• пет. Мар 24th, 2023

Што може еден град да направи за да има почист воздух?

Изгледа многу, а тоа ќе видиме и од примерот на Маон, шпански град, на островот Менорка. Квалитетот на воздухот е значаен индикатор за квалитетот на животот во некој град. Додека бараме различни начини како да добиеме почиста атмосфера, дознаваме и дека има многу пречки на тој пат.

Како пример, можеме да го земеме шпанскиот град Маон. На почетокот на октомври, оваа година, локалните власти на овој град презентираа стратешки план за подобрување на квалитетот на воздухот. На планот се работело од јуни, 2017, но дури сега бил одобрен. Истиот содржи 61 мерка којашто директно или индиректно ќе придонесе за намалување на атмосферското загадување.

Читајќи го ова, имајте на ум дека градот Маон има популација од помалку од 30.000 жители. Исто така може да размислите какви мерки треба да превземат поголемите градови за оваа цел.

Маон е главен град на островот Менорка (еден од Балеарските острови) и најпознат по давање на името на мајонезот. Исто така го има и едно од најголемите природни пристаништа во светот, што поради опкружувањето со природа е всушност многу чист.

61 мерка во 5 делови

Планот вклучува 61 мерка, разделени во 5 различни сетови на мерки: копнена мобилност, енергетска ефикасност, мониторирање и намалување на емисиите во епизоди на висока загаденост, воздушна мобилност и други.

Во рамки на копнена мобилност, се предложуваат 14 линии на делување. Помеѓу нив најзначајни се: подобрување на понудата на постоечкиот јавен превоз, соодветен менаџмент на мобилноста во поголеми работни компании, изградба на безбедни паркови за возила со електрични полначи во близина на транспортните станици и охрабрување за замена на возилата со електрични или со помала емисија на штетни гасови.

Понатаму, има идеи за оптимизирање на паркинг местата со цел повеќе да се користи јавниот превоз. Идеи има и за контрола и ограничување на брзината на автомобилите, car-sharing (повеќе луѓе во еден автомобил). Се размислува и за зголемување на пешачките зони и јавните површини за да се намали површината за приватни возила. И секако, оптимизирање на интермобилен транспорт велосипед-јавен превоз.

Што се однесува до енергетската ефикасност, значајна улога игра имплементирањето на обновлива енергија. Има предлози за инсталација на фотоволтаична соларна енергија на големи покриви. Но, и за задолжување на големите и средни компании да ги намалат емисиите на гасовите.

Дополнително, ќе има и оптимизација на сервисите за Урбана дистрибуција на продукти, со што ќе се промовира одржлива мобилност. Исто така ќе има и охрабрување за користење на обновлива енергија, но и информирање и советување за истата. Се планира и промовирање на локални бизниси, како и оптимизација на контролата на емисиите при работа на патиштата и чистење на улиците.

Третиот сет на мерки е посветен на избегнување на епизоди на висока загаденост. Тука со планот се предложуваат изнесување на информации и кампањи за пошироката јавност за загадување на воздухот.

Исто така, со Планот се планира и изработка на краткорочен план за делување, но и проучување на квалитетот на воздухот со пасивни сензори.

Што се однесува до воздушната мобилност се планира изработка на предлог План за подобрување на квалитетот на воздухот на аеродромот во Маон, заедно со план за одржлива мобилност. Во план е и разеленување на возниот парк и опремата и оптимизирање на мобилноста на аеродромската писта.

Во сетот на други мерки, со Планот се поддржува работата на Балеарскиот Институт за Енергија (IBE), проучувањето и изработката на зелени конектори, како и промоција на органско земјоделство.

Маон исто така има и 3 фиксни станици во моментов, за контрола на квалитет на воздухот. Истите се интегрирани со Балеарската мрежа за Мониторирање и Контрола на квалитетот на воздухот.

Целиот текст може да се прочита тука.