Актуелниот градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов, денес го најави новиот забавен парк. Тој на својот facebook профил напиша:
“Со особена чест денес го презентирав проектот за новиот забавен парк во Скопје. Проект чија реализација за жал, моравме да ја одложиме заради пандемијата. Но, сега тој станува реалност и за 18 месеци Скопје ќе го има најмодерниот забавен парк во регионот и најголем ролеркостер на Балканот.

Со Дино паркот, Скопје веќе стана регионална туристичка атракција, а сега со забавниот парк, Скопје се искачува високо на туристичката мапа во регионот. Паркот ќе има 27 различни забавни содржини. Се состои од три дела екстремен, фамилијарен и детски дел, каде ќе има содржини и за најмладите.

Паркот ќе може да прими до 3000 посетители секој ден, или преку милион посетители годишно. Ќе биде изграден според сите стандарди за квалитет и безбедност. Покрај реквизитите, предвидени се и ресторани, сувенирници, тоалети, други продавници и придружни содржини за што попријатен престој на посетителите.

Проектот е целосно самоодржувачки. За реализација на овој проект се бара изведувач кој ќе го финансира и самиот проект нема да ги чини скопјани ниту денар. По отворањето, паркот ќе се исплати сам за три години, а потоа градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти. На овој начин, создаваме профитабилна градска организација, а скопјани добиваат најдобар парк во регионот. #НАЈДОБРОТО#ЧекорПоЧекор#СкопјеЕднаПоинакваПриказна“.

Тој исто така во подоцнежен пост објави и детали од новиот забавен парк, но и видео симулација од истиот.
“По долго време, Скопје добива забавен парк кој го заслужува! Започната е работата на изградбата на нов забавен парк на местото на стариот лунапарк во Градскиот парк, кој ќе се гради по сите европски стандарди за квалитет и безбедност.Со 27 реквизити наменети за деца од различни возрасти што вклучуваат тобогани, панорамско тркало, ролеркостери, како и адреналинскиот „тајфун“, новиот забавен парк ќе може да прими до 3000 посетители дневно, а дополнително паркот ќе содржи и ресторани и продавници за сувенири. Скопје продолжува да се менува на подобро и да се трансформира во европска метропола која скопјани ја заслужуваат. #Најдоброто#ЧекорПоЧекор#СкопјеЕднаПоинакваПриказна“.