Од Изборната програма за Локални избори 2021 на независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, ги издвојуваме 15+1 приоритени проекти за Скопје. Дел од нив веќе познати, но голем и дел нови. Дел навидум премногу добри проекти за да бидат вистинити. Од 5 нови мега паркови и 5 нови булевари, до нови 250 еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз. И секако клучниот проект за овие избори, забавниот парк. Прочитајте ги подолу, накратко главните проекти на Данела Арсовска.
5 НОВИ МЕГА ПАРКОВИ ВО СКОПЈЕ
На Скопје му се потребни нови зелени површини – бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување. На 5 локации во градот кои веќе се определени, во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, предвидуваме создавање паркови по примерот на Градскиот парк. Парковите ќе бидат лесно достапни, со дрвја и растенија, урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки.
БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ
Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме ЦЕЛОСНО БЕСПЛАТЕН квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор.
5 НОВИ БУЛЕВАРИ ВО СКОПЈЕ
Доколку сакаме модерен и урбан град, со намалена бучава и истовремено со грижа за своите граѓани и стопанството, наша обврска е да инвестираме во брзи конекции помеѓу главните населени места во градот. Затоа предвидуваме отпочнување на изградба на булеварот Хрватска (во соработка со централната власт), продолжување на булевар Борис Трајковски до Драчево, продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, како и продолжување на булевар Мит. Теодосиј Гологанов од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до кракот со бул. Ѓорче Петров со 4 ленти. Предвидуваме и подземни сообраќајници под кружниот тек кај Нова Македонија со влез од кај Кисела Вода и излез кон кружниот тек кај Католичката црква.
РЕВИДИРАЊЕ И ПРИЛАГОДУВАЊЕ НА ПРОЦЕНКАТА ЗА ДАНОК НА ИМОТ
Градот Скопје ќе ги ревидира и целосно прилагоди постапките и проценките на имотот на граѓаните, а во согласност со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот. Проценката мора да биде реална и имотот на граѓаните да не биде преценет. Ќе спроведуваме политика на ниски, но реални и остварливи даноци за граѓаните.
ГАСИФИКАЦИЈА НА СКОПЈЕ – РЕШЕНИЕ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ
Гасификацијата на стопанството и домаќинствата е најзначајната мерка за намалување на загадениот воздух. Воедно, природниот гас е и поевтин енергенс. Скопјани долго слушаа за решенија со кои ќе се гасифицира градот, но сега конечно се потребни дела. Во соработка со Владата, предвидуваме гасификација на сите домаќинства и приклучок за фирмите преку секундарни и терцијарни мрежи, но и преку складни платформи за снабдување со природен гас. За да се овозможи гас за секое домаќинство, ќе го субвенционираме во целост приклучокот преку ваквите системи за снабдување со природен гас. Предвидуваме и целосна гасификација на сите средни училишта во градот, како и сите институции и установи под надлежност на градот Скопје.
25% ПОЕВТИНИ ПАРКИНЗИ
Паркирањето во Скопје мора да биде поевтино и подостапно. За таа цел предвидуваме намалување на цената за паркирање за 25% на сите градски паркинзи. Воедно по моделот на јавно-приватно партнерство, предвидуваме изградба на нови катни гаражи кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир, Топанско поле, во Центар, монтажни паркинзи во Аеродром, Кисела Вода и на други локации.
ВОДНО – ЗЕЛЕН ШТИТ НА СКОПЈЕ
Град Скопје нема да даде поддршка за издавање нови градежни дозволи на Водно. Водно и Скопје се неразделно поврзани. Со насилната и нелегална урбанизација, апетитите на малкумина го загрозуваат овој зелен штит на градот. Затоа се обврзуваме на прогласување на паркшумата Водно во ПАРК НА ПРИРОДАТА. На тој начин, обезбедуваме дополнителен степен на заштита на ова парче природа кое значи живот за Скопје и скопјани. Со дополнителна поддршка и европски проекти ќе го направиме Водно зелен штит на Скопје. Во програмата ќе најдете и бројни проекти за Водно, 24-часовна лупа на Водно, намалување на возилата кои сообраќаат на планината, зазеленување и пошумување, поттикнување на ридскопланинскиот туризам, алтернативните спортови, нови велосипедски патеки, тракинг патеки за пешачење, зголемување на хигиената и безбедноста и целокупната грижа за планината. Водно е обврска на сите нас!
СООБРАЌАЕН КОРИДОР МАВРОВКА
Решавањето на сообраќајниот хаос кај трговскиот центар Мавровка е комплексен, но задолжителен приоритет. Затоа, во низата капитални проекти за намалување на сообраќајниот хаос во градот, ја сместивме и една од најфреквентните крстосници помеѓу бул. Крсте Мисирков и бул. Гоце Делчев. Императив за новата градска власт е да се намали застојот во сообраќајот. Со овој проект е предвидено да се изгради модерен булевар крстосница на неколку нивоа кој ќе започнува од крстосницата кај East Gate Mall па се до плоштадот кај Скопската чаршија.
НАЈДОБАР ЛУНА ПАРК НА БАЛКАНОТ И ДВА НОВИ ЗАБАВНИ ПАРКА
Спомените од скопскиот Луна парк не смее да останат само спомени. Затоа планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот. Освен за најмладите, овој парк на скопјани ќе им понуди содржини за сите возрасни категории. Останатите два забавни парка се планирани во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство.
250 НОВИ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ
Заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси.
ДОСТА Е ОД КОРУПЦИЈА ВО ГРАДОТ!
Дигитализацијата на сите услуги на градот Скопје е најдобро решение за проблемот со корупцијата. Истовремено, се обврзуваме на транспарентна процедура на ветинг на сите директори на јавни претпријатија и раководители во рамки на градот Скопје. Ќе воспоставиме соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата за создавање Програма за спречување корупцијата во сите градски претпријатија, установи и училишта. Во програмата предвидуваме и Омбудсман одговорен за пријавите за корупција и прекршување на правата на граѓаните. Скопје ќе биде најтранспарентната институција во државата!
СКОПЈЕ БЕЗ ЗАБОРАВЕНИ НАСЕЛБИ
Скопје се соочува со нерамномерен развој. Додека еден дел од градот активно се развива, некои делови на Скопје се заборавени и се соочуваат со проблеми кои треба да бидат заборавени во минатиот век. Ивање, Арнакија, Волково, Даме Груев, Кучевишка бара, Маџари, Трубарево, Припор, Драчево, Топаана, Бел Камен Радишани, Шуто Оризари, Бардовци, Горно Нерези, Злокуќани, Крњево, Долно Лисиче, Буковиќ, Глумово, Свиларе, Шишево, Радуша, Ласкарци, Идризово, Наово, Брњарци, Љуботен, Булачани, Гоце Делчев, Коњари, Идризово, Инџиково, Јурумлери, Колонија, Раштак, Сингелиќ, Страчинци, Црешево, Јазирци, Визбегово, Љубанци, Грачани, Кисела Јабука, Кучково, Лака, Кондово, Никиштане, Орман ќе го имаат нашиот силен фокус. Преку постојани анализи на состојбите, комуникација на терен со граѓаните од овие делови на Скопје, ќе понудиме брзи решенија кои ќе значат конечно надминување на затекнатите состојби. Програмата изобилува со проекти за водоводна, атмосферска, канализациска, енергетска и секаква друга реконструкција на овие населби од Скопје.
ЗЕЛЕН СПОРТСКИ КЕЈ ОД ЃОРЧЕ ДО ДОЛНО ЛИСИЧЕ
Кејот, од двете страни на реката Вардар, мора да прерасне во голем зелен коридор. Овој капитален проект предвидува целосно осветлување со паметни и штедливи светилки, засадување погодни садници, изградба на спортски зони, комплетирање на велосипедски, тартан и пешачки патеки, со целокупна дополнителна инфраструктура, Скопје ќе добие повеќе од 40 километри корисна зелена хумана површина за дружење, спорт, рекреација во најурбаното јадро на градот. Секако, овој зелен коридор најмногу треба да му послужи на Скопје за заштита на животната средина и чистиот воздух.
ЕКОЛОШКИ ЗЕЛЕН СОВЕТ
Стратешкото планирање за Скопје мора да го прават експерти од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот и заштитата на животната средина. Генералниот урбанистички план на Град Скопје и придружните стратешки документи не смее да се носат зад затворени врати, без учество на врвни експерти и професионалци од фелата, претставници на здруженија на граѓани и други релевантни чинители. Зелениот совет ќе има за задача да понуди решенија за борба против урбанистичкиот хаос во градот, поддршка при разгледувањето на деталните урбанистички планови, како и контрола на исполнувањето на плановите во пракса.
ЗЕЛЕНИ КОРИДОРИ – СЕРАВА И ЛЕПЕНЕЦ
Помалите реки во Скопје се заборавено природно и туристичко богатство. Тие наместо напуштени диви простори, мора да прераснат во зелени коридори за рекреација и прошетки каде ќе се негува природата, спортот и здравите навики. Затоа предвидуваме уредување на коридорот долж реките Серава и Лепенец. Со планирани тартан и велосипедски патеки, фитнес зони, детски катчиња и катчиња за пензионери, ќе придонесеме кон функционалност и заштита на овие заборавени делови на Скопје. На овој начин добиваме уредени површини со квалитетна урбана опрема и зеленило каде ќе може граѓаните да се одморат и
да рекреираат.
ЧИСТЕЊЕ НА СИТЕ ДИВИ ДЕПОНИИ ВО ПРВИТЕ 82 ДЕНА
Дивите депонии се сериозна закана за животот на скопјани и голем проблем со кој се соочуваме со години. Затоа, за чист воздух над Скопје, за обезбедување чист воздух за сите нас, поставивме приоритет – чистење на сите депонии во градот и во околината на Скопје во првиот 82 дена од мандатот. Со решителност, со работа и непоколебливост ќе се избориме за тоа што ни е неопходно, чист воздух и животна средина.
Реални проекти или не? Одлучете сами.
Извор За модерно Скопје