• пет. Мар 31st, 2023

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ОДАТ НА ИЗБОРИ

Од граѓанската независна коалиција“ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД” изјавија дека се собрани потребните потписи за влез во изборната трка за независна листа на советници за град Скопје. Потписи се собрани и за Ана Петровска, независниот кандидатот за градоначалник на град Скопје, поддражана од ЗХГ.

На нивната официјална facebook страна тие го напишаа следното:

“За рекордни 6 дена, успеавме да собереме над 1000 потписи и за независната листа на советници за град Скопје со Драгана Велковска и Горјан Јовановски како носители, и за Ана Петровска како независна кандидатка за градоначалничка! Фактот што за толку кратко време се собраа и повеќе од доволно потписи, ја покажува големата желба на скопјани да живееме во ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД. Огромна благодарност до сите вас за поддршката што ни ја дадовте, се гледаме на избори во октомври!”

Носителката на независната листа Драгана Велковска го изјави следното:

“Над 1000 потписи за рекордни 6 дена покрај:

  • недостапност на канцеларии на ДИК
  • низа други проблеми со ДИК
  • нашиот менталитет “има време”
  • сезона на летни одмори
  • пандемија

Фала ти Скопје, се гледаме во октомври!”

Кој се ќе учествува во трката за градоначалник за град Скопје?

Покрај Ана Петровска, сигурен во изборната трка е и веќе актуелниот “татко на градот” Петре Шилегов, од таборот на СДСМ.

Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори денеска објави дека ќе поднесе независна кандидатура за градоначалник на Град Скопје. Таа исто така на својот facebook профил ја сподели веста дека и официјално ќе поднесе кандидатура.

“Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политичките агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континурано се зголемува.

Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите. Партизираност на институциите или одлучност и професионалност за пристоен живот!

Време е да се одбере – празни ветувања, нереализирани пректи или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија.”

Додека се уште се чека официјалниот кандидат за градоначалник од најголемата опозициона партија, ВМРО-ДПМНЕ, има најави за уште неколку кандидати за оваа функција. Од партијата најавија дека својот кандидат ќе го објават во текот на наредната недела.

Коалицијата ЛДП и ДОМ го претставија новото граѓанско движење на Центарот и најавија дека ќе излезат со кандидат за градоначалник и за град Скопје.

Исто така има најави дека Петар Георгиевски – Камиказа, познатиот басист на групата Меморија, размислува за поднесување на независна кандидатура за градоначалник на град Скопје, но поддржан од партијата Левица.

Наскоро ќе ги дознаеме сите учесници во трката за градоначалник на град Скопје, но се навестува голема битка за оваа функција, како никогаш до сега.