Изјава на Шилегов за реконструкцијата на улицата Индира Ганди
Градоначалникот Шилегов денеска одржа прес-конференција во општина Шуто Оризари. Тој изврши увид во градежните работи од третата фаза од реконструкција на улицата Индира Ганди во должина од 811 метри.
– Денеска правиме увид во градежните работи на главната улица во Шуто Оризари, Индира Ганди. Тука пред десетина дена почна третата и последна фаза од реконструкцијата. Всушност, ова е и најлошиот инфраструктурен дел во општината. Од улица Гвадалахара до улица Нов живот, ќе има комплетно нова атмосферска канализација во општината, што досега ја немаше. Очекувам дека кога ќе ја завршиме, течењето на вода по улиците и раскопаните патишта ќе стане минато.
Мене ми е особено мило што ваквата реконструкција, во овој дел на Шуто Оризари наидува на сериозно позитивен одглас кај граѓаните. Се со цел конечно и тие од овој дел на градот да ги уживаат бенефитите на урбаното живеење. Ова е, како што напоменав, последната фаза од реконструкцијата на улицата Индира Ганди. Во изминатите две години ги работевме претходните две фази. Ги замолувам граѓаните да бидат трпеливи. Работиме и квалитетно и темелно токму за доброто на граѓаните од овој дел на градот. Реконструкцијата е во вредност од околу 18 милиони денари со ДДВ – кажа Шилегов.

Тој додаде дека за него е приоритет развојот на општината Шуто Оризари да оди подеднакво со развојот на преостанатите скопски општини.
– Во рамки на програмата за одржување на сообраќајници на ЈП Улици и Патишта со Меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Шуто Оризари, реконструирани се повеќе улици. Тоа се следните: Рељо Шесто Крило, Кипарска, Брегалничка, Демирхисарска, Волт Дизни, Вашингтонска, Нов Живот, П. Лулумба, Карабуница, Злетовска, улица 3, крак 1 и 2 – рече Шилегов.

Тој дополни и дека се извршени повеќе интервенции за да се подобри водоводната и канализационата мрежа во општината, односно изградба на водоводна мрежа, нов резервоар, пумпна станица, нов потисен цевковод во Шуто-Оризари, како и поголемите зафати на водоводната мрежа на улиците Смилевска и Брсјачка буна (инвестиција од 13,5 милиони денари).
Град Скопје во соработка со Шуто Оризари
Градот Скопје соработува и ги поддржува и здруженијата на граѓани и институции кои дејствуваат на територија на општина Шуто Оризари. Едно од тие е и Здружението за заштита на правата на детето, чиј фокус е реализација на активности и проекти за заштита на децата на улица. Активностите на ова здружение во континуитет се поддржуваат, а истите растат секоја година. Во 2015 година биле дадени 100.000 денари, за во 2020 година да се доделени 450.000 денари.

Исто така, со инвестиција од 6,5 милиони денари направено е партерно уредување, зазеленување и поставување на урбана опрема во дворот на училиштето Шаип Јусуф и асфалтирање на спортското игралиште.
Извор Град Скопје