Есента пристигна. Иако деновите се посвежи и пократки, а ноќите постудени и подолги, сепак многу луѓе уживаат во овој период од годината. Прошетки и чекорење по шушкави лисја, шаренило во природата, па топло чајче на дождлив ден. За многу држави во тој период се завршува и со летното сметање на времето и поместување на часовникот. Летното сметање на времето за Европските држави започнува во последната недела од март, во 2 часот по полноќ кога се стрелката на часовникот се поместува нанапред, во 3 часот. За разлика од нив САД го менуваат времето во втората недела од март, односно 2 недели порано од Европските држави. Ова летно сметање на времето во Европа трае до последната недела од октомври, а во САД трае до првата недела од ноември, кога стрелката на часовникот се враќа наназад, односно од 3 во 2 часот по полноќ.

Идејата за ова поместување на времето е да се искористи максимално денвната светлина во северната хемисфера. Логиката е дека луѓето добиваат 1 час повеќе светлина откако ќе се вратат од работа. Овие предности се контроверзни, бидејќи промената на времето може да има мерливи ефекти на здравјето.
Што стои позади промената на времето?
Сезонските промени во должината на времето доаѓаат од ротацијата на планетата Земја. Додека државите околу екваторот имаат скоро во текот на цела година околу 12 часа светлина, тоа не е така и за државите што се појужно и посеверно од екваторот.
Додека во летниот период северната хемисфера има подолги и потопли денови, јужната хемисфера во исто време има пократки и поладни денови. И обратно. По 6 месеци ситуацијата се менува на двете хемисфери.
Кога се започнало со промена на времето?
Многумина даваат заслуга на Бенџамин Френклин за летното сметање на времето благодарение на сатирично писмо што го испратил до Journal de Paris во 1784та година. Во писмото, изразил зачудување дека во Париз сонцето изгрева во 6 часот наутро, многу порано од што стануваат Парижаните.
Френклин напишал “Ако стануваат сите луѓе кога изгрева сонцето, градот може да заштеди огромна сума на пари во запалени свеќи во доцните вечерни часови”. Сепак, тој не предложил промена на времето, но имал други предлози за да може подобро да се искористи дневната светлина.

Други даваат заслуга на Џорџ Хадсон за идејата, ентомолог од Нов Зеланд, кој во 1895та година предложил дво-часовна промена за да овозможи повеќе време по работните часови за ловење на бубачки. Набрзо потоа, Британскиот активист Вилијам Вилет предложил слична идеја за да се превенира губењето на дневна светлина, и го предложил тој концепт на Анлиската Влада во раните 1900ти години.
Но, летното сметање на времето не започанало дури до Првата Светска Војна, кога Германија прва решила да го прифати тој концепт, во 1916та година, за да може максимално да ги искористи ресурсите за време на дневната светлина. Кратко време потоа, и САД решила да го искористи овој концепт и за прв пат го сменила времето во 1918та година.
Кои држави го прифатиле овој концепт на менување на времето?
Не сите земји во светот се водат по овој концепт на менување на време. Во САД, Хаваи, поголемиот дел од Аризона, како и териториите на Гуам, Порторико, Американска Самоа и Девствените острови, не го менуваат времето.

На глобално ниво, популарноста за менување на времето исто така варира. Поголемиот дел од Северна Америка, Европа, Нов Зеланд и неколку региони на блискот Исток се решиле за поместување на стрелките на часовникот, односно за летно и за зимско сметање на времето, иако сите тие имаат различни дати за почеток и крај. Поголемиот дел од Азија и Африка, сепак воопшто не го менуваат времето и го немаат прифатено овој концепт. Јужна Америка и Австралија се поделени на оваа тема.
Се очекува дека наскоро и Европа ќе го напушти овој концепт. Во 2019та година, ЕУ гласаше за прекинување на задолжителната промена на времето во март и октомври. Но, тој план изгледа како да е ставен во мирување. Имено, земјите членки требало да прекинат со промена на времето во 2021 година. Требало и сами да одлучат дали ќе останат по летно или по зимско сметање на времето. Сепак како што изгледа, поради излегувањето на Велика Британија од ЕУ и поради пандемијата од Ковид-19, којашто се уште е активна, овие планови се ставени во мирување и не се знае дали оваа година ќе се прекине со промена на времето. Истото важи и за Македонија.
Дали има предности промената на времето?
За многумина, оваа промена резултира со промашени состаноци и поспани граѓани. Можно е да има и посериозни несакани ефекти. Некои испитувања покажуваат зголемување на бројот на срцеви удари во овој период, а намалување со враќање на времето наназад. Други испитувања пак ја поврзуваат промената на времето со зголемување на фаталните сообраќајни незгоди, иако ефектот е мал во споредба со вкупните сообраќајни незгоди во текот на целата година. Постојат грижи и за влијанието на имуниот систем поради намаленото спиење.
Некои испитувања покажуваат дека промената на времето воопшто нема никакво влијание во заштедата на електрична енергија. Една научна студија покажала дека во Индијана, промената на времето предизвикало зголемување на побарувачката на електрична енергија, но и зголемување на загадувањето. Во Норвешка и Шведска пак, тоа довело до намалување на побарувачката на електрична енергија.
Со зголемување на денот имаме многу предности. Излегување надвор по работните часови додека е уште ден, спортување, пешачење, прошетка со децата.

Сепак на некои места оваа промена на времето е многу непопуларна. Во испитување направено на околу 4,6 милиони испитаници, дури 80 % се изјасниле за промена на времето. Дали и кај нас набрзо ќе се напушти овој концепт, останува да видиме.
Извор National Geographic