• чет. Мар 30th, 2023

Како до успешно спроведување на новиот концепт на отпадот?

„И Тетово се приклучува на градовите кои имаат повратни вендинг машини. Од таму амбалажниот отпад, низ процесот на рециклирање ќе може да се искористи како секундарна суровина. А ќе добие нова употребна вредност” – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на презентацијата на првата повратна вендинг машина на Пакомак на територијата на Општина Тетово, која е поставена во Веро Супермаркети. На настанот беше покажано како работат машините и како функционира системот со „зелени поени“. Добиените „зелени поени“ засега може да се искористат за купување производи од Веро. Во иднина и за плаќање на општински и јавни услуги.

Министерот Нуредини рече дека со ваквите машини секој граѓанин може да го одложи отпадот и додека пазарува. Лесно се применува системот на кауција, со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата. А граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување.

„Нема подобар начин да се претстави обезбедувањето на услови и директна имплементација на новиот пакет закони за управување со отпадот, што ги изработи Министерството за животна средина и просторно планирање, а ги усвои Собранието. Тие се во функција на зелената трансформација на економскиот систем и воведувањето на принципот на циркуларна економија, а селекцијата, рециклирањето, реупотребата и преработката на отпадот пред негово депонирање станува обврска за сите. Со тоа промовираме одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и иновација на технолошките процеси” – додаде министерот Нуредини.

Најавувајќи поставување на вендинг машини и во другите градови во државата Нуредини посочи дека во претстојниот период ќе се постават до 50 собирни садови за селекција на отпадот во државните институции, со цел органите на власта и државните службеници да бидат пример како соодветно се имплементираат новите закони и како правилно се одложува отпадот.

На настанот присуствуваа и генералниот директор на Пакомак, Филип Ивановски и директорот на Веро Супермаркети, Петар Денковски.

Извор