Општина Центар во наредните денови ќе ги заврши третата и четвртата фаза од целосната реконструкција на улицата „Орце Николов“. Двете фази го опфатија делот од раскрсницата со улицата „Наум Наумовски – Борче“, до првиот влез на Министерството за одбрана.

Во третата и четвртата фаза стариот и оштетен коловоз е заменет со нов, високо-квалитетен асфалт, реконструирани се тротарите, изведени се нови велосипедски патеки и изведено е паралелно паркирање. Поставено е ново, енергетски ефикасно ЛЕД осветлување, изведена е нова водоводна и атмосферска канализација, а обновена е и топлотната мрежа.

Во претходните фази се реконструираа коловозните, пешачките и велосипедските површини. Поставено е и ново ЛЕД-осветлување и воведен е нов систем за модернизација на јавното осветлување. Во првата и втората фаза е поставена нова атмосферска канализација и вертикална сигнализација, ослободени се јавните површини и воведен е нов кружен тек на најкритичната точка на улицата за намалување на сообраќајните незгоди на овој потег, смирување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на улицата „Орце Николов“.

Со завршувањето на градежните активности на овие две фази, на крајот на септември ќе започне реконструкцијата на петтата фаза. Таа е претпоследна фаза од реконструкцијата на улицата.
Реконструкцијата на „Орце Николов“ опфаќа површина од вкупно 7.182 метри квадратни и се очекува да биде готова во јули. Целиот зафат ќе чини 64.847.608, 47 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.
Извор Општина Центар