• сре. Мар 22nd, 2023

Шар Планина стана национален парк

Со посебна гордост објавувам дека пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство од 66 гласови дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и донесоа историска одлука. Со изгласувањето на овој Закон нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на Република Северна Македонија.

Со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни,  пределни и културни вредности.  И што е најважно, очекувам дека со со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ.

Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат.

Извор Vlada.mk