• вто. Мар 28th, 2023

Интервентен план за инвестиции (ИПИ 2021 – 2027)

Јун 1, 2021

Премиерот Зоран Заев го претстави Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на прес-конференција на која присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски како и Крешник Бектеши, министер за економија.

Инвестиции во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра предвиде Владата со Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027.

Планот содржи јавни и приватни инвестиции кои се во согласност со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата. Од овие средства 5 милијарди и 791 милиони евра се јавни инвестиции додека 2 милијарди и 384 милиони евра се планирани приватни инвестиции. Реализацијата на инвестиции е во согласност со деловните планови на инвеститорите односно буџетската рамка на Владата на Република Северна Македонија.

Во однос на распределбата на инвестициите по сектори, планирани се:

  • 3,144 милијарди ЕУР во секторот енергетика;
  • 2,729 милијарди ЕУР во секторот патна и железничка инфраструктура;
  • 798 милиони евра во преработувачката индустрија;
  • 300 милиони ЕУР во инвестиции за малопродажба;
  • 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство;
  • 504 милиони евра во комунална инфраструктура – животна средина (прочистителни станици, селектирање на отпад и сл.);
  • 200 милиони евра во туризмот.

Преку јасна стратегија и амбициозен план за инвестиции може да ја постигнеме целта за забрзување на економскиот раст и подобар животен стандард за сите граѓани.

Во продолжение извадок од обраќањето на премиерот Заев за Интервентниот план за инвестиции (ИПИ 2021 – 2027):

“Инвестицискиот фокус е во следните сектори, енергетска инфраструктура, патна и железничка и гасоводна инфраструктура, отпадот и пречистителните станици во државата, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, комуналната инфраструктура, водоводи и канализации, туризам, но секако и многу други проекти.

Верувам дека многу пластично ќе доловиме до јавноста за што всушност се работи. Пред завршна финална фаза сме на постигнување финален правен договор за инвестиција во скијачкиот центар Попова Шапка, во вредност од 50 плус 50 милиони евра. Проектот е согласно Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а суштината е издавање на 99 години на еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа, за којшто името се уште останува доверливо, ред е самиот инвеститор да го објави тоа кога ќе биде одлучено. Се радуваме посебно на оваа инвестиција затоа што ќе даде нова димензија на туризмот, на зимскиот туризам пред се и нашата Шар Планина и Попова Шапка, ќе бидат нешто коешто ќе го смени имиџот на државата.

Ја развивме и завршена е студијата за ски туристички центар Царев Врв на Осоговските планини, по принцип на јавно приватно партнерство во вредност од околу 50 милиони евра. Верувам дека со развојот на првиот проект веднаш ќе продуцираме интерес и за вториот затоа што навистина претставува одлична скијачка дестинација.

Следен проект е германската инвестиција за 400 мегавати ветерна електрана во вредност од 500 милиони евра, инвестиција согласно законот за стратешки инвестиции. Инвеститорот го достави целиот пакет на документација во Владата и веќе завршуваат финалните преговори. Позитивно е тоа што овде немаме обврска ниту за фидинг тарифи, ниту за премиуми. Се работи за инвеститор кој има веќе 5 000 мегавати изградено од кои што овде на Балканот се 500 мега-вати ветеренци. Ќе направиме се да постигнеме договор и да влеземе во Парламентот со Законот за стратешки инвестиции.

Следна е 100 мегавати фотонапонска електрана. Вредност на инвестиција е 70 милиони евра, ова е постапка која успешно ја завршивме по пат на јавно приватно партнерство или издавање на концесии каде државата бараше најмалку 10% заради земјиштето и обврската за приклучок како и урбанизација на стариот јагленокоп во Осломеј да поставиме 100 мегавати фотонапонска централа со обврска инвеститорите да земат по 1 вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за да трајно ги обезбедиме тие наши сограѓани. На крајот добиваме 18% од едната компанија , 18,5% од другата компанија што ги помина сите наши очекувања, но веруваме тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи.

Следната, е преку Електрани на Северна Македонија и Националните енергетски ресурси, проектот Александруполи, вредноста е 400 милиони евра гасна електрична централа од 800 мегавати и 360 милиони евра терминал за природен гас. Нашиот удел е 10% во терминалот за природен гас и 25% во гасната централа во Александруполи во којшто ќе инвестираме 32 милиони евра. Убавината во гасниот терминал е тоа што има 178 милиони грант од ЕУ, каде што соодветно припаѓа грантот и на Северна Македонија.

Понатаму, фотонапонски електрани, сопствена инвестиција на државата 10 мегавати со во Кичево, во Осломеј, завршени се правните постапки изградбата ќе почне неделите пред нас.

Следно е одобрение со поддршка на ЕУ и ЕИП од инвестициски фонд за Западен Балкан, 10 мегавати во Осломеј и плус 2 пари по 10 мегавати во РЕК Битола, севкупната вредност на овие инвестиции е околу 28 милиони евра.

Фотонапонски централи што се реализираат веќе и дел во следниот период ќе продолжат да се реализираат во Македонски Брод и во Свети Николе на државните локации, но и на многу други привлечни локации пуштивме веќе и во Неготинско, во Брвеница и на други локации, за 60 мегавати вкупната вредност е некаде околу 40 милиони евра.

Фотонапонските централни во Кочани, исто така се приватни инвестиции на домашни компании, во вредност на инвестицијата од 5 милиони евра, завршени се постапките очекуваме почеток на изградба во следните неколку месеци.

Исто така, завршени се постапките и дадени се лиценци од страна на државата за трите регионални ветерни паркови, Богданци од 30 мегавати, инвестиција на ЕНЕРГО системи Словенија и Австрија, вредноста е 50 милиони евра. Втората е во Свети Николе од 36 мегавати добиена лиценца на домашен инвеститор, вкупната вредност е 60 милиони евра. Во текот на летото очекуваме и почеток на изградба и на ветерниот парк во Демир Капија, инвеститор е турска компанија која ги привршува своите постапки, вредноста на инвестицијата е 50 милиони евра за 30 мегавати ветерници.

Следно е големата надеж на енергетскиот сектор на Северна Македонија, а тоа е сопствена инвестиција која до крај ќе одлучиме дали е 100% наша инвестиција сопствена или ќе одиме со јавно приватно партнерство, но впечатокот е да одиме со сопствена инвестиција да остане 100% сопственост на државата. Станува збор за локацијата на порано предвидениот аеродром во Штип од 477 хектари комплетно државна сопственост во близина на големите трафостаници и далноводи, идеална локација на која што планираме меѓу 300 и 350 мегавати фотонапонска електрана, веројатно една од најголемите или ако не најголема на Балканот.

Самата инвестиција е 200 милиони евра, веруваме дека ќе најдеме начин на финансирање, без тоа да влијае на било кој начин на државниот долг. 350 мегавати се двата блока во РЕК Битола, едниот блок во РЕК Битола работи на 175 мегавати, нормално овде фотонапонските централни не работат 24часа, работат додека има светлина.

За ТЕЦ Неготино ја очекуваме физибилити студијата во која ќе донесеме одлука дали ќе одиме по принцип на јавно приватно партнерство, концесија или продажба. Веројатно ќе биде јавно приватно партнерство, проект вреден околу 300 милиони евра. Инвестицијата треба да почне следната пролет дотогаш да се завршат сите правни постапки за самата оваа инвестиција, тоа е сериозен потенцијал на нови извори на енергија.

Следна, е инвестиција во енергија од отпад, преговараме веќе 7, 8 месеци со инвеститор од Луксембург кој што ни нуди можност инвестиција од 336 милиони евра со плазма за согорување односно без кислородно согорување на високи температури. Оваа инвестиција е во затворен систем без оџак строго еколошка инвестиција и на неа и претходат селекциони или сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот, но инвестицијата содржи 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици, дополнително 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво и не територијата на Општина Неготино. Овој проект претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74% од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 Општини. Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, по пат на Законот за стратешки инвестиции.”

Целиот текст може да го прочитате тука.