• сре. Мар 22nd, 2023

Најдоброто за Општина Центар – Горан Герасимовски

Во програмата Најдоброто за општина Центар се претставени 5 клучни проекти за општината во наредните 4 години. Накратко ја претставуваме програмата на Горан Герисмовски, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.

ИНВЕСТИЦИИ ВО ПРЕДУЧИЛИШНОТО ОБРАЗОВАНИЕ: ЦЕНТАР ДОБИВА ДВЕ НОВИ ГРАДИНКИ

  • Изведба на целосно нов објект за предучилишно образование во населбата Пролет, во рамките на ЈУДГ „Раде Јовчевски Корчагин“. Ќе биде сместен во дворот на ООУ „11 Октомври“, на местото на постојните бараки. Со ова ќе дадеме поддршка на згрижувањето на децата од населбите Пролет и Маџир Маало, каде што нема градинка. Објектот ќе биде изграден според најсовремени стандарди и приспособен да ги задоволи сите потреби за здрав раст и развој на децата. Предвиден е соодветен пристап за да може просториите да ги користат лица со попреченост. Градинката ќе зафаќа 3.300 м² површина, ќе има девет занимални и две јасли, зеленило на секоја тераса. Во дворот е предвидено околу 1.000 м² зеленило, како и инклузивно детско игралиште. Градинката ќе има фотоволтаични системи на покривот. Градинката ќе биде завршена до крајот на 2022 година и ставена во функција од јануари 2023 година, а за неа е предвиден буџет од 154.950.000 денари.
  • Изградба на детска градинка во Маџир Маало до јуни 2024 година.Двете градинкиќе бидат изградени следејќи ги највисоките и модерните стандарди. Овие објекти значително ќе придонесат за зголемување на згрижувачкиот капацитет во предучилишното образование во Центар. Досегашниот капацитет на градинките за згрижување на 2.000 деца ќе се зголеми за 30 % со овие две градинки, односно дополнителни ќе може да се згрижат уште 600 деца.

ПРОШИРУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ООУ „КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ“

Доградба на училници со површина од 534 м² во ООУ „Коле Неделковски“, со цел да се опфатат сите деца според утврдената реонизација. Во доградбата се предвидени кујна и четири училници, а вкупната вредност на овој проект е 24.000.000 денари. На целото училиште, на површина од 2.500м², ќе се постави надворешна енергетски ефикасна фасада. Новите училници ќе бидат ставени во функција во септември 2022 година.

ЈП „ПАРКИНЗИ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР“ СТАНУВА КОМУНАЛНО ПРЕТПРИЈАТИЕ; ПРЕДВИДЕНА Е ИЗГРАДБА НА КАТНИ И НА МОНТАЖНИ ГАРАЖИ

Дејноста на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ќе биде проширена во комунално претпријатие. Со тоа нашата Општина ќе има сопствено комунално претпријатие и на многу поедноставен и побрз начин ќе ги решава комуналните проблеми, при што ќе поставиме повисоки стандарди во оваа дејност. Во исто време на нашите граѓани ќе им обезбедиме чиста животна средина. Исто така, планирана е изградба на подземни и на монтажни гаражи за трајно решавање на проблемот со недостиг на паркинг-места во Центар. Ќе се примени хортикултурно уредување, ќе се постави урбана опрема, а на просторот над гаражите ќе се изградат детски и спортски игралишта. Освен што ќе биде задоволена сè поголемата потреба од паркинг-места во Центар, ќе ги ослободиме тротоарите за движење на пешаците и ќе се создадат услови за поставување нови велосипедски патеки.
Овој проект ќе се заврши во текот на 2024 година.

SMART CITY (ПАМЕТНА ОПШТИНА)

Почнувајќи со ул. „Орце Николов“, која во моментов се реконструира, Општина Центар воведува паметно паркирање и паметно осветлување и административна дигитализација во Општината. Со овој проект ќе биде опфатена целата Општина, а ќе се реализира во неколку етапи. Во моментов ул. „Орце Николов“ е подготвена за имплементација на овој проект. Преку мобилните телефони граѓаните ќе добиваат информација за слободните паркинг-места на локацијата каде што се наоѓаат. Со овој проект ќе се подобри квалитетот на живее на граѓаните, а значително ќе се намалат трошоците за електрична енергија на Општината. Општина Центар е прва општина во нашата држава што го имплементира проектот „Смарт сити“. Вредноста на проектот е околу 230.000.000 денари.
Проектот ќе биде целосно завршен до крајот на 2026 година.

ДЕБАР МААЛО ДОБИВА НОВ ЛИК

На местото на ПУИК ќе се постави нов парк, а ќе се задржи само една парцела каде што ќе се изгради деловна зграда на ПУИК, во координација со централната власт. Планирано е поставување на монтажен паркинг со 296 паркинг-места, во вредност од 58.000.000 денари, со што на граѓаните во Дебар Маало ќе им се овозможи непречено и безбедно движење. Улицата „Орце Николов“ ќе биде целосно резидентна и ослободена за велосипеди и пешаци – Смарт зона. Улицата „Мирослав Крлежа“ ќе биде пешачка зона и резидентен паркинг. Боемска 2 ќе добие нов сообраќаен режим, со времен сообраќај, односно во вечерните часови ќе биде пешачка зона. Планирана е реконструкција и на „Црвена Вода“, „Дебарца“ и на дел од „Партизанска“ во вредност од 9.000.000 денари, а за „Андон Дуков“, „Алберт Ајнштајн“ и „Донбас“ се предвидени 5.430.000 денари. Кружниот тек кај „Круг“ ќе се реконструира, заедно со улиците „К. Неделковски“, „Алберт Ајнштајн“, „Н. Н. Борче“ и „Дебарца“. Истиот ќе се подигне и на него ќе се постави зеленило. Предвидено е уредување на пјацетата на ул. „Михаил Цоков“ – Пјацета на Горан Стефановски. Реконструкцијата на ул. „Мајаковски“ е планирана за 2022 година. Просторот каде што во моментов се наоѓаат општинските бараки ќе биде хортикултурно уреден, ќе се постави модерна урбана опрема, а ќе се обезбеди пристап до портата на старата Учителска школа, за која е планирано реставрирање за да се истакне нејзината културно-историска вредност. На дел од местото на старите општински бараки ќе се изведе мала, модерна административна зграда, во која, покрај за општинската администрација и за Советот, ќе се обезбеди простор и за Младинскиот центар, како и за непречена работа на други здруженија на граѓани што работат во интерес на жителите на Општина Центар. На овој начин преголемиот простор што сега го зафаќаат бараките ќе биде слободен, зелен и адаптиран за користење на граѓаните. Во договор со Град Скопје, а заради зголемување на безбедноста на граѓаните во оваа населба, тука ќе се смести и комунална полиција и противпожарна бригада со едно до две противпожарни возила.
Рок за реализација: до крајот на мандатот.

Извор