Дали да се продолжи проектот за БРТ или не? Тоа е актуелното прашање деновиве. За да се одговори на тоа прашање, потребно е најпрво да се објасни целиот проект на БРТ во детали. Јавна презентација за сите жители на Скопје, не само на одредени луѓе. Тоа е нешто што требаше да го направи и стариот градоначалник, Петре Шилегов, уште пред да се потпише договорот со ЕБОР. Детална анализа, предности, недостатоци. Веруваме дека ова е веќе направено, но нас не ни се познати деталите. Второ нешто што треба да се направи, е да се даде алтернатива. Што доколку не се одлучиме за БРТ? Дали ќе има некое поинако системско решение за јавниот превоз? Или на крајот како и секогаш, сите овие политички препукувања ќе одат на грбот на народот? Третата работа е да се спроведе референдум. Ова е преголем проект за да го одлучи еден човек или 23 советници. И сето тоа треба да се случи што е можно побрзо.
Што знаеме за проектот БРТ?
Со спроведувањето на проектот за Брз автобуски транспорт (Bus Rapid Transit) или БРТ се овозможува побрз, поефикасен и побезбеден автобуски превоз, помало аерозагадување и почиста средина. Со популарно нареченото „автобуско метро“ или „трамвај на тркала“ се одвојува посебна траса за брзи автобуси, физички издвоена од преостанатиот сообраќај.

Проектот БРТ опфаќа имплементација на две линии за брз автобуски транспорт – Линија 1 (исток – запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) со должина од 12,81 км и 21 автобуска станица, како и Линија 2 (север – југ, од железничката станица на булеварот „Босна и Херцеговина“ до булеварот „Борис Трајковски“) во должина од 10,4 км со 20 автобуски станици. Вкупното времетраење на возење во еден правец изнесува 35 минути, а временскиот интервал меѓу две возила на автобуските станици ќе изнесува 3 минути. Другите автобуски линии ќе бидат во функција на превоз за довезување и развозување на патници до БРТ. Автобусите од БРТ-системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, а геометријата на раскрсниците и депоата обезбедува непречено движење на 24-метарски возила. БРТ ќе го зголеми квалитетот на услугата во јавниот градски превоз, ќе ја намали потребата од користење индивидуални возила, поради што ќе се намалат штетните емисии на издувните гасови и бучавата.
Изглед на улиците
Во програмата на Петре Шилегов за локалните избори, има малку повеќе информации за тоа како би изгледале главните булевари каде ќе проаѓа овој систем. 82 % од трасата на БРТ системот, ќе биде одвоена со дрворед. 15 % ќе биде одвоена со столпчиња од останатиот сообраќај. Останатите 3 % од трасата (кај Рекорд), ќе биде пешачка зона.

На сликата подоле се гледа булеварот “Партизански одреди” како изгледа сега и како би изгледал со овој БРТ систем.

Може да се забележи дека целосно го снемува средишното зеленило, каде ќе се движат автобусите. Но, истото се враќа со поголема површина скоро 6, наместо 5 метри колку што било претходно. Исто така, ширината на коловозните ленти за автомобили е скратена од 3,5 на 3,25 метри.
Подоле е и примерот за булеварот “Јане Сандански” во Аеродром.

Слично како и на булеварот “Партизански одреди” и тука средишното зеленило со ширина од 10-тина метри го снемува, но се враќа со зголемена ширина од 14 метри. Ширината на коловозните ленти е и тука намалена на 3,25 метри.
Како што сите знаеме, во средишниот дел на тие булевари има многу дрвја. И стари, но и млади. Прашањето е дали е планирано сите да се сечат или да се пресадуваат. Од страна, не е многу паметно како еден од позагадените градови да се сечат сите дрвја во средишниот дел. Од друга страна, на подолг рок овој дел би имал многу повеќе зеленило и дрвја од претходно. Но, што до тогаш? Цената на овој проект изнесува 70 милиони евра. Тие ќе бидат заем од ЕБОР, којшто е веќе одобрен и ќе се враќа во текот на наредните 15 години.
Алтернатива на БРТ системот
БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ
Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме ЦЕЛОСНО БЕСПЛАТЕН квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор.
250 НОВИ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ
Заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси.
Тешко дека некој од граѓаните ќе се побуни на оваа идеја за бесплатен превоз. Па дури и на набавката на нови 250 модерни автобуси. Но, тука се јавуваат други прашања. Како ќе биде одржлив овој бесплатен превоз за ЈСП? Со каков квалитет ќе бидат новите 250 автобуси и колку ќе чинат, ако знаеме дека за последните 33 еко-автобуси што ги обезбеди претходната локална власт, се потрошија околу 12 милиони евра. Во исто време има најава од ЕБОР дека парите одобрени за проектот БРТ, нема да може да се пренаменат.
Апелираме до новата градоначалничка да се внимателно и детално да се разгледа проектот, да се дадат сите детали до јавноста и да се каже што би било алтернативно решение за јавниот превоз во Скопје. По собирање на сите податоци и објавување во јавноста, да се отвори јавна дебата на повеќе експертски лица. На крајот да се одреди датум за Референдум на којшто жителите на град Скопје би го кажале последниот збор. Скопје нема време за губење!