Љубовта кон природата е длабоко вкоренета шведскиот национален карактер. Затоа не е ни изненадување, што главниот град на Шведска, високо котира на листата светски градови со најмногу зелена површина. Покривајќи 40 % од површината на Стокхолм, градските јавни паркови и градини се разновидни. Од мали скверови до Национален Градски Парк. Nationalstadsparken е првиот Национален Градски Парк во светот, основан во 1995та и се состои од неколку гранични површини што заедно сочинуваат 27 километри квадратни.
Секоја топ-листа на паркови во Стокхолм секако ќе биде некомплетна, но подоле ви прикажуваме мал дел од овие убавини на главниот град на Шведска.
Дјургарден
Дел од Националниот Градски Парк, Дјругарден се опишува и како зелените бели дробови на градот. Поранешен Кралски парк за ловење, овој голем остров источно од градскиот центар е дом на многу музеи, но и богати полиња, ливади и шуми. Тука се наоѓа и најсеверната букова шума во Шведска. Во близина на источниот крај на островот, се наоѓа Исбладсвикен. Тоа било некогаш залив во Балтичкото море, но сега е езеро што примамува голем број на птици како лебеди, патки, гуски и други видови.
Многуте патеки во Дјургарден може лесно да се истражат со пешачење или на две тркала. Велосипеди и мапи се достапни во Центарот за посетители, што се наоѓа веднаш до Дјрургаденскиот мост.

Валдемарсуде
На полуостров во јужниот дел на Дјургарден, се наоѓа Валдемарсуде, поранешен дом на Принцот Еуген. Познат пејсажен сликар и колекционер на уметнички дела, Принцот го оставил својот имот на Шведската држава, кога починал во 1947. Неговата куќа е сега уметнички музеј.
Околниот парк има веранди, градини и пешачки патеки со прекрасни погледи на Дјургарден и на Балтичкиот приод до Стокхолм. Раштркрани по паркот се скулптури коишто биле купени од Принцот Еуген. Исто така, на имотот се наоѓа и 18-вековна ветерница во холандски стил, што бил омилен мотив на сликите на Принцот. На лето, во паркот има и кафуле, каде може да се јаде.

Кралската градина
Овој мал парк во срцето на Стокхолм започнал како Кралска кујнска градина во 1400-тите. Сега е прераснат во едно од омилените градски собирни места, со правоаголен базен, фонтани, а и голема шаховска табла. Исто така има и многу кафулиња и ресторани и малку поформална градина со статуа од кралот Карл XII.
За време на потоплите периоди, Кралската градина заживува со фестивали и разни други настани. На пролет, кога цветаат Јапонските цреши, еден дел од паркот е обоен со преубава розева боја. На зима, во центарот на паркот, се прави лизгалиште околу големата статуа на еден друг крал Карл XIII.

Хумлегарден
Во 1619та година, Густав II Адолф изградил кралска кујнска градина за да одгледува овошје, хербални растенија и хмељ (humle), од каде потекнува и името на овој парк. Неговата ќерка, Кралицата Кристина, ја претворила градината во барокна, со пешачки патеки, покрај кои биле засадени липи. Подоцна се засадиле и други типови на дрвја. Од рекреирачки објекти содржи големо игралиште, младински центар со платформа за скејтборди, кошаркарско игралиште и надворешен фитнес центар.
Во јужниот дел на паркот се наоѓа Националната библиотека на Шведска. Во центарот на паркот се наоѓа статуа на познатиот шведски ботаничар Карл Лине, којшто стои на високо цокле, а опкружен од 4 женски фигури, што претставуваат ботаника, зоологија, медицина и минералогија.
