• пет. Мар 31st, 2023

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ РЕЗУЛТАТИ СКОПЈЕ

Привршува броењето на гласачките ливчиња во последните општини каде не се избројани 100 % од гласовите. Во општините во Скопје, каде се избројани 100% од гласовите, состојбата е следната:

  • Во Бутел победник во прв круг е Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој доби скоро 53 % од гласовите, додека Велимир Смилевски од СДСМ има 40 %.
  • Во Гази Баба победник во прв круг е Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој доби скоро 60 % од гласовите, додека Борис Георгиевски од СДСМ има скоро 30 %.
  • Во Кисела Вода победник во прв круг е Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој доби скоро 52,5 % од гласовите, додека Филип Темелковски од СДСМ има скоро 28 %.
  • Во Сарај победник во прв круг е Блерим Беџети од ДУИ. Тој доби 73 % од гласовите, додека Керим Мамути од Алијанса/Алтернатива, има само 18 %.
  • Иако не се избројани 100 % од гласовите (88% во моментот на пишување), сепак состојбата е јасна и во Општина Аеродром. Многу е веројатно дека Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да извојува победа и во првиот круг. Тој во моментот има 55,5 % од гласовите, додека против-кандидатот од СДСМ, има 26 % од гласовите.
  • И во Ѓорче Петров е неизвесно дали ќе има втор круг. Во моментов, од 90 % избројани гласови, кандидатот а ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски е во предност и има освоено скоро 50 % од гласовите. Кандидатот на СДСМ, Александар Наумоски, има 34 %.
  • Во сите останати скопски општини ќе има втор круг. Во Чаир во вториот круг ќе одат актуелниот градоначалник, Висар Ганиу, од ДУИ и Беким Сали од Алијанса/Алтернатива. Ганиу освои 49 % од гласовите и за малку не успеа да победи уште во првиот круг, а Беким Сали 37 %.
  • Во Шуто Оризари битката во вториот круг ќе се води помеѓу актуелниот градоначалник Курто Дудуш, кој е сега претставник на коалицијата ЛДП/ДОМ, и Ферат Асан, кандидат на СДСМ. Ферат Асан освои 37 % од гласовите во првиот круг, додека Курто Дудуш 25 %.
  • Во Центар, очекувано, во вториот круг влегоа Горан Герасимовски од СДСМ со освоени околу 40 % од гласовите (се уште не е завршено броењето, 91 %) и кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Котлар-Трајкова. Таа освои околу 33 % од гласовите.
  • Најнеизвесно беше во Карпош, долго време само кандидатот на СДСМ, Душко Весковски, беше сигурен во вториот круг, со освоени 32 % од гласовите. За второто место се бореа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Зафировски и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. По пребројани 100 % од гласовите, сепак во вториот круг оди Стевчо Јакимовски. Јакимовски освои 23,69 % од гласовите, додека Зафировски 22,72 %. Разликата во гласови е 279.

За Градоначалник на Град Скопје состојбата е јасна. Во вториот круг влегуваат независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска и кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник, Петре Шилегов. Од пребројани 95 % од гласачките ливчиња, Данела Арсовска освои околу 82.000 гласови или 37,5 %. Петре Шилегов освои 75.000 гласови или 34,5 %. На третото место се најде Перо Георгиевски – Камиказа, поддржан од Левица со околу 20.000 гласови или скоро 9 %. Ана Петровска, кандидат на Зелен Хуман Град освои околу 9.000 гласови или 4,1 %. Бени Шаќири од коалицијата ЛДП/ДОМ се најде на петтата позиција со освоени 8.600 гласови, или 3,9 %.

Извор