП „Градски паркинг“ работи на решението. За резидентите, за граѓаните кои живеат во населбата би било бесплатно, а за оние од подалечни населби и други општини би се наплаќало.
Во делот за фитнес зони, имаме нова и современа фитнес зона во Карпош 4, долж булеварот „Партизански одреди“, на Кејот на Вардар (под спортко – качувачката карпа), како и во Карпош 3, во рамки на новиот Спортско – рекреативен центар во основното училиште „Лазо Трповски“. Оваа сезона, нова фитнес зона предвидуваме и во Карпош 1, во близина на Центарот за странски јазици.
Така да, ова ветување е реализирано и апсолутно дека изведбата на овие зони продолжува и во други населби.
ЗП: Како што може и сами да забележите зградите во Карпош, поточно делот Козле, Тафталиџе, никнуваат нон-стоп. Луѓе се населуваат во нив. Нема да навлегуваме кој е крив, но нели сметате дека на овој простор е потребно ново училиште, нови градинки? Дали е во ред да се чека со месеци или години за да се запише дете во градинка? Дали правите нешто во таа насока?
Апсолутно се согласувам дека урбанизацијата подразбира да се има предвид за целиот контекст и да се делува. Како што се зголемува инфраструктурата и се прави нова водоводна или канализациона мрежа, како и пристапни улици, треба да се надградуваат капацитетите и на основните училишта и детски градинки. Предучилишното и основното образование се области во кои многу вложивме. Затоа отворивме нов објект на градинка во Бардовци (кој згрижува 78 деца), дополнителни капацитети на „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 (за 95 деца), а работиме на доградба и на градинката „Орце Николов“ во Карпош 3. Токму минатата недела, Министерството за труд и социјална политика го објави тендерот за избор на изведувач за новиот објект (доградба).
Знам дека родителите имаат проблем со упис, затоа што сега и градинките работат по протоколи и згрижуваат помалку деца. Ние се обративме со забелешки и до ресорното Министерство за труд и социјална политика, но од превентивни причини, и да не се дозволи ширење на вирусот меѓу најмладите, не се прави промена на протоколите. Сепак, отвораме нови групи во рамки на градинките, финансираме дополнителен воспитен кадар, за колку што можеме да се намали проблемот. Светската пандемија и проблемите кои се предизвикани од истата се уште поизразени, но правиме сѐ што можеме за да се обезбеди згрижување за најмладите.
ЗП: Дали се знае што ќе се гради на местото на фабриката “Алумина”? Нови згради, нов трговски, парк или комбинација од се?
Станува збор за приватно земјиште. Претходните сопственици го продадоа на сега друг правен субјект. Во моментов, за тој дел од Карпош нема активен ДУП, што значи дека не можат да почнат никакви градежни активности. Последниот важечки ДУП за овој дел е укинат од Уставниот суд и се додека не се донесе нов урбанистички план, не може да се одвиваат никакви градежни активности.
Тој дел е веќе погоден од сериозна урбанизација, и по мене треба да бидеме прилично внимателни. Да не дозволиме доуништување на населбата со бетонски ѕидови на згради туку градба која нема да го наруши дополнително квалитетот на живот, на околните жители, а притоа да има и околно зеленило, зони за рекреација.
ЗП: Граѓаните имаа можност да бидат вклучени со предлози за реконструкција на ул. “Париска”. Одлична идеја според нас. Дали ви стигнаа голем број на предлози и дали е веќе завршен планот за реконструкција на улицата?
Ова е еден нов пристап во постапката на реконструкција на улици. Граѓаните се вклучени уште во самиот почеток и можат да даваат предлози за новиот изглед на улицата. Верувајте дека секој еден коментар, предлог го разгледувавме. Стигнаа голем број на предлози од засегнати граѓани и сѐ уште пристигнуваат. Во овие моменти го комплетираме административниот процес и во периодот што следи, веројатно во месец мај ќе започнеме со реконструкција на „Париска“.
ЗП: Дали ќе има субвенции за велосипеди и електрични тротинети оваа година и кога ќе започнат?
На крајот на април очекуваме да го објавиме јавниот повик за субвенционирање на велосипеди. Оваа година одвоивме 500 илјади денари за субвенции за велосипеди. Сите средства ги насочивме кон ова алтернативно превозно средство. Годинава нема да има субвенции за електрични тротинети. Имавме лани, но немаше преголем интерес и затоа се одлучивме сите средства да ги намениме за субвенции за велосипеди. Од оваа година, аплицирањето ќе биде и по електронски пат, преку мобилната апликација за Карпош „мЗаедница“ или на www.m-zaednica.mk .
ЗП: Дали Вие лично сте задоволен од вашиот мандат и дали планирате повторно да се кандидирате за Градноначалник на Општина Карпош?
Прилично сум самокритичен и искрено верувам дека можевме да направиме повеќе. Од друга страна пак, ако се сетам со какви долгови ја наследив општината, со изгубена доверба во администрацијата и „пас“ за урбаната мафија да прави буквално што сака – сметам дека направивме разлика. Денеска, Карпош е општина во која граѓаните спорат дали на одредена јавна површина да има детско игралиште или да остане само зеленило, додека во минатото, овие простори „за час“ добиваа намена, маркици…
Да се потсетиме дека слична судбина можеше да ја снајде и салата „Партизан“, која свесно се запушташе, за да прерасне во станбен комплекс, но успеавме трајно да го заштитиме како објект за спорт и рекреација, кој добива нов изглед.
Карпош е општина во која граѓаните не се лажени и не се навредувани од својот градоначалник. Со намалени долгови и непродуктивни трошоци и со квалитетно предучилишно и основно образование.
Фактички две години од мандатот го поминувам и во ек на светска пандемија со КОВИД – 19. Но, од аспект на сработено и доверба од граѓаните, чиста ми е совеста. А, навремено ќе соопштам дали ќе се кандидирам повторно за Карпош, дали ќе одам на некоја повисока, пониска позиција или др. Млад сум, енергијата сѐ уште ја имам и верувам дека можам да придонесам уште во оваа средина.