Од Изборната програма за Локални избори 2021 на актуелниот градоначалник, Петре Шилегов, ги издвојуваме петте клучни проекти за развој и иднината на овој град. Дел од нив веќе познати и делумно започнати. Дел од нив сосема нови. Нови булевари, пешачки зони, БРТ, комунална полиција и повторно забавниот парк, се дел од капиталните проекти, планирани за наредните 4 години. Дали конечно ќе се изгради и долго најавуваниот Забавен парк? Останува да видиме по 17ти октомври. Во меѓувреме, прочитајте ги главните проекти на актуелниот градоначалник вметнати во неговата изборна програма.
Изградба на нов интегриран систем за јавен превоз BRT – Bus Rapid Transport

Изградбата на БРТ ќе овозможи побрз, поефикасен и побезбеден автобуски превоз, помало аерозагадување и почиста животна средина. Поради тоа ова е дел од визијата за Скопје како „Зелен град“. Линијата на БРТ ќе се движи по посебна траса за брзи автобуси, која ќе биде физички издвоена од предругиот сообраќај.
Проектот БРТ опфаќа имплементација на две линии за брз автобуски транспорт – Линија 1 (исток – запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) со должина од 12,81 км и 21 автобуска станица, како и Линија 2 (север – југ, од железничката станица на булеварот „Босна и Херцеговина“ до булеварот „Борис Трајковски“) во должина од 10,4 км со 20 автобуски станици. Вкупното времетраење на возење во еден правец изнесува 35 минути. Временскиот интервал меѓу две возила на автобуските станици ќе изнесува 3 минути. Другите автобуски линии ќе бидат во функција на превоз за довезување и развозување на патници до БРТ.
БРТ ќе го зголеми квалитетот на услугата во јавниот градски превоз и ќе ја намали потребата од користење индивидуални возила. Поради тоа ќе се намалат штетните емисии на издувните гасови и бучавата. Почист воздух за сите, #НајдобротоЗаНашиотГрад.

Витална инфраструктура – крвоток за развојот на градот
Изградбата на инфраструктурата е движечката сила за урбаниот развој на Скопје и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Изминатите четири години систематски, чекор по чекор, успеавме да изградиме четири нови булевари. Тие се следните: „Христијан Тодоровски Карпош“, „Б и Х“, „Никола Карев“, „АСНОМ“. Започната е изградбата на новиот висечки мост преку Вардар, на улица „Љубљанска“. Мостот „Михајло Апостолски“ е веќе во завршна фаза. Сите овие проекти се дел од мозаикот градска инфраструктурата, логички поврзана функционална целина.
Во наредниот мандат го пробиваме булеварот „Хрватска“ и ќе го продолжиме бул. „Словенија“ до Ѓорче Петров. Северниот магистрален прстен конечно ќе стане целина. Ги поврзуваме истокот и западот на градот со магистрална врска што ќе го ослободи центарот на градот од метежи. Пешачката зона „Мал ринг“ со БРТ станува реалност. Новата инфраструктура ќе создаде услови за урбан развој и хуманизирање на празните и девастирани простори кај Зајчев Рид, касарната „Илинден“ и други.
Холдинг на градските сервиси
Во 2017 година најавивме интегриран комунален сервис и воведовме независна и ефикасна инспекциска служба, со интегрирање на инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје заедно со инспекторите и редарите од сите скопски општини. Оваа системска промена е предвесник на интегрирањето на јавните претпријатија во сопственост на Град Скопје во еден централизиран, интегриран и ефикасен холдинг на градски сервиси.
Оваа интеграција ќе овозможи систематски пристап при решавање на потребите на граѓаните, повисок степен на координираност на услугите на претпријатијата како и оптимизација на нивните оперативни трошоци за работа. #ЧекорПоЧекор ја трансформираме и ја модернизираме градската администрација.
Нов забавен парк
Скопје долго сонува и конечно добива нов и модерен Забавен парк, на местото на стариот Луна во Градскиот парк. Децата во Скопје ќе можат повторно да се радуваат на возбудливи содржини што ја поттикнуваат детската фантазија и го подобруваат нивниот психомоторен развој. Во новото партерно решение не е предвидено отстранување на ниту едно дрво, што беше императив при проектирањето. Во просторот се поставуваат 27 реквизити наменети за деца од различни возрасти, но и семејни. Сите реквизити ги исполнуваат европските стандарди и норми за квалитет и безбедност, а забавниот парк ќе има капацитет од 3000 посетители дневно.
На Градскиот парк повторно му го враќаме панорамското тркало, покрај редица други содржини, како тобогани, ролеркостери, возења со мали бродови и автомобили, како и адреналинскиот „тајфун“. Покрај овие главни содржини, предвидени се и придружни содржини, како што се ресторани, сувенир-шопови, тоалети, билетарници и други комунални објекти.
Комунална полиција
Основната одлика на демократските општества е поседување солидна, праведна и применлива законска, односно правна рамка на општествените правила на живеење. Феноменот што се појавува во општествата, во некои помалку, а во некои повеќе, е Law Reinforcement, односно спроведливост на правната рамка. Овој феномен се однесува на степенот на почитување на правилата и прописите што се на сила, односно во важност. Современите државни системи ги имаат министерствата за внатрешни работи, односно полициските сили како органи надлежни за обезбедување на спорведување на законската рамка.
Повеќето држави, во насока на ефикасно справување со појавата на помали кршења на прописи, спровеле децентрализација на надлежностите на полициските сили на ниво на локалните самоуправи, со проширување на надлежностите на комуналните инспекциски и редарски служби, попознати како комунална полиција. Нашата анализа на состојбите во Градот Скопје го препозна токму овој модел како соодветен и неопходен за справување со непочитувањето на правилата и прописите.
Реални проекти или не? Одлучете сами.
Извор Најдоброто за Скопје