Започнаа изведбените активности за реконструкција на платото меѓу зградите на улицата „Московска“, во близина на пазарчето Тафталиџе.

Во тек е реконструкција на партерниот дел, кој е со површина од околу 700 м2. Старата и оштетената бетонска подлога ќе се замени со бекатон плочки.
На овој начин, ќе се подобри пристапноста во овој дел од Карпош, кој е прилично фреквентен и каде што работат повеќе маалски продавници и маркети.
Исто така, покрај инфраструктурата, предвидена е изведба и на нови сливници, низ кои се апсорбира водата од теренот.
Овие градежни активности се очекува да завршат до крајот на летото. За истите се одвоени околу 1.150.000 денари (со вклучен ДДВ) – средства од Буџетот на општина Карпош.

Во текот на минатата година, општина Карпош целосно го раззелени и овој дел меѓу зградите. Беа засадени нови висококвалитетни дрвја, украсни растенија, а беше поставен и нов систем за наводнување.
Ги замолуваме сите жители кои живеат во околните згради кај пазарчето, како и другите минувачи, да имаат разбирање и трпение додека траат инфраструктурните активности.
Извор Општина Карпош