• вто. Мар 21st, 2023

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА БИТОЛА СО “ПОИНАКУ”

Да спомнеме збор два и за независната кандидатска листа за советници на Битола, наречена “Поинаку.” Листата е составена од граѓани со различни професии, образование и етничка припадност. Сите со личен интегритет и еден заеднички именител – љубовта кон Битола. Ќе ги разгледаме и нивните планирани проекти.

БИТОЛСКИ ПРИОРИТЕТИ

Во изминатите 30 години Битола и Битолчани се заборавени и запоставени од секоја власт која владеела и управувала со градот. Затоа, најважно е за да започне Битола конечно да функционира како град согласно своето историско минато, реноме и стратешка позиција, мора да се работи на определување на нејзини приоритети. Сите Ние, кои живееме во овој град, знаеме дека најголемите проблеми се загадувањето, инфраструктурата и економскиот развој.

  • изградба на нов градски парк
  • стационар за бездомни животни
  • општина достапна до и за секој жител
  • функционален туризам преку цела година “all season tourism”
  • буџетот на увид на граѓаните
  • реконструкција на зоолошката градина
  • проект: GO GREEN
  • закон за РЕК (субвенционирана електрична енергија за Битолчани)
  • реконструкција на планинарскиот дом “Копанки”
  • проект “женска менторска кариерна мрежа”

ИЗГРАДБА НА НОВ ГРАДСКИ ПАРК ВО БИТОЛА

Со проширувањето на градот, во Битола се наметна и потребата за изградба на нови паркови и зеленило, како и забавни елементи за најмладите. (локација Нова Битола Брусничко – Лавчанска населба)

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ “КОПАНКИ”

КОПАНКИ е на сите нас и за сите нас. Како советничка група ќе го решиме проблемот помеѓу сите завојувани страни. Копанки ќе се реконструира во првата година од формирањето на советот на градот.

СТАЦИОНАР ЗА ЖИВОТНИТЕ

Вечниот проблем кој постои во градот со бездомните животни и секојдневните расправии помеѓу Битолчани, ќе биде разрешен преку изградба на стационар за бездомни животни.

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА

Зоолошката градина во Битола е во очајна состојба и без никакви услови. Сите се сеќаваме под каков притисок од наша страна се реконструира кафезот за мајмунот Лука. Но, никако не смее да се размислува за нејзино затворање! Општина Битола има и ќе обезбеди срества за нашата Зоолошка градина да се модернизира и реконструира комплетно. Нашите деца заслужуваат да имаат зоолошка, а не да ги носиме само во посета во Скопје. Битолската зоолошка ќе биде атракција како за децата, така и за возрасните.

ОПШТИНА ДОСТАПНА ДО И ЗА СЕКОЈ ЖИТЕЛ

Со отворањето на општински канцеларии во сите рурални средини и населени места ќе се олесни начинот на пристап на граѓаните до општинските услуги и ќе се скрати времето потрошено на граѓаните за оваа активност.

ФУНКЦИОНАЛЕН ТУРИЗАМ ПРЕКУ ЦЕЛА ГОДИНА “ALL SEASON TOURISM”

Главен економски бенефит на градот е планината. Ќе работиме за развој на планинскиот туризам во текот на цела година во соработка со Национален Парк “Пелистер”.

ЗАКОН ЗА “РЕК”

Ќе покренеме иницијатива за измена на закон со кој Битолчани ќе добијат поевтина (субвенционирана електрична енергија) заради последците кои ги трпи и жтрвите кои ги дала и дава за цела Македонија да има непречено снабдување со електрична енергија.

БУЏЕТОТ НА УВИД НА ГРАЃАНИТЕ

Граѓаните на Општина Битола ќе имаат можност на едноставен, јавен и транспарентен начин да имаат увид каде точно се трошат нивните пари во секој момент.

ПРОЕКТ “GO GREEN”

Замислете ја Битола зелена!!! Секоја површина со кал наскоро ќе биде посеана со трева. Сите дрвореди во градот ќе бидат обновени, а парковите пред зградите, зелени. Секој Битолчанец ќе има можност да учествува во најголемиот зелен проект на Битола. Во соработка со јавните претпријатија, Општината ќе обезбеди разновидни садници и семе за трева за сите заинтересирани граѓани.

ПРОЕКТ “ЖЕНСКА МЕНТОРСКА КАРИЕРНА МРЕЖА”

Спроведувањето на проектот подразбира вмрежување на 10 успешни менаџерки и сопственички на успешни компании, кои за определен временски период по пат на менторство ќе им дадат поддршка на 10 жени кои се на почеток на професионалната кариера. Проектот подразбира унапредување на работните вештини, а тоа ќе го реализира преку менторска поддршка од менаџерките и сопственичките на компаниите, кои имаат углед и долгогодишно искуство. Волонтерскиот начин на споделување на нивните знаења и вештини ќе им помогне за започнување на сопствен бизнис.

ПАТОТ ЗА ЕВРОПА

Како нова локална власт ќе ги искористиме сите законски можности кои ни стојат на располагање до надлежните институции, за да се реализира реконструкција на патниот правец Битола кон граничниот премин Меџитлија. Тој е од витално значење за развој на економијата заради наша поврзаност со ЕУ.

Се планира и изградба и реконструкција на тротоари, поставување на заштитни столбови околу зелените површини и ограда на кружните текови. Но, и реконструкција на влезовите во градот.

ИЗГРАДБА НА КАТНИ ГАРАЖИ

Во Битола има регистрирани 28.000 возила, а само околу 2.500 паркинг места. Сето ова доведува до огромна потреба за нови монтажни и тврди катни гаражи. Со изградба на овие гаражи значително ќе се намали сообраќајниот метеж и хаос во центарот на градот и ќе се ослободат тротоарите и зелените површини. Се планира:

  • поставување на видео надзор на јавни површини и фреквентни улици согласно законските прописи за оваа област.
  • Воспоставување и спроведување во пракса на еко стандарди за јавен превоз.
  • Ревизија на комплетната сообраќајна инфраструктура и сигнализација, кружни текови и раскрсници.
  • Изградба на јавни тоалети и
  • поставување на семафори на повик и сигнални семафори на сите феквентни улици, раскрсници и пешачки премини.

ЛИЦЕТО НА БИТОЛА

Широк Сокак, Градското шеталиште и паркот, Тумбе-кафе и Кејот на реката Драгор се лицето и крвотокот на Битола. Тие ќе блеснат со поставувањето на урбаната опрема, амбиентално осветлување и уредување.

БИТОЛА НА ТОЧАК

Битолчани со години наназад добиваат лажни ветувања за изградба на велосипедски патеки. Редно е тие да станат реалност во нашиот град. Овој проект е планирано да го реализираме преку поставување на повеќе локации низ градот, на таканаречени “Rent a bike” пунктови, за да се мотивираат туристите и Битолчани да користат ваков вид на превоз. Се планира:

  • изградба на велосипедски патеки во сите улици (двонасочен велосипедски сообраќај)
  • давање на приоритет на велосипедистите во режимот на сообраќајот
  • ден без автомобили

ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА

Битола е град со најголема стапка на заболени од рак. Борбата за чист воздух е најголемиот и највисокиот идеал на еден Битолчанец. Секој проект, предлог и иницијатива мора да бидат искористени за да се постигне целта. Битола не смее да биде ничија жртва и цената да ја плаќа секој битолчанец. Заедно мораме да се избориме за чист воздух и здрава животна средина.

  • Субвенции за подобрување на термо-енергетската ефикасност на станбените објекти
  • чистење и одржување на коритото на реката Драгор (изградба на функционален и современ кеј и поставување на заштитна ограда)
  • субвенционирање за користење на топлинска енергија од чисти и обновливи извори
  • формирање на градска редарска служба
  • имплементирање на програмата за чист амбиентален воздух
  • акции за садење дрва
  • нови паркови
  • Чистење на диви депонии
  • вендинг машини за рециклирање на отпад

Иднината на светот е во зачувувањето на животната и човековата средина. Со добивање на надомест за рециклирање во вендинг машините, дополнително ќе се мотивираме сите.

ТУРИЗАМ ВО БИТОЛА

Главен економски бенефит за градот е нашата Баба планина. Пелистер е национален парк кој со својата грандиозност и уникатност остава без здив. Но, Битола има и други туристички атракции кои можат да бидат извор за секаков вид на туризам.

Ќе работиме на развој на планинскиот туризам во Битола во соработка со Националниот Парк “Пелистер”, и ќе ја промовираме Битола како врвна туристичка дестинација. Не само во Македонија, туку и на Балканот. Освен планинскиот, во нашата програма е предвиден и развој на алтернативниот и руралниот туризам кои се исто така во подем и можат да донесат многу туристи во Битола, а со тоа и економски бенефит.

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПАТОТ ОД БИТОЛА ДО ХОТЕЛ “МОЛИКА”

Покренување на иницијатива за целосна реконструкција на патот од Битола до хотел “Молика”, е еден од приоритетите за Битола. Ова претставува основа за развој и на угостителстовото и на туризмот. Битола мора да обезбеди модерен, стандардизиран и безбеден пат до најголемиот туристички центар.

  • планински туризам во соработка со НП “Пелистер”
  • промоција на Битола како туристичка дестинација
  • адреналински парк
  • алтернативен туризам
  • рурален туризам
  • електрично вовче “МЕЧО”
  • ботаничка градина на влезот од Паркот

Извор