• сре. Мар 29th, 2023

Скопје мора да биде ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД (II)!

Продолжуваме со запознавање на Програмата на ЗХГ и Ана Петровска. Во првиот дел, главен акцент е ставен на усвојување на новиот ГУП на градот. Што треба да содржи истиот според најновите стандарди. Понатаму ќе видиме што поконкретно ЗХГ и Ана Петровска предложуваат со новиот ГУП на градот.

ПАРКОВИ ВО СЕКОЕ МААЛО

  • Предвидуваме нови линиски паркови долж реките Лепенец, Вардар, Серава, Треска и Маркова Река;
  • Го сочувуваме т.н. „Свето тројство“ – Градскиот парк, Расадник и Паркшумата Гази Баба, бидејќи ја формираат јадровата зелена зона во срцето на градот. Таму не смее да се гради. Неопходно е да се збогатат со функции за привлекување посетители и млади што се рекреираат и спортуваат;
  • Со новиот ГУП ја спуштаме границата кон градот за да се оневозможи понатамошно градење на Водно. Новиот ГУП мора да обезбеди дека сите овие важни предели со биолошка разновидност, заштита од поплави, снижување на температурите, близок контакт со природа и рекреација од извонредно значење за скопјани ќе останат заштитени;
  • Итно го заштитуваме зеленилото на Водно, Гази Баба, Кале, Скопска Црна Гора, центарот Треска и кањонот Матка. Го осмислуваме и му даваме соодветна функција на зеленилото во состав на Зајчев рид. Ги заштитуваме и уредуваме зелените површини и самите локалитети на културата – Скупи, Аквадуктот, Кале;
  • Не ги сечеме дрворедите покрај улиците и подигаме нови; блоковското зеленило го прошируваме и одржуваме; сите паркови меѓусебно ги поврзуваме со нови зелени површини и формираме мрежа на урбано зеленило;
  • Во деловите на градот кадешто зелените површини и дрвјата се неповратно уништени, ги преуредуваме со зелен партер паркинзите. Внесуваме зелени џебови („шикани“) на улиците и поставуваме вертикално и кровно зеленило.
  • Ги ревитализираме и пренаменуваме во јавни простори со богато зеленило: неискористените објекти во комплексот Железара (Гази Баба), Стакларница и Хемтекс (Кисела Вода), Купрум (Ѓорче Петров), месната заедница во Тафталиџе, поранешното индустриско училиште во Автокоманда (после МРТВ), напуштените угостителски објекти во Центар, детското одморалиште „Страхил Андасаров“ во скопското село Љубанци, стовариштето Славија во Кисела Вода, недоизграденото детско одморалиште на Водно, недоизградениот факултет кај ПМФ и други.
  • Депонијата „Вардариште“ итно ја затвораме и ја претвораме во континуирана зелена површина покрај Вардар што може да донесе важни еколошки придобивки. До обезбедувањето финансиски средства за затворање и рекултивација на ова еколошко жариште, неопходно е спречување неовластен пристап со оградување и/или видео надзор и редовни патроли за навремено откривање и санкционирање палење кабли, гуми и мебел.

ВОДНО И ПАРК-ШУМАТА ВО ГАЗИ БАБА СЕ ЗЕЛЕНИ И ЗАШТИТЕНИ

  • На Водно не смее да се одвива автомобилски сообраќај. Поставуваме доволен број на корпи за одлагање отпад и го контролираме нелегалното фрлање отпадоци од несовесни граѓани.
  • Сите канали за одведување на поројните води на Водно мора да се исчистат и уредат и да се спречи загадена вода да се слева во градот. Асфалтираното и бетонираното земјиште на Водно мора, секаде каде што е можно, да се претвори во водопропусна и зазеленета површина. Сите ерозивни зони ги заштитуваме според најсовремени шумарски и хидролошки методи.
  • Водно мора да овозможи квалитетен простор на скопјани за планинарење, велосипедизам, параглајдерство, прошетки, џогирање, релаксирање, дружење. Да се одржуваат видиковците и редовно да се чистат подрачјата низ кои се движат посетителите.

СО ЈАВЕН ТРАНСПОРТ СЕКАДЕ СТИГАМЕ НАВРЕМЕ

  • Неопходно е најпрво да се оптимизираат сите линии на јавен превоз во градот. Приградските линии не смее да се внесуваат во центарот. Мора да се интегрираат редовните автобуски линии, постојната железничка инфраструктура, велосипедскиот сообраќај и автомобилскиот сообраќај преку системите Park&Ride.
  • Јавниот градски превоз мора да биде со целосно издвоена траса, да има приоритет на сигнализираните раскрсници и да вклучи возила со високи еколошки стандарди.
  • Во идниот развој на транспортниот систем на Скопје, на источниот и западниот влез на Скопје да се планираат транспортни терминали со бесплатен паркинг за автомобили, можност за изнајмување на велосипеди, но и низа комплементарни функции (трговија, забава). Терминалите би обезбедиле алтернатива за големиот број на возачи кои со автомобили доаѓаат во Скопје од внатрешноста на Македонија.

МРЕЖА ОД ВЕЛОСИПЕДСКИ И ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ

  • Реконструкцијата и изградбата на велосипедските патеки по булеварите мора да продолжи. Во сите општини градиме велосипедски решенија (патеки, ленти или улици). Онаму каде што не е возможно воведување стандардни велосипедски патеки и ленти, овозможуваме велосипедски патеки или ленти преку поинакво сообраќајно решение. На пример преку стеснување на коловозни ленти, преку еднонасочен сообраќај итн. Или, воведуваме велосипедски улици, т.е. улици каде што велосипедите може да се движат на средина на сообраќајната лента и имаат предност пред автомобилите, а го споделуваат истиот простор.
  • Воведуваме правило за праведен буџет, имено минимум 15% од буџетот за патна инфраструктура да се користи за пешачки патеки и минимум 15% да се користи за велосипедски патеки, по примерот на Ирска. Бидејќи општинските улици се со помал коловоз и пропорционално поголем дел припаѓа на тротоарите отколку на булеварите, овој процент може и да расте.
  • Поставуваме физичка заштита од паркирање врз јавните пешачки, велосипедски и зелени површини во облик на столпчиња, жардиниери и слично, ангажираме комунални редари и се залагаме да се зголемат ингеренциите на Градот Скопје во поглед на заштита на јавниот простор.
  • Безбедни велосипедски решенија
  • Велосипедистите, пешаците, луѓето со хендикеп и родителите со детска количка се безбедни и можат да се движат глатко, без пречки.

БЕЗ ПРЕЧКИ ЗА ЛУЃЕТО СО ХЕНДИКЕП – ПРИСТАПНОСТ ЗА СИТЕ

  • Протокот на сообраќајот се управува на начин што во јавниот простор ќе обезбеди приоритетно движење на јавниот сообраќај, амбулантните, противпожарните, полициските и комуналните возила. Притоа, највисок приоритет добива движењето на лицата со хендикеп.
  • Тротоарите се пристапни за тркалата на лицата со хендикеп, помагалата на повозрасните лица, бебешките колички, велосипедите и тротинетите преку изградба на континуирани тротоари или преку спуштање на рабниците. Тротоарите се проширени секаде каде што се тесни и има можност за проширување. Ги реконструираме и уредуваме и тротоарите, а не само коловозите. Воведуваме пешачки зони, користиме квалитетни материјали кои се удобни за пешачење со линиски тактилни плочки. Садиме дрвореди секаде каде што не пречат на пешачкото движење. А ја зголемуваме застапеноста на јавни чешми кои не течат неконтролирано, како и места за јавно некомерцијално седење и дружење.

ЕКОТУРИЗАМ И КУЛТУРЕН ТУРИЗАМ

  • Градот Скопје мора да ги заштити природните богатства и културноисториските споменици за развој на екотуризмот и културниот туризам.
  • Во Градскиот парк, Парк-шумата Водно и на Стајковско Езеро (на кое се забележани 158 различни видови птици) може да се организира набљудување птици (птичарење).
  • На Водно и Скопска Црна Гора овозможуваме развој на адреналински и екстремен спортски туризам: планински – екстремен велосипедизам и велотуризам; велосипедски трки во екстремен велосипедизам од меѓународен карактер; екстремно спуштање со велосипед (Downhill). Во туристичката понуда на Парк-шумата Водно ја вклучуваме Црквата Св. Пантелејмон од 12 век, Милениумскиот крст изграден на врвот на планината, жичницата која овозможува пристап на самиот врв и традиционалната ликовна колонија „Свети Пантелејмон“.
  • Воспоставуваме вардарска велосипедска магистрала исток-запад, од Сарај до Јурумлери, со можност за продолжување на југ по Еуро Вело рута 11;
  • Културниот туризам го засноваме на обновување на историската оска на развој на Скопје север-југ. Почнувајќи на север од Саат кулата, преку Старата чаршија, па сѐ до старата железничка станица, односно Музејот на Град Скопје и Марковите кули на Водно (во близина на Марково Крувче), како најјужна точка. Со заштитата на Скупи, Аквадуктот, неолитското село Тумба Маџари, Пеленица и Таор, се воспоставува оската на објекти од културното наследство во правец исток-запад. По таа оска Скопје се развива во повеќе историски периоди, од неолитот, преку антиката, средниот век, до најновата историја.
  • Градот Скопје во соработка со општините ќе прогласи Ден без автомобили, со кој дел од улиците на месечно ниво ќе се затвораат за автомобилски сообраќај, а ќе се отворат за пешачење, возење велосипед, рекреација, социјализација, детска игра, маалски живот, спорт и култура. Овие денови значајно ќе ги зголемат можностите за рекреација на жителите, но и атрактивноста на градот за посетители.

ПОВЕЌЕ СПОРТСКИ ТЕРЕНИ

  • Во Скопје мора да се зголеми бројот на спортски терени и, воопшто, спортско-рекреативни зони на јавните простори. Секое средно училиште мора да овозможи спортување. Најмногу недостигаат спортски терени во општините Бутел, Чаир, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Со новиот ГУП ги предвидуваме на соодветни локации и во доволен број. Во состав на спортските терени садиме дрвја и овошки. Младата популација мора да стекне навика повеќе да спортува.
  • Градот мора да ги промовира постојните терени. Албион во Бутел, центарот Борис Трајковски, градската плажа Парк, игралиштето за одбојка на песок, спортско-качувачкиот стадион, спортскиот центар во состав на гимназијата Никола Карев, тениската академија во состав на гимназијата Ѓорѓи Димитров и Форца, тениските клубови АБЦ и Југ (Општина Карпош), Олимпискиот базен, Бекјард (Гимназија Јосип Броз Тито), лизгалиштето Кале (Општина Центар), како и Јане Сандански, спортскиот центар во Ново Лисиче (Општина Аеродром), Спортскиот центар Сарај, Матка и Треска.

Дел I Дел III

Извор