• чет. Мар 30th, 2023

КЛУЧНИ ПРОЕКТИ ЗА ОПШТИНА ЦЕНТАР – НАТАША КОТЛАР

Од Изборната програма за Локалните избори 2021 на кандидатката на ВМРО-ДМПНЕ за градоначалник на општина ЦентарНаташа котлар, издвојуваме неколку приоритети проекти за Центар. Се ветува иновативен парк, бесплатни оброци во училиште, субвенции за енергетско ефикасни фасади, подземни гаражи, мал ринг без возила.

ПРИОРИТЕТНИ ПРОЕКТИ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА ПЕРИОДОТ 2021 – 2025

БЕСПЛАТЕН ОБРОК ЗА СЕКОЈ УЧЕНИК ОД ПРВО ДО ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ

Учениците ќе добиваат по еден здрав оброк на ден со специјално мени подготвено од нутриционисти. Придобивките се: поздрави деца, еднакви услови за децата, подобрата исхрана води и кон помотивирани деца во образованието.

ФОРМИРАЊЕ ИНОВАТИВЕН ПАРК ЗА МЛАДИ

Ќе го сондираме најпрво интересот за реализација на овој проект. Ако постои таков, ќе обезбедиме простор и ќе изградиме зграда со околу 5000 m2, прв во Република Македонија. Просторот ќе биде уреден модерно, со модуларна инфраструктура. Ќе овозможи иновативни и старт-ап компании со современа технологија да работат во Паркот без надомест во првите 3 години со цел размена на креативни идеи, вмрежување, средби и привлекување на инвестиции од областа на високите и зеленте технологии. Паркот ќе се поврзе со техничките факултети, со факултетите за егзактни науки, со цел спојување на науката и практиката преку низа, пред сѐ, апликативни проекти. Фирмите кои ќе работат во Паркот ќе имаат можност за добивање стручни совети, обуки за добивање средства, грантови од ЕУ и други земји за финансирање на нивните проекти.

ГАСИФИКАЦИЈА

Изградба на секундарна и терцијарна гасоводна мрежа за поврзување со примарната мрежа за домаќинствата и компаниите. Тоа е клучен проект за намалување на загадувањето на Општина Центар, како и употреба на поевтин енергенс за стопанството и населението.

СТОПИРАЊЕ НА ИЗГРАДБАТА НА НОВИ СТАНОВИ

(Oсвен во Маџир Маало и во Крњево). Изградбата на нови станови ќе биде блокирана сѐ додека не се постигне и не се врати балансот на територијата од Општината, односно не се изградат потребните улици, детски установи, канализација и целата комунална инфраструктура.

ПОДГОТОВКА НА СТУДИЈА ЗА ПРОНАОЃАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕЛИТЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

Ангажирање независни стручни лица кои со сигурност ќе ги лоцираат причинителите на загадување во Општина Центар. Подготовка на 3-годишен акциски план за подобрување на амбиенталниот воздух во соработка со граѓаните, бизнис-аедницата и НВО.

ПОСТАВУВАЊЕ ФОТОВОЛТАИЦИ НА СИТЕ ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ

Поставувањето на овие системи значително ќе ги намали трошоците за електрична енергија на институциите во надлежност на Општината и ќе придонесе за поздрава животна средина.

СУБВЕНЦИИ ЗА ЕНЕРГЕТСКО ЕФИКАСНИ ФАСАДИ ЗА ИНДИВИДУАЛНИ ГРАДБИ, КАКО И ЗА ПРЕМИН НА ГРЕЕЊЕ ОД ДРВА КОН ЕНЕРГЕТСКО ЕФИКАСНИ МЕТОДИ:

гас, фотоволатици, пелети, инвертер клима-уреди и сл.; субвенции за чистење на оџаците.

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ФАСАДИ НА ПОСТАРИ СТАНБЕНИ ЗГРАДИ СО ЕНЕРГЕТСКО ЕФИКАСНИ ФАСАДИ

Општината ќе субвенционира со 50% од реконструкцијата, како и субвенционирана замена и на азбестните покриви.

СИСТЕМ ЗА СОБИРАЊЕ ОТПАД ВО ПОДЗЕМНИ КОНТЕЈНЕРИ

Постепена замена на обичните контејнери со подземни, обезбедени со најсовремена технологија за следење на депонирањето на отпадот. Со овој проект ќе се намали непријатната миризба, расфрлениот отпад и нечистотијата. Во меѓувреме, ќе ја скенираме потребата од дополнителни надземни контејнери, ќе набавиме и специјални возила за миење. Со тоа значително ќе се подобри хигиената.

ПРОЕКТ „ОД СИВА КОН ЗЕЛЕНА“

Ќе го промениме сивилото во Општината. Наместо сивилото на бетонот, ќе го донесеме зеленилото на природата. Масовно засадување и пополнување со дрвореди, зелени појаси околу булеварите за заштита од загадување и бучава, нови растенија, мали урбани паркчиња, зелени фасади, ботаничка градина, тревници низ целата Општина.

ИЗГРАДБА НА ДВЕ СОВРЕМЕНИ ПОДЗЕМНИ ГАРАЖИ

Во овие гаражи 80% од просторот ќе биде за жителите на Центар. Ќе бидат опремени со полначи за електрични возила, како и заштитен простор за велосипеди.

ЗА ГРAДСКИ ЅИД:

  • давање градежни дозволи за надворешни лифтови на анексите од блоковите, каде што Општината ќе даде 30% субвенции;
  • за подземните гаражи ќе се субвенционираат влезни врати со далечинско управување во висина од 30%. Сега се неупотребливи и се легла на наркомани. Ќе воведеме прописно осветлување и помош за изнесување на насобраниот шут. Со тоа тие автомобили ќе ги тргнеме од улиците и од надземните паркинзи.

МАЛ РИНГ БЕЗ ВОЗИЛА

Ќе воведеме ограничување на брзината на возење на 30 km/h на дел од територијата на Општина Центар. Таа секако ќе биде пред секое училиште и градинка. Со оваа зона значително ќе се намали стресот на жителите кои живеат во најфреквентните места во Општината, но и бројот на незгодите и инцидентите. На тој начин инфраструктурата ќе биде подостапна и безбедна за пешаците, велосипедистите и лицата со хендикеп.

БЕЗБЕДНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ

Ќе поставиме физички препреки на улиците пред училиштата, што заедно со проектот „Зона 30“ ќе резултира во значително намалување на брзината на возење и незгодите. Секое училиште ќе има свој редар, со жолт елек и знак „стоп“, кој ќе има право да го запре сообраќајот кога улицата ја поминува поголема група деца. Така родителите ќе бидат поспокојни за сигурноста на своите деца, а поголемите ученици ќе можат да одат на училиште, пеш или на велосипед.

ИЗГРАДБА НА ЧЕТИРИ НОВИ ГРАДИНКИ СО ОПФАТ ОД ОКОЛУ 600 ДЕЦА

Локациите се во населбите Пролет, Маџир Маало, Дебар Маало и Капиштец, а и проширување на капацитетот на градинката на ул. „Даме Груев“ во строгиот центар.

ИЗГРАДБА НА ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ/ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ (АУТИЗАМ, ДАУНОВ СИНДРОМ…)

Имаме голем број деца со посебни потреби: деца со аутизам, Даунов синдром и др. За нив не е обезбедена стручна и организирана грижа. Целиот товар е на семејствата и неретко родителите ги напуштаат своите работни места за да им дадат основна грижа на своите деца. Но тие треба да бидат згрижени во институција каде што ќе има педагози, дефектолози, педијатри, психијатри и негуватели. Потребно е да се откријат нивните способности и таленти и да се унапредуваат со цел секое од децата на свој начин да се интегрира во општеството.

ДВА КЛУБА ЗА ПЕНЗИОНЕРИ И СТАРИ ЛИЦА

Доделување постоечки простории на територијата од Општина Центар.

РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА РЕСТОРАНОТ „ЕЗЕРЦЕ“ И РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА ПРВОБИТНИОТ ИЗГЛЕД НА „КЕРМЕЗ“

СМАРТ-ЦЕНТАР

Прва вистински дигитализирана општина за добивање на сите општински услуги и документи по електронски пат, бесплатен интернет, смарт-клупи опремени со приклучок за интернет и можност за полнење на телефони, апликација за паркинг и изнајмување велосипеди, инфомативни смарт-табли итн. Поставување сензори за бучава кои автоматски ќе сигнализираат надминување на дозволните граници.

ОТВОРАЊЕ ПАРК ЗА МИЛЕНИЦИ И СТАЦИОНАР ЗА МИЛЕНИЦИ

Грижа и конечно решавање на проблемот со бездомните животни.

ПОДДРШКА НА КОШАРКАРСКИОТ КЛУБ „РАБОТНИЧКИ“

Ќе го вратиме сјајот на нашиот омилен кошаркарски клуб. Mодернизација и реконструкција на спортската сала „Градски парк“.

ПОДДРШКА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РАБОТОСПОСОБНИ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Ќе создадеме можности за нивно вработување во општинските институции.

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОМОШ И НЕГА НА СТАРИ ЛИЦА ВО НИВНИТЕ ДОМОВИ

Проектот опфаќа формирање стручен тим за посета и помош на старите и изнемоштени лица при вршење основни активности (лична хигиена, облекување, мобилност, хранење, и сл.) и оперативни активности (чистење, перење, готвење, купување производи, земање медицинска терапија). Во овој прект ќе биде вклучена и студентската организација. Да создаваме општествено свесна младина.

Извор