• чет. Јун 1st, 2023

БРТ или некој друг концепт за јавниот превоз? Се најавува референдум

Дек 10, 2021 ,

„Јас со мојот однос мислам дека сум целосно спротивност од она кое што сме го имале во претходното раководство на градот. Планирам да воспоставам еден поинаков можеби начин на соработка. Од следната недела па натаму со отпочнување на редовни контакти со медиумите. Не само со брифинзи туку и со прес конференции едноставно ќе се елаборира што е она кое што се случува во градот“. Истакна Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Арсовска додаде дека сака да има одговор на сите прашања кои ги мачат граѓаните. Со еден месец како градоначалник тоа не е можно.

„Отпочнати се процесите за сите работи. Не само за проектите кои треба да се реализираат туку и за ревидирање на сето она кое што се случува во градот. Навистина наидуваме на зачудувачки работи. Верувам дека за истите низ еден процес кој што ќе биде транспарентен понатаму и ќе биде разоткривани состојбите“, рече Арсовска.

Арсовска посочи дека низ кампањата работеше со сите скопјани. Работеше со луѓето кои што и се пријатели и со луѓето кои ја познаваат и исто со луѓето кои ја поддржуваа.

„И како што кажав и ќе бидам претставник на сите скопјани во градот Скопје. А, сега во овој момент во Градот Скопје работам со луѓето кои што се таму од претходното раководење на градоначалникот, но и со оние пред него. Значи тоа се луѓе кои што се професионалци, кои што ја знаат и препознаваат својата работа. И сите оние луѓе кои што се професионалци и кои што својата работа ја обавуваат во интерес на градот Скопје не на мене пред се, туку во интерес на скопјани мислам дека треба да им се даде можност. Верувам дека тоа ќе биде најдобриот чекор да се има континуитет во работењето на Градот Скопје“, појасни Арсовска.

Арсовска укажа дека скопјани заслужуваат да имаат брзо, ефикасно и ефективно раководство. Потребно е детално ревидирање посебно на оние крупни проекти за кои што во нејзината програма имаше детални забелешки.

За БРТ превозот не постои ниту презентација пред совет на град Скопје. Но нема ни одлука на Совет на Град Скопје, а тие се претставниците на граѓаните во градот. Преземале обврска дека ќе потрошат 70 милиони евра, а Советот не донел одлука. Изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во „Само интервју“ на Канал 5 додавајќи дека ниту скопјани се прашани, ниту запознаени за истото.

– Немам намера да правам нешто без да ги консултирам скопјани, бидејќи тие не се консултирани за решението БРТ. Во 2017 некој имаше кампања за трамвај која во 2019 премина во БРТ. Во самите анализи кои се нарачани од градот Скопје се кажува дека за граѓаните овој проект е непознат и не знаат што ќе донесе овој проект, рече Арсовска.

Таа додаде дека постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение.

– Ризици се како отстранувањето на средишното  зеленило од Партизанска, но поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната водоинсталација за питка вода за Скопје. Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети нации. И дека истото не вкалкулирано во буџетот од 70 милиони евра. И дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка детектирано е но и од нормалниот живот. И тоа е дополнителен трошок од над 6 милиони евра, вели Арсовска.

Според Арсовска, чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани. Па потоа да одлучат дали е ова добро решение за нив.

– Јас понудив концепт за кој граѓаните се решија, но и споменав референдум. Има многу напади секојдневно и закани, но немам намера да потклекнам пред истите. Референдум е една од опциите кои може да се понудат дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ кое ќе го оптовари буџетот на државата за 70 милиони евра, нагласи Арсовска.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија истакна дека бесплатниот јавен превоз е најавен како етапно спроведување. Првата фаза веќе е отпочната, а таа е ревидирање и оптиминизирање внатре во процесот.

„За пензионерите во секој случај е неопходно да се врати бесплатниот превоз кој што го имаа претходно. Тоа е нешто кое што навистина е во нивен интерес. Mислам дека заслужиле и како категорија на граѓани заслужуваат да имаат бесплатен јавен превоз. Понатаму да се изедначат категориите, ги видовме дека ги има според мене.  Тоа е едно воведување на еднаквост не само за студентите и средношколците, туку и оние кои што се во приватните средни училишта и на приватните факултети. Тие не се ништо помалку ученици или студенти. Значи мораат да имаат иста таква подеднаква привилегија како сите останати за да можат да ги користат“, појасни Арсовска.

Арсовска додаде дека ќе се воведат не само овие траси кои што се најавени туку да се направи план програма за да можат да се донесат нови електрични автобуси. Тие потоа да се стават на брзи ленти кои што би требало да бидат регулирани. Таква е праксата во сообраќајот во голем дел од метрополите низ Европа.

Извор