Првата урбана градина во Скопје, сместена во паркот во Ново Лисиче, од денеска ги отвора вратите за посетители. Градината „Бостание“ е работена согласно со проектот на здружението на граѓани „Зелена Арка“. Реализиран е со финансиска поддршка на Град Скопје, во соработка со Општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании.

Проектот „Бостание“ претставува уште еден придонес кон остварувањето на концептот за отпорен град. Со тоа се приспособуваме кон климатските промени и ја зајакнуваме на урбаната отпорност на Скопје. За реализација на овој проект предвидени се 2 милиони денари финансиска поддршка од Буџетот на Град Скопје.
Урбаното градинарство кое зема се поголем замав во градовите низ светот има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите. Одржливоста на урбаните градини е заснована на примена на дизајн на самиот терен. Се земаат предвид сите елементи како што се: микроклимата, геологијата на теренот и искуствата на заедницата во одгледувањето на различните градинарски култури. Но, и снабдувањето со вода, електрична енергија, пристапни патишта и друго.

Ова е успешна изведба и одржување на првата урбана градина преку заедничкото делување на локалната самоуправа и граѓаните. Тоа ќе биде и поттик за граѓански иницијативи за уредување вакви урбани градини и на други погодни локации во Скопје. На тој начин, ќе се обезбедат поголем број на микроклиматски оази кои ќе ги задоволат рекреативните или едукативните потреби на скопјани.

Значајно е да се нагласи дека е обезбедена и практична обука за одржливо градинарство на учесниците на заедницата. Но, и на граѓани-градинари, од страна на стручен кадар од таа област.
Извор Град Скопје