Денес ќе го презентираме последниот дел од изборната програма на граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град, како и на кандидатката за градоначалник Ана Петровска.
Во изминатите пет делови, ги презентиравме детално 7те главни приорити. Во последниот дел ќе се потсетиме на истите и ќе презентираме за што друго се залага оваа граѓанска иницијатива и која е визијата за град Скопје.
- Генерален урбанистички план за зелено и хумано Скопје
- Отпадот се селектира, рециклира и компостира
- Скопје со чист воздух
- Енергетска независност и борба против енергетска сиромаштија
- Брза, ефикасна и дигитализирана администрација
- Целосно водоснабдување, одведување и пречистување на отпадните води
- Скопје без бездомни животни
СКОПJЕ Е ПРЕД ВАЖЕН КРСТОПАТ! ДА JА ИЗБЕРЕМЕ ВИСТИНСКАТА НАСОКА!
Важно е Скопје да го водат луѓе со потребното образование, искуство и искрена посветеност. Со новиот Генерален урбанистички план (ГУП) за Скопје кој е во изработка, имаме единствена можност да ги заштитиме граѓаните од урбанистичката мафија, да го зазелениме Скопје, да го исчистиме од отпадот, да си ги вратиме јавните простори, да создадеме хумани соседства и да спроведеме одржливи сообраќајни решенија. Јавното мора да биде заштитено пред да биде предоцна. Да ги заштитиме местата кои имаат потенцијал да станат градски линиски и маалски паркови, градинки, културни центри, пред и тие да се уништат од градење без мерка. Овој момент и оваа можност нема да се вратат. Затоа, да ги искористиме и да го направиме Скопје зелено и хумано место за живеење!
ВИЗИJА ЗА СКОПJЕ
Скопје е паметен, одржлив град, во кој се живее хумано и каде што секој има рамноправен пристап до услугите. Имаме мрежа на урбано зеленило од паркови, дрвореди и зелени коридори покрај реките. Имаме одржлива урбана мобилност – велосипедската и пешачката инфраструктура се развиени и безбедни, а јавниот транспорт е брз, пристапен и удобен. Инвестираме во енергетска ефикасност и соларна енергија. Обезбедени се услови за максимална селекција, рециклажа и компостирање на отпадот. Создадена е циркуларност – наместо да фрламе, создаваме простори за занаетчиите за поправка на апарати и други отфрлени предмети и за креативците за преработка на стариот мебел. Воведени се програми за заживување на занаетите. Поттикнати се зелени стартапи. Поддржани се малите локални зелени бизниси. Поттикнато е социјално претприемништво со акцент на младите. Напуштените простори се ревитализирани и отворени за млади претприемачи и креативци.
ГРАД ЗА СИТЕ
ГРАД ШТО СЕ ГРИЖИ ЗА РАНЛИВИТЕ ГРУПИ ГРАЃАНИ
- Градот Скопје мора да им ја обезбеди соодветната заштита на лицата што се соочуваат со ризици по здравјето (болест, повреда и хендикеп), старост и стареење, еднородителските семејства, невработените, сиромашните и другите граѓани што се социјално исклучени.
- Обезбедуваме парична помош, различни субвенции, социјални услуги (згрижување, поддршка, нега, патронажни служби) и друг вид на помош за превенција – советување и слично, вклучително и сервиси за поддршка и превенција на родово засновано насилство коишто мора да бидат децентрализирани согласно со Законот за социјална заштита.
- Мора да се отвори народна кујна во секое соседство.
- За социјалните услуги да се стимулира социјално претприемништво преку ресурсен центар за социјално претприемништво.
ГРИЖА ЗА МЛАДИТЕ
- На младите им требаат услови за учење: во средните училишта мора да се одржуваат хигиената, опремата за практична настава и опремата за спортските сали.
- Училиштата мора да бидат енергетски ефикасни и да се замени екстра лесното гориво со еколошки извор на енергија за да се обезбеди здрава животна средина на учениците и околното население.
- Ниту едно здраво дрво нема да смее да се исече за внесување комерцијални содржини.
- Во средните училишта отвораме урбани градини и мали компостари, а поставуваме и контејнери за селектирање на отпадот.
- Градот, во соработка со општините и Министерството за образование и наука, мора да обезбеди доволен простор за учење во библиотеките за сите млади што немаат соодветни услови во домовите.
- Напуштените индустриски објекти или стоваришта, кои сега се издаваат за различни дејности, културни домови, месни заедници и сл. мора да се отворат за работен и креативен ангажман на младите.
- Скопје мора да работи на поддршка на организации што даваат услуги за неформално образование што понатаму младите може да ги искористат во процесот на барање работа или во стекнување нови вештини што не ги стекнале при формалното образование.
- Да финансира или кофинансира учество на младите на интернационални саеми и конференции, брендирање и промоција на иновации, инвестирање во нови технологии и слично.
- Ги промовираме занаетите како атрактивна можност за професионален ангажман на младите.
- Градот е должен да обезбеди помош на младите за подобро да ги искористат достапните активни мерки за вработување и самовработување што ги спроведува Агенцијата за вработување.
- Го поттикнуваме младинското учество во волонтерски и активистички акции. Градот мора да спроведува програми за вклучување на млади волонтери во општествено полезни активности и да соработува со граѓанскиот сектор за поттикнување на активизмот кај младите.
ГРИЖА ЗА СТАРИ ЛИЦА
- Градот Скопје мора да обезбеди соодветна нега за старите лица, во соработка со граѓански здруженија.
- Мора континуирано да се подига свеста на населението за правата и потребната грижа и помош на старите лица.
- Неопходно е ангажирање на старите лица преку едукативни и креативни работилници, како и културно-забавен живот.
- За заштита на здравјето, мора да се организираат бесплатни прегледи при посети на стари лица во нивните домови, пензионерските домови и слично.
- Да продолжат да функционираат дневните центри за стари лица и центрите за давање помош во домашни услови.
- Јавниот простор мора да е максимално безбеден и удобен за нивно
движење, дружење, рекреација и активна старост.
За Скопје со богат и разновиден културен живот
Скопје мора да ја зајакне институционалната и финансиската поддршка на културните установи, а нивните програми мора да се производ на самите културни работници.
- Да поддржи културни манифестации што ќе ја поттикнат креативноста на уметниците и публиката.
- Да продолжи промовирањето на креативни индустрии.
- Неопходно е вложување во организирање и промоција на културни настани во рамките на јавните установи и независната културна сцена.
- Мора да се поттикнува натамошно развивање на јавно-граѓанско партнерство за поддршка на културното творештво.
- Регионалното вмрежување со организации со слично делување е императив.
Неопходна е ревитализацијата на напуштени простори и објекти и нивна пренамена за користење на младите и на културните работници. Веќе постојат иницијативи за ревитализација и пренамена на комплексот Купрум во населба Хром и поранешното стовариште на војската „Славија“ во Кисела Вода во студентски град и културни центри. Притоа ќе се заштити архитектонскиот израз на објектите од почетокот на 20 век. Со ревитализацијата на кружната шалтерска сала на Пошта (објект запуштен по опожарувањето), исто така, може да се создадат нови простори за делување на млади претприемачи, занаетчии, креативци и уметници, а во административните простории да се организира Музеј на архитектурата на Град Скопје, во кој ќе бидат презентирани сите важни градителски периоди во историјатот на градот. Скопје има уникатна планерска и архитектонска историја која заслужува да биде презентирана и да создава знаење и вредности. Градот Скопје заслужува архитектура и дизајн на јавен простор со високи вредности и поради тоа ќе ја негуваме институцијата урбанистички и архитектонски конкурс.
Скопје мора да биде град во кој дишеме чист воздух; град со повеќе зеленило, а помалку бетон и ѓубре; град во кој од отпадот создаваме вредност; град кој максимално ја користи сончевата енергија; град со проодни тротоари и природна сенка; град без пречки за луѓето со хендикеп; град во кој заеднички ги носиме урбанистичките планови и градскиот буџет; град на граѓани заштитени од урбанистичката мафија; град со чист Вардар; град во кој никој не е гладен; град во кој информирањето е транспарентно, знаењето е споделувано и солидарноста е правило.