На 30.11.2021, со почеток во 11:00, онлајн преку ЗООМ платформата ќе се одржи промоцијата на првиот извештај во сенка на граѓанските организации за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени.
Целта на извештајот во сенка е да ја претстави оценката на граѓанските организации за статусот на приближување на законодавството на ЕУ за животна средина и климатски промени во Македонија. Приближувањето го вклучува статусот на усогласување и спроведување на правото на ЕУ за животната средина, како и административните капацитети на национално и локално ниво.
Извештајот ги сумира заклучоците од извештаите за следните области од Поглавјето 27: хоризонтално законодавство, воздух, води, управување со отпад, индустриско загадување и управување со ризик, заштита на природата и климатски промени. Истиот нотира дека европското законодавство за животна средина е на добро ниво транспонирано во националното законодавство во Република Северна Македонија што овозможува негово спроведување. Сепак, спроведувањето на законодавството е на почетно ниво речиси во сите области, што е резултат пред се на слабите административни капацитети и недостигот на финансиски средства, како и на начинот на управување со овој сектор.
Извештајот е изработен во рамките на проектот „Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за поглавје 27“, имплементиран од ГО Центар за климатски промени и финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, со главна цел да обезбеди меѓусебна комуникација помеѓу граѓанските организации и надлежните органи и да ги следи преговорите со ЕУ за Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени.
На почетокот на настанот, поздравни говори ќе одржат г-дин Никола Димитров, Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, г-дин Насер Нуредини, Министер за животна средина и просторно планирање и г-дин Александр Кржаловски, Директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
За да се приклучите на настанот Ве молиме користете го следниот линк https://us02web.zoom.us/webinar/register/WN_S9rUfhQuRcyPG9FmCxsNog