• пет. Мар 31st, 2023

Скопје мора да биде ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД (IV)!

Продолжуваме со запознавање на Програмата на ЗХГ и Ана Петровска за Град Скопје. Во првиот дел и вториот дел, главен акцент е ставен на усвојување на новиот ГУП на градот Скопје. Што треба да содржи истиот според најновите стандарди. Видовме и што поконкретно ЗХГ и Ана Петровска предложуваат со новиот ГУП на градот. Во претходниот дел ги презентиравме плановите за отпадот, но и за Скопје со чист воздух. Во овој дел ќе се запознаеме со наредните 2 (4 и 5) од седумте приоритети на Ана Петровска и Зелен Хуман Град.

ЕНЕРГЕТСКА НЕЗАВИСНОСТ И БОРБА ПРОТИВ ЕНЕРГЕТСКА СИРОМАШТИЈА

Бесплатната сончева енергија мора да се користи за производство на електрична енергија или топла вода во сите 42 јавни објекти под надлежност на Град Скопје. Тоа се 21 средно училиште, 1 административно општинска зграда, 7 културни институции, 5 објекти на противпожарната бригада и 8 јавни претпријатија. Во нив треба да се идентификуваат и спроведат мерки за заштеда. Се со цел оптимизирано осветлување, затоплување, проветрување и климатизација, како и термоизолација на ѕидовите и покривите.

Скопје може да биде електроенергетски независен град, преку промовирање и поддршка на енергетски или станбени задруги. Со меѓусебно здружување на правни и физички лица и заедничко финансирање на фотоволтаични централи, можно е да се произведе електрична енергија која е доволна да покрие огромен дел од вкупната потрошувачка на електрична енергија на градот. Со задругите да донесеме придобивки за целата заедница. Но и за секое домаќинство со снабдување со незагадувачка енергија и со намалување на сметките за струја.

На домаќинствата ќе им се овозможат олеснувања или стимулативни мерки за инсталирање фотоволтаици или сончеви колектори.

Да се стимулираат граѓаните кои што живеат во куќи, да станат производители-потрошувачи. За ова е потребно да се направат законски измени на правилникот за инвестирање во обновливи извори на енергија. Односно да нема ограничување домаќинствата да преминат на слободен пазар. Со субвенција по домаќинство во износ од 1.000 евра за инсталирање фотоволтаична централа од 4 kW на покривот. Инвестицијата се враќа за 7 години.

Проблемот на енергетска сиромаштија може и мора да се решава со субвенции за изградба на мали фотоволтаични системи за сите граѓани корисници на социјална помош. Целта не е да се ублажи, туку да се елиминира енергетската сиромаштија.

Градот мора да го проширува јавниот домен во делувањето. Односно јавните функции да се обезбедат преку професионално организирани јавни претпријатија кои ќе се грижат за јавниот интерес и социјалната праведност.

БРЗА, ЕФИКАСНА И ДИГИТАЛИЗИРАНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Во Статутот на Град Скопје ги внесуваме алатката МојГрад и граѓанските буџетски форуми како обврзни механизми за делотворно вклучување на скопјани во носењето клучни одлуки за Скопје. Седниците на Советот мора да се јавни и да се пренесуваат во живо. Скопјани мора да бидат објективно информирани и да имаат континуиран увид во работата на советниците.

Градот во служба на граѓаните. Тие мора на едно место да ги добијат информациите за сите услуги кои ги нудат службите на Градот, сите потребни документи за остварување на своите права, како и роковите за добивање на услугите.

Градот мора да работи на зголемување на јавната свест за потребата од користење дигитални услуги на јавната администрација. Со дигитализацијата, Градот мора да се вмрежува со други институции, како на пример со Агенцијата за катастар и Министерството за внатрешни работи. На тој начин се создаваат услови за воспоставување регистри на недвижности и други бази на податоци што се неопходни за поефикасни
услуги на граѓаните.

Администрацијата мора да биде обучена за комуникација и пружање услуги на лица со различен вид хендикеп.

Корупцијата ја спречуваме преку департизацијата на администрацијата и професионализацијата на високите раководни места и службите. Транспарентно објавуваме јавни конкурси на кои секој компетентен сограѓанин има еднаква шанса за вработување. Стоп за партиски (пре)вработувања на неквалификувани кадри.

Ги зголемуваме одговорноста и отчетноста на администрацијата, како и
ефикасноста за поддршка на бизнис-заедницата и услугите кон граѓаните.

Отворена е телефонска и онлајн комуникација со граѓаните за пријавување различни комунални или инфраструктурни проблеми.

Градската администрација работи на создавање на сопствени стандарди, градски процедури, прирачници и детали на изведба за сите работи кои го засегаат градот и за кои е надлежен, по примерот на европските градови.

Транспарентноста и партиципативноста на граѓаните е на високо ниво, обезбедена преку јавни презентации, дискусии, форуми, учество во координативни тела, како и интернет алатки.

Сите донесени одлуки, планови, проекти на градот и друга документација од јавен интерес се целосно јавно достапни преку веб-сервисот. Граѓаните, стручната јавност и сите институции се квалитетно информирани преку соодветна документација, а не само соопштенија и прес-конференции.

Дел III Дел V

Извор