Во рамките на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“ денеска во ООУ „Блаже Конески“ во присуство на првата дама на Македонија, Елизабета Георгиевска, како и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, беше отворена сензорна соба за деца со посебни образовни потреби.
Собата содржи сензорни елементи како туба, огледало и диско-топка за деца од аутистичниот свет. Содржи и спортско катче за деца со нарушена моторика, темно катче како засолниште за смирување на децата што имаат потреба да се осамат во одреден период, катче за релаксација со лулашка и трамболина каде што преку нишање и скокање се ослободува стресот и вишокот енергија, како и катче за дидактичка стимулација за подобрување на математичките и јазичните вештини.

За работа со овие дечиња е ангажиран специјален искусен едукатор и рехабилитатор. Сензорната соба може да ја користат и други лица и ученици, на кои повремено им се потребни сензорните елементи. Како, на пример, првоодделенчињата за адаптација.
Општина Аеродром за изградба на сензорната соба и за набавка на опремата од својот буџет издвои 300 000 денари. Со своја донација учествуваше и компанијата „Евроинс“.
Инаку, иста сензорна соба се гради и во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, која наскоро ќе биде пуштена во употреба. А со заеднички средства на Општина Аеродром и општествено одговорни компании беше изградено инклузивно детско и спортско игралиште во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“. Слично инклузивно игралиште се гради и во дворот на ООУ „Љубен Лапе“.
Извор Општина Аеродром