Денес ќе се запознаеме со уште една независна граѓанска иницијатива со кандидатска листа за советници на општина Центар. „Шанса за Центар“ или по ново познати како ГРУПА ИЗБИРАЧИ Јана Белчева Андреевска бр.83, се една од двете независни кандидатски листи за советници за општина Центар. На кратко ќе се запознаеме со нивните заложби и со дел од нивната програма.
Урбанистичко планирање и градежништво
Нивната визија за одржлив урбан развој е урбанистичкото планирање да се базира на релевантни и валидни податоци и информации, со кои се има јасна претстава и увид за состојбата, во просторна, но и економска, еколошка, социолошка смисла, како основа за предлагање и донесување одлуки за развој на просторот. Креирање визија за просторен развој имајќи ги предвид вредностите, значењето и спецификите на подрачјето и физичката структура на општина Центар, како срце на градот и на државата, со јасно дефинирање на целите и изработка на стратегија за насочување на развојот и понатаму изработка на урбанистички планови. Зајакната вклученост при изработката на новиот Генерален урбанистички план на град Скопје и обезбедување услови за вградување предлози и забелешки од одговорните и стручните лица од општината со вклученост на еминентни стручни лица и академската заедница од областа на урбанистичкото планирање и градежништвото. Одржливо урбанистичко планирање со фокус кон решавањето на проблемите со нееднаквоста, сиромаштијата и социјалната инклузија, како и пропорционален урбан раст, со почитување на човековите права, особено основното човеково право за домување и комунални сервиси, безбедност и спокојство.
Квалитетот на животот на граѓаните и заедницата наспроти инвеститорскиот интерес преку рамномерен и балансиран развој на градските четврти во однос на изграденоста, обезбеденоста со комунална инфраструктура и придружни содржини.
Домаќинско користење на земјиштето и обезбедување на неизградено земјиште за задоволување на потребите од зелени јавни површини, место за контејнери за отпад, игралишта, неизградени и непоплочени површини за впивање на вишокот вода од поројни дождови, справување со разни природни и создадени непогоди.
Планирање зелена инфраструктура и подобрување на животната средина и нејзиното зачувување и вклучена адаптација кон климатските промени.
Планирање на типологии (блокови и објекти) што обезбедуваат помала потреба од енергија (греење и ладење, хидрофори, лифтови и сл.), со соодветна поставеност на објектите во однос на страните на светот, меѓусебна поставеност, големина и висината на објектите, однос кон околината, застапеност на зеленило и сл.
„Ослободување“ од автомобилите и планирање на простори и улици со доминација на пешаците и велосипедистите, и предност на јавниот транспорт.
Акцент на заштитата и безбедноста, за намалување на ризиците од човечки и материјални загуби, при планирањето и градењето.
Заштита на животната средина и природата
Се предвидува заштита на постоечкото зеленило, постоечкиот неизграден општински имот. Но, и зголемување на површината, волуменот и квалитетот на зеленилото.
- Обезбедување системско, планско, економично и стручно следење, креирање политики, планирање и управување со животната средина за подрачјето на општината.
- Граѓаните навремено да бидат информирани и да имаат можност за увид во плановите за замена на исушените дрвја и можност директно да пријават „хазардни“, но и заробени дрвја.
Заштита на постоечкото зеленило, постоечкиот неизграден општински имот и зголемување на површината, волуменот и квалитетот на зеленилото.
- Одбрана на зелените острови – оневозможување на градење на јавните парцели со зеленило.
- Стручна грижа за зеленилото од стручни луѓе.
- Воведување стандарди за работа и „гаранција за зеленило“ од изведувачите.
- Дооформување и збогатување на зелената инфраструктура (паркови, зелени плоштатки, дрвореди, зелени и зелено-сини коридори и др.) и подигнување на стандардот на зеленило м2/жител. Да се изработи план за подигање и развој на зеленилото како законска обврска, но и сериозна потреба.
- Зајакнување на одржувањето на зелените и слободните јавни простори, со градење сопствени капацитети и користење на партнерството со Град Скопје. Формирање, независно или во склоп на друга општинска единица, претпријатие или оддел, за раководење и одржување на постојните и подигање нови зелени површини. Воспоставување појасни релации за акции и одговорности со Градот и со ЈП Паркови и зеленило.
- Заштита на секоја педа неизградено и запуштено земјиште во сопственост на општината и државата, но и отворање можност за откупување одредени површини од приватни сопственици (физички и правни лица), со правичен надоместок, за дооформување и изградба на нова зелена инфраструктура.
- Зголемување на буџетските трошоци за ангажирање висококвалификуван стручен кадар и обука на вработените, подобрување на здравјето и отпорноста на дрвјата и вегетацијата.
- Обезбедување гаранција за едногодишно преживување на новото зеленило и намалени трошоци за замена на исушените дрвја и растенија.
- Краткорочно зголемен трошок на општината за формирање и функционирање на стручна комисија за озеленување и долгорочни планови. Долгорочна заштеда на буџетски средства од формирање соодветни отпорни и здрави зелени појаси.
- Решително и брзо изведување на активности за „ослободување“ на т.н. „заробени“ дрвја. Поради одолжување веќе се угинати голем број стебла, а состојбата постојано се влошува со сите останати, што негативно ќе влијае и на животната средина и на буџетот на општината поради потребата од садење нови дрвја.
- Директна врска со Град Скопје и Паркови и зеленило за опасните исушени дрвја.
- Едукација на заедницата за тоа зошто е важно зеленилото и нејзино вклучување во грижата за зеленилото.
- Во соработка со Град Скопје суштинско подобрување и проширување на Зелениот катастар.
Се планира и враќање на заборавените 20% зеленило. Изработка на нов правилник за добивање градежна дозвола, објектот покрај задолжителните 20% зеленило на парцелата, да има зеленило и на покривот, минимум 50%. Наместо зеленило, како алтернатива, може да се одобри поставување фотонапонска централа.
Иновативни решенија
- Да се истражат можностите за подигнување на т.н. густа микрошума според јапонски метод. Поставување урбана градина во основно училиште и градинка. Со тоа малите бетонски површини се покриваат со ефективно зеленило и се поддржува биодиверзитетот во урбаните средини. Контрола на исполнувањето на законскиот минимум од 20% зеленило на секоја градежна парцела покрај новите објекти. Со допрецизирање да се однесува исклучиво на градежната парцела, гледано на површина на земја, односно на кота 0.
- Употреба на порозни материјали за површините што мора да бидат поплочени (јавни паркиралишта, патеки и улици, училишни дворови, спортски игралишта и др.). На тој начин би ги ублажиле проблемите со одведувањето на водите и загадувањето на почвата и подземните води.
- Посебна грижа за реката Вардар како зелено-син коридор, како и за останатите водени текови, како потенцијално нови зелени коридори.
Имаме и штедиме вода
- Капка по капка за секое дрво
- Обновување, одржување, дополнување и покривање на јавното зеленило. Со автоматизиран систем за наводнување капка по капка, со што се одржува здравјето на зеленилото. А се штедат вода и пари на општината.
- Технички, треба да има техничка вода
- Воведување на наводнување на јавни површини со техничка вода наместо со питка вода секаде каде што има пристап за тоа. Со тоа се штеди и рационално се користи водата за пиење.
- И дождот е вода
- Поставување резервоари за собирање дождовница во средините што се надвор од опфатот на системи за наводнување на јавното зеленило. Со тоа се овозможува пристап и рационално користење на достапната вода и се штеди водата за пиење.
- Се гледаме на чешмичка
- Редовно одржување и калибрирање на функционалните јавни чешми низ општината. Трансформација на сите чешмички во чешмички со копче. Воведување посебен дел со резервоар за миленичиња, со што се штеди вода и се придонесува за здравјето на граѓаните во летните месеци.
- Напред, доброволци
- Формирање и ангажирање доброволни групи на жители и извидничките одреди. Со цел итно рачно наводнување на зеленилото во случаи на подолги сушни периоди и рестрикции на вода. Општината би имала трошок да обезбеди рачни канистри и пумпи за вода за доброволните групи/извидници, со конкретни нивни задолженија за одредени потези на јавно зеленило. Но граѓаните учествуваат во заштитата на зеленилото од топлински шокови и суши, со што се продолжува нивниот живот.
Сообраќај и транспорт
ВИЗИЈА 0
Бројот на сообраќајни незгоди да се намали со нови сообраќајни политики и одлуки. Крајната цел е во Центар да нема изгубен живот во сообраќајот. Тоа може да се постигне со низа одлуки за приоритети. Но и подобрувања на сегашните состојби на небезбедност, немање оптимизација, ниту анализа.
Декларација за хиерархија на учесниците во сообраќајот
Советот да усвои декларација за хиерархија на учесниците во сообраќајот при сообраќајно и урбанистичко планирање/проектирање. Со приоретизирање на просторот и потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт за безбедност, погодност и комфорност (превртување на пирамидата).
План за подобрување на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај
Да се изработи план за подобрување на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај во Општина Центар со план за проширување на пешачките зони, план за подобрување на пристапноста и безбедноста, план за велосипедска мрежа и паркинзи, подобрување на јавниот простор итн.
Зона 30 на улиците во Центар
Да се прогласи целото централно подрачје (со исклучок на булеварите), поточно сите улици во надлежност на Општина Центар, за Зона 30, а некои делови (околу училишта и градинки, на улици каде што нема тротоари) и за Зона 20.
Да се редизајнираат зоните околу училиштата и градинките со приоритет на безбедноста на децата.
Нови политики, стандарди и регулации
Кај урбанистичките планови кај кои има можност (кои во поголем дел не се реализирани) да се зголемат стандардите за тротоарите, да се предвидуваат и велосипедски патеки и да се зголеми и регулационата ширина на улиците.
Советот да донесе Заклучок за стандардот за велосипедски паркинзи, кој ќе се применува во одобренијата за сите нови објекти. За постојните објекти да се бараат иновативни решенија како велосипедски „хангари“ и сл.
Да се организираат денови без автомобили со цел да се поттикне поинакво доживување на просторот.
При градежни активности (било на јавната инфраструктура или од приватни објекти) со кои се зафаќа дел од јавниот простор, да се заштитуваат соодветно пешаците.
Јавноста да биде соодветно информирана (јасни, читки цртежи и потребна документација) и навремено вклучена во процесот на изработка на сообраќајни проекти.
Целата програма може да ја прочитате тука.