• вто. Мар 28th, 2023

Запознавање со „Независни за Карпош-За заштита на Карпош“

Денес ќе се запознаеме со уште една независна граѓанска иницијатива со кандидатска листа за советници на општина Карпош. „Независни за Карпош-За заштита на Карпош“ или по ново познати како ГРУПА ИЗБИРАЧИ НЕВЕНА ГЕОРГИЕВСКА бр.52, се единствената независна кандидатска листа за советници за општина Карпош. На кратко ќе се запознаеме со нив и со нивните заложби.

Кои се „Независни за Карпош-За заштита на Карпош“?

Здружени, со голем ентузијазам, излегуваме на претстојните локални избори со независна граѓанска листа за членови на Советот на општина Карпош.
Ние сме ваши соседи, активисти и посветени граѓани кои во изминативе години застанаа во одбрана на јавното добро, за хуман и плански урбан развој, за заштита и унапредување на животната средина и со силна заложба за транспарентност и отчетност на локалните власти.
Ние сме активисти од О2 Иницијатива, Го Сакам Водно, Ние Сме Карпош 4, Трнодол, ЕкоКарпош 3, 2, 1, Спас за Водно, Сметлана, за заштита на животните… ние сме ваши сограѓани, кои посветено, преку различни активности, се залагаме за подобрување на квалитетот на животот, за еколошки принципи и за достоинствено урбано живеење во нашиот Карпош.

Што направиле досега кандидатите на оваа граѓанска иницијатива?

  • укинаа одлуки за пет ДУП-а на Уставен суд (и уште неколку се во процедура);
  • учествуваа во измените на Законот за урбанистичко планирање за поголема вклученост на јавноста во постапките за носење Детални урбанистички планови (ДУП-ови);
  • организирано се спротиставија на насилното носење ДУП-ови преку различни активности на терен и аргументирани претставки за незапазени процедури;
  • спречија бетонизирање на неколку паркови;
  • се бореа со факти за заштита на Парк-шумата Водно од несоодветниот проект за гасификација и се борат за донесување на Закон за негова трајна и соодветна заштита;
  • се едни од организаторите на Зелен Фронт на здружени над 40 граѓански движења со итни барања за СТОП на еколошката катастрофа во која живееме;
  • се спротивставија на отворање на фабрика за преработка на цинкова прашина во Скопје/Гази Баба со користење на законски дадените можности за забелешки и мобилизирање на јавноста;
  • успеаа да издејствуваат законски промени за намалување на граничните вредности за алармирање на ПМ10 честичките;
  • имаа големо влијание во носењето на забраната на увоз на отпад како енергенс преку силното лобирање и континуираниот јавен притисок;
  • преку бројни активности се залагаа за подобрување на квалитетот на воздухот и продолжуваат да укажуваaт на сите аномалии на системот кои го спречуваат тоа.
  • години наназад се грижат за бездомни, болни и повредени кучиња и мачиња.

Кои заложбите на „Независни за Карпош-За заштита на Карпош“?

Применуваме граѓански слободи и права

Граѓаните први информирани

Ќе инсистираме на транспарентност во работењето на сите сегменти од општината: на седниците на Советот, за навремени известувања за вклучување на граѓаните за време на процесот и во донесувањето на одлуки, за навремена објава на документи од интерес за граѓаните (за буџетирањето, на кој начин се трошат парите на граѓаните, како и за надлежностите и компетенциите на сите вработени во општината), објавување на целата документација од секој тендер и дополнителни анекси за работи кои ги извршува општината.

Граѓаните одлучуваат

Ќе инсистираме за граѓанско креирање на буџетот, овозможување на нивно непречено присуство на седниците на Совет и земање збор, како и за спроведување на граѓански иницијативи. Обезбедување потребни финансиски средства за намалување на загадувањето, заштита на животната средина, зајакнување на инспекциските ресурси, поддршка за еколошки проекти во основните училишта. Администрација во служба на граѓаните и онолку колку е потребно, не повеќе. Наоѓање на алтернативни начини за финансирање на општината, за да се спречи продавање на државно земјиште и финансирање од таксата за уредување на градежно земјиште (комуналии).

Остваруваме наше право на здрава животна средина

Граѓаните живеат во зелена средина

  • законска заштита на постоечкото зеленило и креирање на ново;
  • откупување на приватно земјиште за креирање на зелени оази, наместо бетонски паркови и градење објекти;
  • спроведување на стандардот на СЗО за парковско зеленило;
  • зелен урбанизам во склад со европски и светски стандарди за потребното зеленило по жител и земајќи ги предвид климатските промени;
  • контрола за редовно ажурирање на катастарот на загадувачи;
  • решавање на проблемот со урбан кабаст, градежен и електронски отпад;
  • незагадувачко загревање на домовите;
  • гасификација на индустријата со цел намалување на загадувањето на воздухот;
  • контрола и обезбедување на исчистени и санирани диви депонии;
  • зголемен и транспарентен инспекциски надзор, тел. за пријава кој ќе биде 24-часа оперативен;
  • комунален инспектор во општината;
  • намалување на секаков вид на загадување, вклучително и бучавата;
  • почиста општина со построга контрола и казнена политика и спроведување на прекршочната санкција општокорисна работа со чистење во општината.

Граѓаните непречено се движат

  • ќе се бориме за пристапни тротоари и објекти;
  • намалување на сообраќајниот метеж преку обезбедување на тротоари (за пешаци, а не паркинг за коли) и велосипедски патеки, во соработка и со заеднички проекти со градските власти;
  • средување на сообраќајниот метеж преку подобра координација со МВР Карпош и други надлежни институции.

За дел од заложбите да станат обврска, а не чин на добра волја, ќе се залагаме за менување на Статутот на општина Карпош и Деловникот на Советот на општина Карпош. За друг дел од заложбите ќе поднесеме иницијативи и ќе ги употребиме сите можни ингеренции како советници за да ги издејствуваме.

Зошто да изберете советник од нашата листа?

Контрола

Затоа што таа/тој ќе биде внатрешната контрола на работата на општината, инсајдерот од кој партиите најмногу се плашат.

Решенија по пат на анализи

Затоа што ќе бараме анализи и податоци за да се дојде до најсоодветно решение.

Стоп за партизацијата

Со еден збор, значи РЕМЕТ на досегашниот установен и застоен партиски начин на работење, враќање на општината во раце на граѓаните. За локална власт во служба на граѓаните.

Транспарентност и јавност

Снимање на седниците на Советот и ставање на увид на јавноста на работата на секој ваш претставник, што предложил, како гласал, дали е активен или е статист за дигање два прста.

Оценка на вработените

Затоа што ќе бараме оценка на ефикасноста и функционалноста на општината и нејзините вработени. Да видиме кој колку работи, што и дали навистина е потребен тој обем на работни места.

Проблеми од граѓаните

Барања да се расправа по горливи теми кои нè мачат НАС, жителите на Карпош и ќе инсистираме да се носат одлуки по нив. Загадениот воздух, дивите депонии, запалениот отпад, урбаното дивеење, исушените дрвја, запуштени јавни површини, немањето доволно вело патеки, узурпираните тротоари, непристапноста, бучавата, дивеењето на моторите…

Нашите дела зборуваат

Погледнете ги нашите активности кои траат со години.

На нивната веб-страница може да се запознаете и со кандидатите во Листата на советници.