• пет. Мар 31st, 2023

Голема волонтерска акција за чистење на Расадник

Дек 6, 2021

Вчера во Кисела Вода се одвиваше голема волонтерска акција за чистење на Расадник и за обезбедување на донации за социјално загрозените лица. Настанот е во организација на Општина Кисела Вода, Волонтерски Центар Скопје и „За почиста Македонија“ и се одржува во знак на одбележувањето на Меѓународниот ден на волонтерите – 5 Декември.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и самиот донираше за Центарот за деца од улица и за социјално загрозените семејства од Кисела Вода, по што, од Домот на култура-Кино Кисела Вода, заедно со волонтерите се упати во Расадник и зеде учество во големата акција за чистење на овој запуштен дел од  општината.

-Во знак на поддршка на волонтерството како важен акт кон подобро општество, Општина Кисела Вода се вклучи во организирање на денешниот настан кој има социјална и еколошка компонента. Дониравме, но и ги повикавме сите наши жители да бидат дел од акцијата за донирање на социјално загрозените од овој дел на градот, да ја покажат својата хуманост кон оние што имаат помалку. Паралелно сме вклучени во акцијата за чистење. Во општина Кисела Вода веќе неколку седмици тече големата акција за генерално чистење во сите месни и урбани заедници, но денес ги повикавме и жителите, нашите соседи, да излезат на терен заедно со службите и заеднички да го исчистиме Расадник. Благодарни сме на сите оние што се одзваа на повикот и што дадоа свој придонес во поттикнување на свеста за волонтерството, хуманоста и екологијата-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Се чистеше и рачно и со механизација. За сите волонтери, беа обезбедени ракавици, вреќи и топол напиток во Домот на културата во Кисела Вода“,  каде заинтересираните можеа да донираат и да слушнат и за активностите што ги нуди Еразмус + програмата за младите лица. Настанот траеше до 15 часот.

Извор