• пет. Мар 31st, 2023

Транзиција кон почисти извори на енергија

Окт 28, 2021

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари повеќе средби во пресрет на климатскиот самит #COP26.

Министерот оствари работна средба со директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје, Анди Аранитаси. На истата се разговараше за апликацијата на Владата на РС Македонија за заем од 55 милиони евра. Заем за воспоставување на регионалниот систем за интегрирано управување со отпад во петте плански региона. Заемот е наменет за изградба на основната инфраструктура, односно регионални депонии, претоварни станици, набавка на контејнери и возила. Во моментот се работи на финализирање на документација потребна за обезбедување на заемот.

Исто така се разговараше и за апликациите за заем за проектот: Енергетски решенија за подобрување на оперативните трошоци и карактеристиките на пречистителните станици во Северна Македонија.

Во пресрет на климатскиот самит #COP26 што следната недела ќе се одржува во Глазгов, министерот Нуредини одржа работна средба со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј.  

На средбата се разменија информации за позициите на нашата држава во пресрет на климатскиот самит. Но и за иницијативите што ги предлага Владата на Обединетото Кралство во насока на исполнување на глобалната цел од Договорот од Париз. Во оваа прилика, министерот Нуредини го врачи писмото на поддршка на  глобалната иницијатива на ОК за транзиција од јаглен кон чиста енергија.

Министерот се сретна и со амбасадорот на Полска Војциех Тицињски. Тој во пресрет на климатските преговори во Глазгов, ја понуди поддршката на Полска во во областа на праведна транзиција кон почисти извори на енергија.

Имено,  Полска од август годинава, во рамките на новоусвоената програма на националниот фонд за животна средина и управување со водите наречена Полска климатска поддршка ги вклучува и државите од Западен Балкан.

Министерот Нуредини и амбасадорот Тицињски разговараа за вклучување на РС Македонија како партнер. Посебно во областа на праведна транзиција кон почисти извори на енергија. 

Како продолжение на соработката, планирано е министерот Нуредини, во Глазгов да се сретне со високи претставници на Полска кои работат на конкретната Програма и Националниот фонд.

Извор