• сре. Мар 22nd, 2023

УЛИЦИ ЗА ЛУЃЕ – СЕ ОДРЖА ДЕНОТ БЕЗ АВТОМОБИЛИ ВО АЕРОДРОМ

Голем број граѓани ги оставија автомобилите и учествуваа на Денот без автомобили, што под мотото „Улици за луѓе“ се одржа на улицата Васко Карангелески во Аеродром. Оваа улица беше затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот на потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров и на неа се одржаа различни културни активности за возрасните, но и за најмладите, а беше подигнат и нов дрворед. Во одбележувањето на овој ден се приклучи и градоначалникот Петре Шилегов, кој на настанот пристигна со велосипед.

– Овој ден го искористивме за една хумана мисија која ја зацртавме пред 4 години, а се однесува на одржливата урбана мобилност. Она по што се разликува овој ден без автомобили од претходните е фактот што за прв пат во Скопје овој ден се организира надвор од Европската недела на мобилноста и за прв пат се затвора една градска улица во времетраење од 12 часа, за разлика од претходните затворања кои траеле симболични 2-3 часа. Целта на оваа акција е стимулирање на алтернативниот начин на транспорт, алтернативното движење низ урбаните средини и граѓаните да видат дека можеме да живееме без автомобили. Тое е нешто што ние го работиме во изминативе три и пол години, надминавме над 100 километри добро организирани велосипедски патеки, а такво нешто ќе се случува и токму на оваа улица со нејзината реконструкција, која наскоро ќе биде велосипедска спојка за граѓаните од Лисиче со новиот мост. Воведувањето на брз автобуски превоз (БРТ) е една од низата мерки што градот ги презема за да ги замениме индивидуалните автомобили како начин на транспорт, со цел да го намалиме сообраќајниот метеж, да ја заштитме животната средина и да ги навикнеме луѓето на здрав начин на живот и да можат од овде од Аеродром побрзо да стасаат со велосипед по безбедна велосипедска инфраструктура. Сето ова е во рамките на акцискиот план за Зелен град кој интензивно се спроведува веќе втора година по ред и можеме да видиме дека дава резултати и во намалувањето на загаденоста на воздухот – рече Шилегов на денешната акција „Улици за луѓе“.

Шилегов упати благодарност за оваа иницијатива до неформалната група велосипедисти „НаТочак“ која е долгогодишен партнер на градот во делот на унапредувањето на велосипедските политики.

Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот.

Извор Град Скопје