Од Изборната програма за Локалните избори 2021 на кандидатот на ВМРО-ДМПНЕ за градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, издвојуваме 7 приоритети за Аеродром. Се ветуваат градинки, училишта, паркови, дрвја. Прочитајте ги подоле главните приоритети на Тимчо за Аеродром.
НОВИ ДЕТСКИ ГРАДИНКИ
Аеродром е најголема општина во град Скопје според бројот на жители. Потребата од нови капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст е огромна. Токму затоа ветуваме изградба на четири нови детски градинки со капацитет за 800 дечиња во следниве населени места: Острово, Лисиче, Мичурин и Долно Лисиче. Нашата визија е листата за чекање за влез во градинка да биде минато. Дополнително, родителите треба да бидат сигурни дека веќе нема да плаќаат ниту еден денар дополнителни давачки за градинка освен партиципацијата. Нема да дозволиме овие „скриени“ давачки да бидат на товар на родителите. Контролата на работењето на градинките ќе биде системска, со активно вклучување на родителите.
Ние се обврзуваме: До крајот на 2022 година најмалку една градинка ќе биде пуштена во употреба.
АЕРОДРОМ БЕЗ СООБРАЌАЕН ХАОС
Секое работно утро и секое попладне, Аеродром е во сообраќаен хаос. Затоа, ќе понудиме бројни решенија за намалување на сообраќајниот метеж којшто се случува во Аеродром. Во текот на мандатот во соработка со градските власти ќе направиме два кружни текови. Едниот ќе биде во Острово, во близина на ООУ „Блаже Конески“, а другиот на булевар Србија. Покрај овие два капитални проекти, планираме и други проширувања и пробивања на улици. Паркирањето во Аеродром е секојдневен проблем, без разлика дали тоа се однесува на жителите или посетителите од другите општини. За надминување на овој проблем, се обврзуваме до крајот на мандатот да обезбедиме 3.000 нови паркинг места на територија на општината.
Ние се обврзуваме: Во првата половина од мандатот ќе го завршиме кружниот тек во Острово.
НОВ МУЛТИМЕДИЈАЛЕН ЦЕНТАР
Со стотина илјади жители, недозволиво е општина Аеродром да нема свој простор за културни збиднувања, фестивали, хепенинзи на отворено и други настани. Во рамки на новата отворена мултифункционална општинска зграда, планираме изведување на мултимедијален центар, а планираме и сцени на повеќе различни локации во општината. Овие простори ќе бидат наменети за одржување на разни манифестации од културно уметнички карактер. Отворен за сите професионални и аматерски групи, мултимедијалниот центар ќе има целогодишна програма на театарски, филмски, мултимедијални, ликовни, танцови и секакви други изведби. Општина Аеродром ќе продолжи да ги финансира и постојните традиционални манифестации, но ќе одвои и значителни средства за постојано унапредување на културно забавниот живот. Во рамки на новата мултифункционална општинска зграда, покрај просторот за администрацијата, ќе предвидиме и coworking простор, првата библиотека и читалница во Аеродром, зелен покрив кој ќе служи како тераса, галерија и други наменски простории. Новата мултифункционална општинска зграда ќе биде пример за тоа како треба да изгледа отворена локална самоуправа која ќе одговори на разни потреби на граѓаните.
Ние се обврзуваме: Нов мултифункционален општински центар
до 2023 година.
ВЕЛО-ДРОМ
Трендот на користење на велосипеди, електрични тротинети, мопеди и велосипеди зазема сѐ поголем замав – и тоа е одлично. Проблемите со паркирањето на автомобилот, сообраќајниот метеж, но и физичката активност додека возите велосипед се дел од причините што се поголем број на луѓе се одлучуваат за овој алтернативен превоз. Нашата визија е да нема улица без велосипедска патека. Велосипедистите ќе бидат безбедни, нема повеќе да возат по коловозот и да стравуваат дека некое возило ќе ги удри или пак да удрат во некој пешак. Во насока на што помасовно користење на велосипедот како превозно средства ветуваме финансиска поддршка за нивно купување, паркинзи кои ќе бидат под видеонадзор со оглед на големиот број на кражби, но и низа други мерки за стимулирање на овој вид превоз.
Ние се обврзуваме: Вело патеки на секоја улица до крајот на мандатот.
РЕНОВИРАЊЕ И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА УЧИЛИШТАТА
Прокиснувањето на крововите, прозорци кои не се затвораат, супстандардни тоалети, искршен училишен инвентар и други непријатни слики нема да бидат повеќе реалност за нашите најмилидецата. Ја преземаме обврската сите основни училишта да подлежат на енергетско ефикасна реконструкција и да добијат паметни училници со мултимедијални смарт табли и останата современа ИТ опрема согласно со светските трендови. Вложувањето во образованието е најисплатливата инвестиција за една држава – тоа е нашето мото. Дополнително, Аеродром ќе инсистира и ќе ги искористи во целост своите ингеренции за Скопје да добие нова гимназија со седиште во нашата општина. Во склоп на оваа гимназија ќе побараме да биде и математичката (и информатичка) гимназија за талентирани ученици. Правото на образование е загарантирано со Уставот, а наша обврска е родителите да имаат 0 денари дополнителни давачки кон училиштето.
Ние се обврзуваме: во 2022 го отвораме првото зелено училиште во општина Аеродром.
ЕКО – ДРОМ
Аеродром ќе стане вистински зелена општина. Ќе направиме паркови од 100 илјади метри квадрати. Тоа е еднакво на 20 фудбалски игралишта. Во парковите, но и насекаде низ општината ќе насадиме 15 илјади дрва во текот на мандатот. Секој од учениците во нашата општина ќе има можност да си посади свое дрво. Грижата за животната средина се создава уште од најрана возраст. Сликите на пожолтена трева мора да станат лоша епизода од минатото. Одржувањето на парковите претставува нашиот императив, затоа што таму го поминуваме нашето слободно време, таму другаруваме, таму се забавуваме. Ќе ја реорганизираме службата за одржување на јавна чистота на највисоко ниво и заеднички ќе ја направиме Аеродром најчистата општина. Во сите паркови ќе ја замениме застарената урбана опрема и ќе биде додадена нова.
ОПШТИНА СО 0 КОРУПЦИЈА
Аеродром ќе имплементира систем на работење кој ќе биде пример за сите во државата. Ќе биде општина која ќе гарантира 0 корупција. Секој од вас ќе може да спие мирно и да знае дека општината е за сите нас, за сите вас, дом на кој можете да се потпрете.