Државната изборна комисија ги потврди листите за кандидати за градоначалник за град Скопје. Пријавени се дури 12 кандидати за градоначалник на град Скопје. Ова е досега најголем интерес за оваа градоначалничка позиција од осамостојувањето на Македонија. Најблиску до овој број на кандидати за градоначалници имало на Локалните избори во 2009та година, кога биле пријавени 11 кандидати. За потсетување, минатата за ова место се натпреваруваа 8 кандидати, каде победник беше актуелниот градоначалник Петре Шилегов, предводен од СДСМ и коалицијата.
Кои се сите кандидати за град Скопје?
На листата пријавени кандидати има само две жени и десет мажи.
Даниела Арсовска, независна кандидатка, поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алијанса на Албанција и Алтернатива, е една од двете жени која ќе се обиде ја добие позицијата Градоначалничка на град Скопје. Даниела Арсовска, по професија правник, е актуелна претседателка на Сојузот на стопански комори. Според неа, дојдено е време да се делува различно од досега. “Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите.” изјави на нејзиниот профил, при објавување на кандидатурата.
Како претставник од здружението Зелен Хуман Град е кандидатката Ана Петровска. Зелен Хуман Град се вистинско зелено освежување на овие избори и ќе одат дополнително и со листа за советници за град Скопје, предводени од Драгана Велковска и Горјан Јовановски. Ана Петровска е инженерка, архитека, еколог и до скоро беше Директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Смета дека има доволно знаење и искуство за да ја добие титулата мајка на градот.
Од кандидатите, предводник е актуелниот градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов. Тој на овие избори оди поддржан од СДСМ во коалиција со ДУИ, ДПА и Беса. По професија правник, адвокат, којшто смета дека направил многу за градот во изминатите четири години, повеќе од било кој градоначалник претходно. Очекува убедлива победа бидејќи како што вели тој, верува дека граѓаните ќе ја препознаат посветеноста на градската структура, како и внесувањето нови стандарди и квалитети.
Уште еден независен кандидат, но поддржан од Левица е Перо Георгиевски – Камиказа. Басистот на групата “Меморија” и маратонец, со спортски и оптимистички дух најавува промена на локалната власт на градот Скопје. Не само што сака да го истрча овој “маратон”, туку сака и верува дека ќе победи.
Арбен Бени Шаќири, или попознат во јавноста како Бени “Нон-Стоп” ќе биде кандидат од Движење одлучно за промени, односно коалицијата на ДОМ и ЛДП. Музичарот најави дека сака да промени нешто во својот град и затоа ја прифатил понудата на ова движење. Интересно е да се спомне дека носител на листата на советници на ова движење е докторот и професор Никола Пановски. Прифатен и почитуван од народот, не само поради својата функција туку и поради секојдневните совети што ги дава во врска со вирусот Covid-19 и пандемијата во која се наоѓаме.
Листата на кандидати за градоначалник за град Скопје во целост е следната:
- Перо Георгиевски (ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА)
- Мунир Колашинац (БОШЊАЧКИ ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ)
- Петре Шилегов (КОАЛИЦИЈА НАЈДОБРОТО ЗА МОЈАТА ОПШТИНА ПРЕДВОДЕНА ОД СДСМ)
- Љубомир Јосифовски (ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ДЕМОКРАТИ, РАБОТНИЦИ И НЕЗАВИСНИ)
- Славе Несторовски (ТРАЈНО МАКЕДОНСКО РАДИКАЛНО ОБЕДИНУВАЊЕ-ТМРО)
- Даниела Арсовска (ГРУПА ИЗБИРАЧИ, ВМРО-ДПМНЕ, АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ, АЛТЕРНАТИВА)
- Горан Арсовски (КОМУНИСТИЧКА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА-ТИТОВИ СИЛИ)
- Владимир Трајковски (РОДИНА МАКЕДОНИЈА)
- Тодор Ношпал (ИНТЕГРА-МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА)
- Александар Тортевски (ТВОЈА ПАРТИЈА)
- Арбен Шаќири (КОАЛИЦИЈА ДВИЖЕЊЕ ОДЛУЧНО ЗА ПРОМЕНИ)
- Ана Петровска (ГРУПА ИЗБИРАЧИ, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД)
Напоменуваме дека бројчињата пред кандидатите не се официјалните гласачки бројки за изборите.