• пет. Мар 31st, 2023

Најдоброто за Скопје – дел од програмата на Петре Шилегов

Бидејќи има доста проекти, се решивме да ви издвоиме дел од планираните за наредниот период од 2021-2025. Покрај веќе добро познатите и започнати проекти, како БРТ, клучката кај Момин Поток, забавниот парк и мостовите, се запознаваме и дел од останатите ветувања на актуелниот градоначалник.

Булевар „Словенија“

Продолжување на бул. „Словенија“, од крстосницата со бул. „Никола Карев“ до Ѓорче Петров. Должина на трасата е 4 500 метри. Профилот на булеварот ќе биде со по три ленти во една насока со разделно зеленило во средината, велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Булеварот ќе овозможи долготрајно одржливо поврзување на општините од северот и транзитниот коридор на бул. „Никола Карев“, со Ѓорче Петров и западниот излез на градот.

Булевар „Хрватска“

Во изминатиот период го изградивме бул „Босна и Херцеговина“. Долгогодишниот сон за поврзување на Автокоманда со Бутел со булеварско решение го остваруваме во наредните четири години со изградбата на булеварот „Хрватска“, од Естекада, до булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“. Проектното решение е веќе изготвено, на ред е негова реализација. Ставаме крај на проблемите со безбедноста на ул. „Коце Металец“, како и долгите колони на нагорнината кон населбата Железара. Новиот булевар ќе овозможи нови линии на јавниот превоз, нови велосипедски, пешачки патеки и скратени автомобилски рути.

Изградба на бул. „Хрватска“, од крстосницата со бул. „Александар Македонски“ до крстосницата со бул. „Х.Т. Карпош“. Должина на трасата е 4 000 метри, по две коловозни ленти од по 3,25 м во секоја насока (вкупно 6,5м во секоја насока, разделно зеленило од 2 м, велосипедска патека од 3 метри од едната страна и пешачки патеки од 4,5 и 2 метри во двете насоки). Проценета вредност на инвестицијата е 476 милиони денари со пресметан ДДВ.

Нови булеварски решенија за поврзување на тунелот кај Стара железничка станица

Под комплексот на „Лимак“ (Дијамонд), веќе се гради подземниот булевар, кој е дел од булеварот „Македонија“, една од двете транзитни градски магистрали во правец исток − запад. Со една двокатна ротонда кај Нова Македонија и две двокатни ротонди од правецот на Бихаќска кон Рампа, го поврзуваме центарот на градот на оската исток − запад, со што ќе се намали протокот на возилата во паралелните улици „Железничка“ и „Кирил и Методиј“ и ќе се отвори можност за уредување на јавниот простор и нивно дополнително хуманизирање со нови велосипедски и пешачки патеки и дрвореди.

Две двокатни ротонди

Пробивање на бул. „Македонија“ под Стара железничка станица е преземена обврска на турската компанија „Лимак“ за целата инвестиција. Должина на трасата е 780 метри. Профилот на сообраќајницата е по три сообраќајни ленти во секоја насока, додека во средината има простор за трамвајски линии.

Двокатна ротонда кај Нова Македонија

Судска палата

Град Скопје има изработено сообраќајна студија за денивелирана крстосница меѓу булеварите „Крсте Петков Мисирков“ и „Гоце Делчев“. Оваа крстосница значително ќе го намали сообраќајниот метеж на една од најоптоварените крстосници во градот. За да се зголеми протокот на крстосницата, ќе направиме денивелација на сообраќајните ленти што се вкрстуваат, а пешаците и велосипедистите ќе ги одвоиме на посебни и безбедни коридори, кои ќе им овозможат побрз премин над раскрсницата.

Нов мост „Обединети нации“

Сегашниот мост меѓу Карпош 4 и Влае има само четири коловозни ленти, велосипедска патека и тротоар само од едната страна. Со воведувањето на БРТ системот, потребно е негово проширување со функционални 6 ленти, но и пошироки велосипедски и пешачки патеки. Затоа, во изведбата на БРТ во Скопје е предвидена изградба на нов челичен мост за поефикасна урбаната мобилност на градот. Нов челичен мост близнак со должина од 90 метри.

Продолжување на кејот до мостот кон Сарај

Веќе започнавме со проектирање на новиот кеј на Вардар од мостот кај Хром до мостот кај Сарај. Овој неуреден тек на реката Вардар го уредуваме на ист начин како што е уреден кејот во остатокот од градот – со минор и мајор корито, тревници, велосипедски и пешачки патеки, како и ЛЕД-осветлување, клупи и друга урбана опрема. Тоа ќе донесе рекреативно, но и сообраќајно поврзување на најдалечните точки на градот −Сарај на запад и Гази Баба и Аеродром на исток. Од друга страна, уредениот кеј ќе донесе нови можности за развој во непосредните појаси во општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај. Со продолжувањето на кејот од сегашните 16 на дополнителни 5 километри, на Скопје му ја прошируваме главната оска исток − запад и создаваме поврзан зелен коридор за поврзување на дури шест скопски општини. Уредување на коритото на р. Вардар на потегот од мостот кај ул. „Васил Чакаларов“ до мостот на Сарај и изградба на пешачки и велосипедски патеки на кејот. Должина на трасата – 5,3 км на лев брег и 5,3 км на десен брег на р. Вардар.

Покривање на Усјански канал

Веќе ја обезбедивме проектната документација за затворање на Усјански канал − најгорливиот проблем во Лисиче. Од булеварот „Борис Трајковски“ до влезотво Вардар создаваме нов јавен простор во должина од два километра погоден за рекреација, социјализација и семејни намени. Проблемот со смрдеата и недозволеното депонирање отпад во каналот го решаваме еднаш засекогаш. Со покриен Усјански, Горно и Долно Лисиче добиваат нова пешачка улица во нивните населби, како и функционално пешачко и велосипедско поврзување со кејот на Вардар и булеварот „Борис Трајковски“.

Дислокација на загадувачката индустрија

Анализите за изворите на загадување во Градот Скопје ја рангираат индустријата на високо место. Интензивно работиме на изнаоѓање можни алтернативи за дислокација на повеќе индустриски капацитети надвор од урбаното градско подрачје. Студиите што се дел од процесот за донесување на новиот ГУП 2022-2032 треба да ги посочат можните сценарија како основа за трајна дислокација на одредени индустриски капацитети. Голем предизвик, но и голема придобивка за граѓаните на Градот Скопје.

Планетариум во МКЦ, Аквариум во Скопје ЗОО

Омиленото место на вљубениците на вселената во Скопје и местото каде што децата од цела земја се запознаваат со основите на астрономијата го подновуваме со современа техника и реконструкција на просториите. А на децата на Скопје им ги доловуваме и тајните на подводниот свет. Во рамките на Скопје ЗОО отвораме нов едукативен центар со аквариуми и примероци од живиот свет на морињата и океаните.

Парк-шума Лепенец

Затекнатата дива депонија во Ново Село станува минато. Во изминатиот период успеавме да расчистиме површина од вкупно 10.000 квадратни метри. По целосното расчистување, започнуваме со уредување на просторот, со зазеленување и засадување на повеќе од 10.000 садници што дополнително ќе влијаат во подобрувањето на квалитетот на воздухот во нашиот град.

Извор