Продолжуваме со запознавање на Програмата на ЗХГ и Ана Петровска за Град Скопје. Во првиот дел и вториот дел, главен акцент е ставен на усвојување на новиот ГУП на градот Скопје. Што треба да содржи истиот според најновите стандарди. Видовме и што поконкретно ЗХГ и Ана Петровска предложуваат со новиот ГУП на градот. Во третиот дел ги презентиравме плановите за отпадот, но и за Скопје со чист воздух. Во четвриот дел се запознавме со наредните 2 (4 и 5) од седумте приоритети на Ана Петровска и Зелен Хуман Град. Во овој петти дел, ќе се запознаеме со последните 2 приоритети (6 и 7).
ЦЕЛОСНО ВОДОСНАБДУВАЊЕ, ОДВЕДУВАЊЕ И ПРЕЧИСТУВАЊЕ НА ОТПАДНИ ВОДИ
Водоснабдителниот систем на Градот Скопје мора да се подобрува, чиста вода мора да има во секој дом. Неопходна е заштита на изворот Рашче, реконструкција на водоводната мрежа. Но и заштита на алтернативниот извор за водоснабдување на Скопје – бунарите Нерези-Лепенец.
- Загадувањето од депонијата на Југохром е историски проблем. Истиот конечно мора да се решава за да бидеме сигурни дека ќе пиеме здрава и чиста вода.
- Индустриските капацитети не смее отпадните води да ги испуштаат директно во реките: во Вардар од источната и западната индустриска зона; во Лепенец од западната индустриска зона; во Усјанскиот канал од јужната индустриска зона; во канал Серава од индустриските објекти во северниот реон. Во оваа насока ги зајакнуваме инспекциските контроли.
- Мора да се покрие уште 70% од градот со атмосферската канализација за да се спречи преполнување и прелевање на шахтите. Но и да се спречи загадување на Вардар и Лепенец поради директно испуштање на дождовните води во отворените канали Тафталиџе, Усјански канал, Серава, Синѓелиќ-Таор.
- Ги одржуваме каналите за одведување на атмосферските води од падините на Водно и Скопска Црна Гора кои гравитираат кон градот и ги пошумуваме голините за заштита од ерозија.
- Пречистителната станица за Градот Скопје е проект што мора да се реализира паралелно со изградбата на колекторите за зафаќање на отпадните води од двете страни на реката Вардар.
- Приоритет ни е довршувањето и реконструирањето на канализациската мрежа – да се санираат подрачјата како центарот на градот, улица Рузвелтова и други, каде што мрежата е дотраена и не е соодветно одржувана, бидејќи од оштетените цевки фекални отпадни води се впиваат во почвата и ги загадуваат подземните води.
Работиме да не се користи питка вода како техничка вода (за потребите на индустријата, за полевање јавни зелени површини и за миење на улици).
Индустријата во кругот на Железара (РЖ услуги) повеќе не смее да плаќа пониска цена за вода од домаќинствата.
СКОПЈЕ БЕЗ БЕЗДОМНИ ЖИВОТНИ
„Декларацијата за свесност“ потпишана во 2012 во Кембриџ е основа за унапредување на легислативата со која се гарантира хуман третман на животните ширум светот. Македонија не смее да заостанува ниту во правната рамка, ниту во практичните решенија кои го опфаќаат третманот на животните. Затоа на институционално ниво мора да се вложат напори за нивен хуман и етички третман. Тоа секако опфаќа превенција и ригорозно казнување на секакви облици на нивно измачување и убиство.
Здруженијата за заштита на животните кои се дел од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД нудат ефективни решенија за трајно и хумано контролирање на бројот на бездомните животни. Истите се темелат на најдобри практики од земји во светот кои успешно се справиле со проблемот. Со тие решенија не само што би се гарантирала благосостојбата на животните, туку и би се заштитиле граѓаните:
- Градскиот стационар е менаџиран од активисти.
- Со методот „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“ да се опфати најмалку 75% од репродуктивно способните единки на дадена територија во период од 6 месеци, со што репродуктивната стапка се доведува до нула. Ова ќе опфати и пребројување на популацијата на бездомни животни.
- Субвенции за масовна стерилизација/кастрација на вдомен миленик, но и на бездомни животни за кои се грижат активистите.
- Кампањи: за масовна стерилизација/кастрација на милениците, за нивно ненапуштање, како и за вдомување, наместо купување животни.
- Да се постават хранилки и поилки за бездомните животни низ градот.
- За граѓаните кои чуваат миленици да се зголеми бројот на паркови за миленици и да се обезбеди простор наменет за гробишта за миленици.
- Ажурноста на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на ригорозна контола на одгледувачниците е клучна во спречувањето на расцветаната сива економија и превенцијата на напуштањето миленици.
СТОП ЗА ЗАТВОРИ ЗА ЖИВОТНИ
Ја трансформираме скопската Зоолошка градина во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови. Објавуваме мораториум на носење нови животни и постепено обезбедуваме простор и едуцираме кадар за работа со дива автохтона фауна.
Следува и последниот дел од Програмата на ЗХГ и Ана Петровска.