Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа средба со Нарине Сахакјан, постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите ннации (УНДП). На состанокот се разговараше за продолжување на соработката меѓу Министерството и УНДП на повеќе полиња. Меѓу кои зелено опоравување на економијата од КОВИД кризата, зголемување на спремноста на земјата за справување со природни катастрофи. Но, и за интервенции за подобрувањето на инфраструктурата за заштита од поплави, суши и други екстремни временски непогоди.
Тема на разговор беше и поддршката за остварување на амбициозната заложба на Република Северна Македонија во рамките на Договорот од Париз за климатски промени за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 година, споредбено со нивото во 1990 година. Во таа насока, Нуредини и Сахакјан разговараа за соработка во обезбедувањето на зелено финансирање. Со тоа ќе се зголемат инвестициите во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во приватниот и станбениот сектор.
Постојана претставничка на УНДП Сахакјан, чиј тригодишен мандат во земјата истекува во октомври 2021г., ја искористи средбата за да му се заблагодари на министерот Нуредини за успешната соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање во изминатите години. Нагласи и дека УНДП ќе продолжи да биде близок развоен партнер на Република Северна Македонија во насока на остварување на националните приоритети и Целите за одржлив развој од Агендата 2030.
Извор МЖСПП