• сре. Фев 1st, 2023

На површина од 10.000 м2, во должина на Кејот на Вардар (кај спортско – качувачката карпа), во општина Карпош изграден е Спортско – адреналинскиот парк. Станува збор за прва ваква спортско – рекреативна зона  во Скопје, во која има адреналински дел, но и повеќе други игралишта: фудбал и одбојка на песок со трибини, реконструиран скејт парк, сквер, детско игралиште, соодветна урбана опрема (клупи, корпи и вело паркинзи), како и штедливо ЛЕД осветлување.

Денеска, на увид на Спортско – адреналинскиот парк беа градоначалниците на Карпош и Скопје, Стефан Богоев и Петре Шилегов. Беа присутни и претседателот на Владата Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Но, и претставници од Делегацијата на ЕУ во Скопје и од Проектот за локална и регионална конкурентност (проектна единица).

Градоначалникот Богоев истакна дека изградбата на овој парк е потврда на заложбата на општината за  креирање на зелена општина и овозможување на зони за спорт и рекреација на сите граѓани:

  • Во рамки на оваа зона засадивме и 80 висококвалитетни дрвја, нова тревна површина, а поставен е и систем за наводнување на зеленилото. Сите заинтересирани граѓани ќе можат преку мејл/телефон да закажат термин на фудбалското и одбојкарско игралиште. Адреналинскиот дел го одржува субјектот „Adventure side“, истакна градоначалникот на Карпош.

За Спортско – адреналинскиот парк, општина Карпош доби грант од Европската унија во висина од 41.000.000 денари. Учеството на локалната самоуправа е 6.300.000 денари.

Претставниците на Владата, Заев и Битиќи, како и градоначалникот Шилегов ја поздравија оваа инвестиција. Истата поттикнува спорт и социјализација меѓу сите граѓани. Тие се согласни дека овие зони се привлечни и за туристите од регионот, со што придобивките се повеќебројни.

Извор Општина Карпош