Издвојуваме дел од многуте проекти на Данела Арсовска, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје. Претходно, ги видовме приоритетните проекти, но сега ќе се задржиме на еден дел, малку подетално.
ТЕХНОЛОШКИ ПАРК – СКОПЈЕ ИНОПАРК
Градот Скопје ќе иницира изработка на меѓународен проект за првиот градски информатичко-иновациски парк во државата – Скопје ИНОПАРК. На повеќе од 7000 метри квадратни корисна површина, сместен во непосредна близина на градот, овој парк ќе претставува простор на современа и иновативна инфраструктура, наменета за развој на високотехнолошки компании и креативни тимски работни процеси. Идејата на овој проект е да се овозможи научно истражување, поврзување и напредок на технолошките компании, менторирање и поддршка на старт-ап претпријатија, но и привлекување на ИТ гиганти од светот. Ефектот за градот ќе биде зголемена потреба од добро платена работната сила од пазарот на труд, вмреженост во заеднички систем (Co-working), додадена вредност преку истражувачки и развојни центри (R&D), позиционирање на Скопје како технолошки центар во Западен Балкан, но и позитивен економски ефект врз пошироката заедница.
СТРАТЕШКИ ПРОЕКТ: СКОПЈЕ – ГРАД НА ВЕЛОСИПЕДИ
Скопје има поставеност со вистински потенцијал да стане Град на велосипеди. Нашата цел е да го подигнеме степенот на употреба на велосипедот како превозно средство, да го намалиме аерозагадувањето, да го подобриме психофизичкиот развој на граѓаните и да ги промовираме сите алтернативни форми на движење во градот. Но, за тоа се потребни брзи и модерни решенија.
НОВИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ
Предвидуваме нови велосипедски патеки од Бутел преку Чаир кон Центар, од Гази Баба до Центар, од Драчево преку Кисела Вода кон Центар и од Даме Груев кон Ѓорче Петров. Не смее да има булевар во Скопје без велосипедска патека. Потребен ни е развој на велосипедската мрежа и од приградските населби кон центарот на Скопје – Сарај, Волково, Радишани, Бутел, Стајковци, Драчево, Сопиште, Водно и други.
НОВИ ПАРКИНГ-МЕСТА ЗА ВЕЛОСИПЕДИ
Планираме изградба на нови монтажни паркинг места за паркирање велосипеди во скопските општини до културни установи, банки, образовни институции и услужни објекти. Безбедносно заштитени и со видео-надзор, овие места ќе гарантираат сигурност и безбедност од кражби и оштетувања.
BIKE RIDE&SHARE – СИСТЕМ ЗА САМОИЗНАЈМУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕДИ
Итно ни е потребна и модернизација на системот за изнајмување велосипеди, со современа апликација за самоизнајмување во рамки на Скопје. По примерот на многу европски метрополи, преку партнерство со иновативни ИТ компании ќе воведеме модерен систем за изнајмување велосипеди, со технолошки современ проект на самоизнајмување. Со овој проект ќе бидат опфатени сите скопски општини, со позиции за изнајмување и оставање на велосипедите, грижа за нив во еден центар и контрола на искористеноста. Нашата цел е да се подигне степенот на патувања со велосипед и намалување на аерозагадувањето, подобрување на психофизичкиот развој на граѓаните и искористување на сите можни форми за алтернативно движење во градот.
1000 БЕСПЛАТНИ ЕЛЕКТРИЧНИ ВЕЛОСИПЕДИ И ТРОТИНЕТИ ГОДИШНО
Во соработка со општествено одговорни компании, ќе обезбедиме за 1000 свои граѓани годишно, бесплатни електрични тротинети и велосипеди, избрани според претходно утврдени критериуми, по пат на јавна и транспарентна селекција.
ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА НАБАВКА НА ВЕЛОСИПЕДИ
Предвидуваме зголемување на поддршката за набавка на велосипеди, како и електрични тротинети.
МЕЃУНАРОДНА ВЕЛОСИПЕДСКА ТРКА
Во функција на промоција на стратешкиот проект Скопје – Град на велосипеди ќе биде организацијата на велосипедска трка во градот Скопје. Со оваа трка, Скопје ќе се позиционира на мапата на европски градови за развој на спортот и велосипедизмот.
SCOOTER SHARE СИСТЕМ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ
Искористувајќи ги погодностите на мобилната апликација, предвидуваме паметен систем за изнајмување електрични тротинети во целиот град. По примерот на европските метрополи, преку јавно-приватно партнерство ќе обезбедиме простор за лесно и брзо изнајмување и враќање електрични тротинети за олеснување, популаризација на овој алтернативен начин на превоз. Сето тоа со цел намалување на сообраќајниот метеж, зголемена грижа за животната средина, намалени емисии на штетни гасови и полесен и ефикасен транспорт на сите граѓани.
ЖИЧНИЦА ОД СКОПЈЕ ДО СРЕДНО ВОДНО
Уште во почетокот на новата градска администрација, ќе ја започнеме реализацијата на проектот Жичница на Водно во неговата втора фаза – започнувајќи од подножјето на парк шумата Водно кон средно Водно. Со овој проект предвидено е да се намали сообраќајниот метеж за време на викенди, заштита на животната средина на парк шумата, но и обезбедување дополнителна туристичка атрактивност на градот.
100 ИЛЈАДИ НОВОЗАСАДЕНИ ДРВА ГОДИШНО
Градот Скопје ќе обезбеди 100 000 квалитетни садници на автохтони видови дрвја годишно, наменети за пошумување на однапред утврдени реони во пошироката околина на градот. Ќе предводиме и организираме пролетни и есенски акции за пошумување со вработените во градската администрација и сите градски претпријатија, училиштата во градот, партнерските граѓански организации, општествено одговорните компании и сите заинтересирани граѓани. Скопје повторно слободно ќе дише!
ЗЕЛЕНА ЗОНА ВАРДАРИШТЕ
Решението за зелено Скопје е секоја дива депонија да ја претвориме во парк. Затоа, уште од првиот ден ќе се зафатиме со решавање на едно еколошко прашање од највисок интерес за Скопје и скопјани. Ќе ја ревидираме старата студија за просторот Вардариште, а потоа ќе започнеме со потребните активности за преадаптација на ова запуштено место во зелена зона, негово оградување, зазеленување, изградба на спортскорекреативни терени. Целта ни е сликите за загадено Вардариште да заминат во историјата, а овој нов зелен појас да стане омилено катче на граѓаните во тој дел од градот.