• чет. Мар 30th, 2023

Скопје мора да биде ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД (III)!

Продолжуваме со запознавање на Програмата на ЗХГ и Ана Петровска. Во првиот дел, главен акцент е ставен на усвојување на новиот ГУП на градот Скопје. Што треба да содржи истиот според најновите стандарди. Видовме и што поконкретно ЗХГ и Ана Петровска предложуваат со новиот ГУП на градот. Во овој дел ќе се запознаеме со вториот и третиот од седумте приоритети на Ана Петровска и Зелен Хуман Град.

ОТПАДОТ СЕ СЕЛЕКТИРА, РЕЦИКЛИРА И КОМПОСТИРА

Градот мора да создаде ефикасен систем за селектирање, собирање и рециклирање на сите видови отпад. Тоа значи определување на точни локации и време за собирање на разни видови отпад, редовно и/или
периодично.
Скопјани мора да имаат пристап до места на кои ќе го одложат отпадот што го селектираат: контејнери што се со доволен број, поставени во близина на корисниците и да не пречат на пешаци, велосипедисти и возила. Секој дуќан, ресторан или друг создавач на отпад што може да селектира, а што не е домаќинство, мора да има свој контејнер или корпа за селектирање на отпадот.
Најдобро решение за биоотпадот е компостирањето. Биоотпадот од зелените пазари и јавните површини мора да се селектира во кругот на ЈП Паркови и зеленило или на друга погодна локација.
Инвестираме во градски компостари, најмалку по една во секоја општина. Со компостирањето што е затворен и целосно автоматизиран процес од биоотпад се добива органско ѓубриво.

ОД ОТПАДОТ СОЗДАВАМЕ ВРЕДНОСТ

Според конзервативни статистики отприлика 60% од вкупниот комунален отпад е биоотпад. Компостирањето е:

  • 60% помалку отпад во нашите контејнери
  • 60% намален трошок за транспорт и депонирање на отпадот
  • Намалување на загадувањето на сите медиуми на животната средина
  • Ресурс за облагородување на почвата

Koмуналното претпријатие не смее да го меша селектираниот отпад туку мора да го подига посебно. Сѐ што ќе преостане од примарната селекција во самите контејнери, треба уште еднаш да се селектира на централна локација за да остане само мала количина за депонирање.

Дивите депонии мора да се исчистат или затворат по пропис. За да не настануваат нови, површините ќе се зазеленат и ќе се контролираат, а ќе се постават нови контејнери и корпи за оние што не добивале квалитетна услуга за собирање на отпадот.

Поранешната депонија за Скопје Вардариште мора да се санира: најпрво да се изработи техничка документација, да се направи финансиска конструкција и да се рекултивира со средства од Градот и евентуално од донатори. Во меѓувреме, додека да се обезбедат финансиските средства, просторот да се огради и да се постави видеонадзор на пристапните места, за да се спречи палење кабли, гуми и мебел што содржи метални
делови и неовластено депонирање на шут и други видови отпад.
Во соработка со надлежното Министерство огромната депонија на опасниот линдан по повеќедецениско одложување на решавањето на оваа жешка еколошка точка, мора конечно да се исчисти од кругот на некогашниот ОХИС.
Граѓаните мора да имаат пристап до „жешка линија“ (телефон, интернет алатка и слично) на која ќе пријавуваат преполнети контејнери, нелегално депонирање и палење отпад, или ќе добиваат информации за распоредот на подигање на рециклирани материјали, кабаст отпад, електронски отпад, биоотпад од стрништа и слично.

СКОПЈЕ СО ЧИСТ ВОЗДУХ

Ја зајакнуваме контролата на загадувачите во соработка со сите надлежни инспекторати и МВР. Инспекциските служби ги зајакнуваме кадровски и со современа функционална опрема. За да се контролираат емисиите од печките на домаќинствата, мора редовно да се чистат оџаците. Оџачарите мора да бидат обучени да ги мерат емисиите пред и по чистењето на оџакот. Податоците од мерењата ги зачувуваме во база на податоци за начинот на греење и емисиите од домаќинствата.

Горењето на нафтата и екстра лесното гориво во објектите во сопственост на градот мора да станат минато. Затоплувањето мора да се решава еколошки – фотоволтаични системи, топлински пумпи и други соодветни технологии, или со приклучување на топлификациската мрежа. За граѓаните што немаат можности да се загреваат еколошки, неопходни се соодветна поддршка и стратешки субвенции. Инспекциите редовно ги контролираат емисиите на прашина од градилиштата. Редовно миење на улици.

Сообраќајот во градот се регулира на ефикасен начин и се темели исклучиво врз најсовремени научни податоци и факти од терен. Движењето во Скопје го решаваме по усвојувањето на Планот за одржлива урбана мобилност и по изработката на најнова Сообраќајна студија во отворена дебата со експертската јавност и граѓаните.

Се стимулира користењето на јавниот и алтернативните начини на превоз, со цел намалување на користењето на автомобилите. Да се прекине со изградба на висококатници кои го блокираат природното струење на воздухот паралелно со Вардар.

Во соработка со надлежното Министерство огромната депонија на опасниот линдан по повеќедецениско одложување на решавањето на оваа жешка еколошка точка, мора конечно да се исчисти од кругот на некогашниот ОХИС. Граѓаните мора да имаат пристап до „жешка линија“ (телефон, интернет алатка и слично) на која ќе пријавуваат преполнети контејнери, нелегално депонирање и палење отпад, или ќе добиваат информации за распоредот на подигање на рециклирани материјали, кабаст отпад, електронски отпад, биоотпад од стрништа и слично.

Дел II Дел IV

Извор