Во изминативе години, градовите низ светот се преокупирани со изнаоѓање на начини за да станат позелени. Додека некои преземаат помали чекори, како развивање на џебни паркови во урбаните места, некои прават значително поголеми промени. Грчката општина Палини најавува дека наскоро ќе го изгради најголемиот и најмодерниот парк на Медитеранот.
Проект вреден 1 милион евра
Во средата, на 20ти октомври, градоначалникот на Палини Танасис Зуцос, имал средба со гувернерот на Атика, Џорџ Патулис. Целта на средбата била потпишување на договорот за “Urban Grove of Panorama Pallini”. Целосниот буџет за проектот изнесува 1 милион евра, а регионот Атика ќе учествува со 750.000 евра.
Според грчката општина, ова ќе биде најголемиот и најмодерниот градски парк, не само во Палини туку и во поширокиот Медитерански регион. Ќе биде со површина од 242.811 метри квадратни и ќе има киосци, клупи, фонтани и справи за вежбање.

Покрај ова, општината нагласува дека овој проект ќе биде еден од најважните интервенции за пошумување и заштита на планината Пентели. Проектот исто така вклучува и засадување на 1.000 дрвја и грмушки.
Безбројни добивки
Големи површини на зеленило влијаат одлично на природната средина, економијата и на граѓаните, и тоа на различни начини. Сите знаат дека парковите ја редуцираат урбаната топлина, резултираат со почист воздух, ги штитат природните еко-системи и промовираат благосостојба.
Парковите привлекуваат купувачи на домови, фамилии со деца и пензионери. Се зголемуваат цените на имотите, а со тоа се зголемуваат и добивките на општината и се влијае позитивно на економијата.
Со инвестирање во развој на најголемиот и најмодерен градски парк на Медитеранот, Палини и регионот Атика, инвестираат во благосостојбата на граѓаните, природната средина и економијата.