Денес ќе го презентираме првиот дел од изборната програма на граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град, како и на кандидатката за градоначалник Ана Петровска.
Програмата не ЗХГ и Ана Петровска се заснова на 7 приорити:
- Генерален урбанистички план за зелено и хумано Скопје
- Отпадот се селектира, рециклира и компостира
- Скопје со чист воздух
- Енергетска независност и борба против енергетска сиромаштија
- Брза, ефикасна и дигитализирана администрација
- Целосно водоснабдување, одведување и пречистување на отпадните води
- Скопје без бездомни животни
Како главен проект на идната локална власт, совет и градоначалник на град Скопје е изработката и усвојувањето на новиот Генерален Урбанистички План (ГУП) на град Скопје. Од исклучителна важност е ГУП-от да биде изработен според основни стандарди за зелен и хуман град.
Основни принципи и начела во планирањето на ЗХГ се: социо-економска праведност, рамномерен развој, демократизација на управувањето со просторот како јавен ресурс, партиципативност, климатска отпорност
вградена во плановите. Со новиот Генерален урбанистички план (ГУП) мора да се постави рамка за современо и хумано урбанистичко планирање. Од ЗХГ ги применуваат препораките од студијата Градови за луѓе и се предвидува:
- Попишување, заштита и проширување на зелените површини и формирање зелена еколошка мрежа (зелена инфраструктура);
- воведување хумани стандарди – густина на населеност и процент на изграденост;
- подобрување на сообраќајната поврзаност, зголемување на ефикасноста на јавниот транспорт, решавање на паркирањето и оформување мрежа на велосипедски ленти и патеки на блиско растојание до сечиј дом и работно место. Планирање според превртената сообраќајна пирамида во која пешачкот е на врвот;
- стоп за нестручни упади во планирањето, како што се „линиски центри“;
- формирање соседства (урбани четврти) со сите функции неопходни за квалитетен живот на 15 минути (домување, градинки, училишта, амбуланта, парк, пазар, трговски и комерцијални центри, администрација, спортски терени, игралишта, објекти од областа на културата, урбани градини, компостара, паркови за миленици и слично);
- решавање на комуналната и друга инфраструктура: водовод, канализација и пречистителна станица, топлификација, локации и центри за собирање и селектирање отпад, рециклажни центри за градежен шут, улици, пазари, озеленти гробишта, јавни зелени површини, сообраќајна сигнализација, објекти за згрижување бездомни животни;
- заштита и пренамена на напуштените објекти во повеќенаменски содржини – зеленило, младински и културно-социјални центри;
- со ГУП-от издвојување на таканаречени „консолидирани соседства“ што ги содржат сите потребни функции;
- ограничување на ширењето на градот и утврдување на статусот на приградските населби што гравитираат кон градските функции;
- заштита на коридорите на реките и потоците со регулациони линии;
- заштита на визурите кон Калето и Аквадуктот со соодветни акти и планови. Високи објекти околу нив не смее да се градат;
- преиспитување на сообраќајниот концепт на градот и планирање поинаква структура на уличните профили од примарната сообраќајна мрежа;
- интегрирање на урбанистичкото со транспортното планирање. Железничкиот прстен со брзиот јавен превоз функционираат со заеднички станици и во една мрежа;
- вградување на заклучоците од студии и стратешки документи на Градот во реалните планови и проекти. Стручните документи да не се празно слово хартија, туку да добијат правна и реална тежина;
- eден од врвните приоритети е изработка на Планот за заштита и спасување на Градот Скопје од природни непогоди и други несреќи;
- Планирање на зелените простори по приниципот “Градови – сунѓери“ односно природно – базирани начини на справување со вишокот атмосферски води;
- попишување на градскиот имот, прекин на неговата приватизација и одговорно управување со него со цел социјално поправеден развој на градот;
- изготвување на Регистар на државно земјиште и објекти при изработка на новиот ГУП. Правиме географски базирани анализи за потребата од градинки, училишта, зеленило, амбуланти, други социјални инфраструктури, пешачки и велосипедски мрежи, вкрстено со податоците за жители во секоја четврт;
- планирање базирано на податоци и вредности, а не само на профит;
- заштита на државното земјиште со мапирање;
- црвена линија: Онаму каде што капацитетите на градинките и училиштата не се доволни, онаму каде нема доволно јавен простор и нема можност за нови капацитети во пешачки радиус до домувањето, не смее да се дозволува нова станбена изградба. Планирање во служба на јавниот интерес и граѓаните, наместо инвеститорски урбанизам!
- Укинување на штетните одлуки за регулациски планови кои не го штитат јавниот интерес (спортски центри, паркови, државно земјиште).
Општите и посебните услови за спроведување на Генералниот урбанистички план кои им задаваат обврски на деталните планови, се зелени и хумани и со нив спречуваат штетни детални урбанистички планови. Се планира визионерски. Со Генералниот урбанистички план ЗХГ предвидуваат рути, отворени локации и план за евакуација на населението. Безбедноста на скопјани е на прво место. Доекипирањето и осовременувањето на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје е во фокусот. Да се обезбеди доволен број на пожарникари со современа опрема и да се овозможат услови за редовни вежби. Добрата организација за превенирање на катастрофите спасува животи!
Пораката од иницијативата Зелен Хуман Град и Ана Петровска како кандидатка за градоначалника на град Скопје е следната:
Ни треба Скопје кое се развива, но и кое ќе има ПРИНЦИПИ пред моќните лобија.
Сите планови и проекти за развој мора да ги исполнат критериумите за социјална правда и грижа за животната средина и квалитетот на живот. Не смее на сметка на еден инвеститор, цело маало да биде во сенка. Не смее на сметка на еден инвеститор, цело маало да нема градинка или парк. Не смее на сметка на интересот на еден граѓанин, а на штета на друг, да се поместуваат траси на сообраќајници или граница на ГУП. Стручноста и праведноста треба да бидат одлучувачки. Градот и општините мора да постават црвени линии преку кои нема да преминуваат со што ќе се обезбедат потребите во сегашноста без да се загрозат потребите на идните генерации или со други зборови: одржлив урбан развој.
Извор Програма ЗХГ