Амстердам сака да ја намали максималната брзина на возење на повеќе улици во градот и тоа веќе од 2023. Намерата е јасна, зголемување на безбедноста и квалитетот на животот во градот. Ова веќе станува европски тренд, бидејќи брзината на возење е ограничена и во други метрополи како Париз, Милано, Хелсинки.
Оваа мерка има широка поддршка од повеќе советници, но ќе треба да се изгласа на 23ти декември, пред да стапи на сила во 2023.

Следење на Европски тренд за безбедни улици во градовите
Доколку советот го одобри овој предлог во декември, во блиска иднина максималната дозволена брзина на улиците во Амстердам ќе биде 30 km/h. Намалувањето на максималната брзина од 50 на 30 km/h, ќе важи за 270 km од постоечките 500 km улици во градот.
Ќе има и исклучоци, за јавниот транспорт и возилата за итна помош, на кои ќе им биде дозволени да се движат со брзина до 50 km/h. Дополнително, овие возила ќе можат да возат со таа брзина на посебни коловозни ленти.
За време на преодната година, додека да стапи правилото на сила, градот ќе треба да се подготви соодветно. Ќе треба да се постави ново хоризонтално и вертикално означување. Ќе има и кампања, со цел да се подготват и граѓаните за оваа промена.
Локалните власти ги известиле жителите за кои улици ќе важи ова правило. Исто така направиле и интерактивна мапа каде може да се видат засегнатите улици.