На почетокот на ноември, се отвори долго-очекуваниот тунел под познатиот плоштад Плаза де ла Глориес (Plaza de las Glòries) во Барселона. Новиот инфраструктурен зафат ги води автомобилите во подземен тунел, долг околу 1 километар. Тој се наоѓа во срцето на Барселона и овозможува мир, тишина и чист воздух во овој дел на градот.
Од 2019 година, урбаната површина над тунелот (порано улица за автомобили) е пренаменета во зелен простор од 20,000 метри квадратни. Истиот простор бил зголемен овој септември поради изградбата на игралиште.
Тунелот оди под локалното метро
Засега, овој тунел е во функција само во еден правец, односно кон Бесос, североисточната периферија. Патниот правец во спротивната насока, се очекува да биде отворен во јануари, наредната година. Тунелот е лоциран во близина на кулата Агбар, една од најпознатите архитектонски знаменитости во градот.

Изградбата на тунелот била исклучително комплексна и резултирала со тунел со должина од 957 метри. Значајно е да се спомене дека тунелот оди под метро линијата L1, како и под трамвајските линии R1,2,3,4.
Тунелот содржи два дела: првиот, долг 508 метри, помеѓу улиците Los Castillejos и Badajoz со максимална длабочина од 25 метри. Вториот дел, долг 449 метри, се наоѓа помеѓу улиците Badajoz и Rambla del Poblenou, со максимална длабочина од 10 метри.
Во тунелот е инкорпорирана најнова технологија на заштитни и контролни мерки, со излези за итни случаи одделени на растојаните од 200 метри, како и нов контролен оператор, специјализиран за тунели.

Оваа инфраструктура се очекува да префрли голем дел од сообраќајот во овој дел од градот, што е околу 78,000 возила на ден. Пред почетокот на градбата, вкупната бројка на возила што поминуваат во овој дел изнесувала 95,000 возила на ден.